Без капацитет за владеење

(Ова е гостински пост на Новица Наков од Слободен софтвер Македонија и е коментар на Апликацијата „МојВоздух“ наскоро ќе овозможи попрецизно лоцирање на загадувачите на воздухот)


Што точно треба да прават граѓаните откако на Мој Воздух ќе видат дека некој голем загадувач се наоѓа на 2 километри од нивната улица или населба?

Ова прашање, за оние што следат, е една од главните дилеми за кои што често пишува Евгени Морозов; може ли технологијата да ги реши проблемите на граѓаните онаму каде што државата затајува? Но, навистина, што можат да направат граѓаните со овие нови информации? Да протестираат пред малата фабрика што нема филтер? Да го блокираат дотурот на отпад на приватната депонија? Физички да се пресметаат со оние што палат огнови на отворено или оние што во нивните печки ставаат гуми или друг опасен материјал? Сето ова е личи на лакрдија.

Државата располага со сите можни механизми и поединечно и групно да се справи со проблемите со загадувањето.

Централниот регистар на Македонија има податоци за сите компании; оттаму може да се извадат податоци за тоа кои компании имаат дејност поврзана со отпад; кои се нивните локации, било седишта или подружници; и таму на лице место да се направи проверка за тоа како тие се справуваат со отпадот.

Онаму каде што Централниот регистар нема да може да помогне тука е Управата за јавни приходи која знае кои сѐ субјекти плаќаат даноци (на пример за вработени) или со други зборови имаат некаква активност. Потоа тука е и градот Скопје кој што има податоци за компаниите според фирмарините што ги наплаќа.

Анализа на овие податоци може да каже и не само кој овластено и чисто или не работи со отпад, туку и кои компании имаат веројатност да исфрлаат отпад кој што би придонесувал кон загадување. Државниот завод за статистика е тука да дополни со класификацијата по дејности која што е пренесена во Централниот регистар.

Понатаму, тука е и државното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (популарно, од времето, наречено ПУИК) кое што на граѓаните кои немаат дом (па затоа се принудени да живеат и греат на отворено) може да им обезбеди социјални станови, дури и бесплатни, бидејќи подобро мал број на луѓе во бесплатни државни станови отколку голем број на луѓе со респираторни болести предизвикани од диви огнови.

Министерството за внатрешни работи има евиденција за сите возила што се возат во Македонија. Може да се искористат тие податоци за правање на план на еднократен увоз на субвенционирани мали градски возила за жителите што им треба ново нискозагадувачко возило под услов да се откажат од старото. Па потоа тука се и опциите за забрана за стари дизел возила, или забрана на дизел возила воопшто.

Работи како ширење на мрежата за парно и субвенционирање на цената на парното исто така се во надлежност на некое ниво на власт – било влада и град Скопје, како и, во времето додека дојде гасот по цефки, дотур на гас во резервоари за најкритичните предгарија и приградски места.

Со други зборови апликацијата МојВоздух наскоро само на површината на нештата ќе овозможи попрецизно лоцирање на загадувачите на воздухот. Всушност ќе овозможи многу поточно да видиме каде сѐ државата потфрла во нејзината обврска за заштита на животната средина или попрецизно за заштита на нејзините граѓани (даночни обврзници). Со оглед на тоа дека загадувањето веќе наликува на траен проблем, всушност ќе добиеме целосна слика за недостигот на капацитет на владењее во подолг временски период во Македонија.

Македонија нема проблем со непознавањето на вистинските причини за загадувањето, туку со неволност да се откријат причините преку механизмите со кои државата располага, бидејќи тие можат да водат кон политичко тешки одлуки. Нема бенигни решенија на тешките проблеми.

Се разбира, ништо од ова не е за да го обесхрабри Горјан Јовановски во неговите напори за подигнување на свесноста со загадувањето преку МојВоздух. Опасноста останува дека и со прецизност од 7×3.5км некои државни служби да се правдаат дека тоа е голема површина да се пребара.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии