Што е стартап? Уште поважно – кој работи во стартапите? Дали се тоа млади луѓе и студенти, како што очекуваат државните институции и акцелераторите, кои треба да се обучат како своите нови идеи да ги претворат во компанија; или зборуваме за искусни претприемачи кои зад себе имаат успешни и неуспешни проекти, и кои се обидуваат да претстават уште еден модерен продукт на пазарот? Треба да зборуваме за втората група, бидејќи успешните стартапи се основаат од луѓе и тимови од кои инвеститорите не се плашеле да вложат неколку милиони евра. Стартапите можеби се нешто ново и интересно во Македонија, но терминот во суштина е само друго име за бизнис кој на крајот на денот треба да прави пари.

Викендов се оддржа Startup Europe Week, најкомплетниот и најсериозен стартап настан што сме го имале во Скопје. Беше поддржан од Европската комисија, и вклучуваше говорници од сите релевантни страни – имаше претставници од државните институции, имаше акцелератори; имаше стартапи и претприемачи; и инвеститори. Но, можеби симболично, се отслика македонската стартап реалност – сите групи си се држеа за своето, одделени во панели, секој задоволен од својот говор, без желба да останат и да го чујат мислењето на другите страни.

#wethefuture on #SEweek16 Brainster with Mitko Darko Teddy Eva @natasa and Viktor

Posted by Petar Ninovski on Saturday, February 6, 2016

Најдобрата критика на стартап сцената дојде од Европската комисија, поточно од Исидоро Ласо Балестерос кој преку видео повик на Skype побара поддршка за локалните стартапи.

„Сакаме Startup Europe Week да ги поттикне властите да зборуваат со стартапите. Институциите гледаат на примери од различни западни региони, и зборуваат со консултанти; но тоа што навистина треба да го прават е да одат на настани и да ги посетуваат co-working просторите за да ги запознаат локалните стартапи“.

Неговиот коментар е насочен кон државните институции, но не треба да ги ослободиме од одговорност и инвеститорите кои веруваат во грандиозни приказни за профитабилност од Сан Франциско, без да ја разберат локалната заедница; ниту стартапите кои треба да разберат дека треба да учат и од административци што зборуваат за даноци, без разлика колку и да се досадни.

Земете го примерот на еден од најмладите основачи на стартапи кои говореа на конференцијата, Теди Пејоски од G6 Solutions што се фокусира на мобилни апликации и софтвер. За G6 и Теди еден од неколкуте влијателни фактори што им помогнале е поскапиот и попрофесионален сметководител, кој им понудил експертиза што им фалеше за да пораснат од шест на дваесет вработени. Друг бирократски пример доаѓа од Митко Цабевски, кој како Македонец се расправа по шалтери бидејќи неговиот паметен штекер, u:Plug, е ко-основан во Хрватска, што сега е европска земја. Иако тој има успешна приказна со инвестиција и одличен производ, еден од поголемите проблеми му се да ги разбере бирократските работи бидејќи доаѓа од не-европска земја.

Major 󾮂 Speakers #SEweek16

Posted by Mitko Cabevski on Friday, February 5, 2016

Секој има стартап бидејќи стартапите се кул!

Лесно е да се разбере зошто стартапите се идеализираат. Има купишта приказни (и IT.mk е виновен во нивното раскажување) на студенти кои направиле стартап и станале милионери за кратко време. Mожеби сте чуле за Марк Зукерберг, Бил Гејтс, Лери Пејџ и Сергеј Брин, Стив Џобс…? Ваквите митски приказни денес ги охрабруваат младите претприемачи да започнат стартап бидејќи нема да работат од 9 до 5, туку ќе бидат креативни и иновативни.

Тој сон е поттикнат и од бројните настани и акцелераторски програми кои поддржуваат почетни идеи, таканаречени pre-seed инвестиции. Акцелератори како SuperFounders и NewMen’s Business; куп стартап настани како Startup Weekend Skopje и други, постојано нудат менторство за млади луѓе кои започнуваат свој бизнис. Постојат организации како Arno.org.mk кои охрабруваат да ја посветите целата енергија во креирање на стартапи кои користат зелени технологии и органска храна. „Идеите кај младите луѓе се најубави“, вели Димитар Трајанов, поранешен декан на ФИНКИ и сега директор на Social Innovation Hub, акцелератор кој промовира социјално претприемништво, што е од огромно значење за секое модерно општество.

Но, кои се успешните локални приказни?

Во Скопје од неодамна е присутен South Central Ventures, европски VC фонд кој бара балкански стартапи да инвестира од 100.000 до три милиони евра во најдобрите балкански стартапи. Но, ако порано сите се жалеа дека нема пари, сега инвеститорите се жалат дека нема бизнис менталитет меѓу стартапите.

„Пари има“, вели Ивана Станковиќ, претставник на SC Venture, „но тешко се наоѓаат старатапи во кои вреди да се инвестира. Ние не бараме стартапи кои имаат само идеја или немаат фокус, па скокаат од една идеја на друга. Бараме искусни тимови и претприемачи кои можат нивниот продукт да го продаваат глобално, и кои можат да генерираат приходи. Ние бараме излез во рок од пет години“.

Пари има и од другите програми на Европската унија, како Horizon 2020, од регионалните инвеститори и акцелератори како бугарските Eleven и Launchub кои веќе вложија во неколку македонски стартапи… пари има и од македонските власти, поточно од државниот Фонд за технолошки развој и иновации (ФИРТ) кој до сега инвестираше над 1 милион евра во околу 30 стартапи и иновативни компании. Иако, искрено тоа се многу стартапи за една година (за три години тоа се стотина стартапи!?), сепак е доволно доказ да се отфрли митот дека нема пари. „Бараме искусни луѓе со капацитет за бизнис менаџменти и за маркетинг вештини“, вели Љупка Митриновска од ФИРТ. За нив е важно да најдат стартапи и компании кои ќе внесат иновации, но и кои ќе почнат да прават пари.

Не треба да заборавиме дека зборуваме за инвестиција, не за донации. Сите очекуваат парите да им се вратат назад.

Што е тогаш клучот за успехот? Тимот, се разбира, вели публиката на Startup Europe Week, која беше составена од најразлични професионалци. Дарко БулдиоскиNew Media MK, кој иако беше говорник на конференцијата, направи мала анкета со публиката во која се распраша за најважните фактори за успех на еден стартап. Еве ги резултатите:

Image courtesy of Komunikacii.net

Image courtesy of Komunikacii.net

Kако до сериозна стартап сцена?

Ако сакаме да имаме македонска стартап сцена, треба да имаме првин вистински примери на компании што продаваат надвор од Македонија, повеќе стартапи кои привлекле инвестиција, повеќе инвеститори кои сакаат да ризикуваат пари, и повеќе основачи што знаат како да креираат бизнис план. Треба во Македонија да ја префрлиме дискусијата од „млади и креативни луѓе со нови идеи“ кон „иновативни претприемачи“ кои, без разлика од возраста, имаат знаење како да креираат бизнис. Луѓе што лесно ќе разберат што е growth hacking, термин што Ева Пиперевска од G6 и организатор на неколку стартап настани, го претстави на конференцијата. Иако овој аналитички маркетинг за развој и промоцијата на стартапите се користи со години, сепак е нов и нејасен концепт за македонските стартапи.

Треба да ја прифатиме реалноста, колку и да е сурова. Инвеститорите нема да фрлат пари во недокажани проекти и основачи. Тие ќе треба да го научат занаетот преку акцелератори и pre-seed програми, но за да бидат успешни стартапи ќе треба првин да станат претприемачи кои се обиделе и погрешиле, се обиделе повторно и погрешиле пак, сѐ додека не дојдат до исплатливата идеја. Следете ги примерите на најдобрите стартап проекти што ги имаме во Македонија кои се мотивација за сите други: iVote, SportyPal, U:Plug, Fueloyal, кои добија неколку стотици илјади евра; првата конференција за дигитален маркетинг, AllWebMK; Lynx.press, Tesseract Interactive кои креираа своја игра во слободното време додека работеа како програмери, Brainster кој доби инвестиција од македонски ангел-инвеститори, TakeAnAd и други… Tоа што е заедничко за сите нив е што се spin-off компании, креирани од претприемачи кои поминале доооолг пат за да стигнат до тој иновативен проект.

Но, ако се суди според Startup Europe Week – иако македонската стартап сцена заостанува зад сите други, на вистинскиот пат е.

(Full disclosure: Виктор Дано беше поканет како говорник на Startup Europe Week во улога на новинар. Нема стартап.)

2 коментари на “Бев на Startup Europe Week во потрага по македонски стартапи

  1. Ubavo sroceno, kako i sekogas bravo za avtorot.
    Nego problemot e mnogu poopsezen i negovata elaboracija bi zemala poveke vreme i prostor od samiot text.

    Samo nekolku kratki zabeleski:
    – startup scenata (ako voopsto moze da zborime za takvo nesto) kako i se ostanato vo MK e partizirana i podelena
    – kade se role modelite? i tie sto se navedeni gi nema
    – kako i se kaj nas, i ovde debatite gi vodat kvazi eksperti i specijalisti
    – sredstva ima no vistinski izdrzani biznis idei nema
    – timovite se mnogu slabi (najcesto nedostasuvaat lugje koi sto go razbiraat biznisot)

    Sekoja cest na ovie sto se trudat nesto da napravat no vaka ni oddavaat pogresen vpecatok na nas ostanatite. Ako ovie se lugjeto sto ja pretstavuvaat startup scenata (a samo niv gi gledame) togas vpecatokot e deka navistina nemame nisto (ovie se samo za pretstava, zborat i nisto ne pravat). Kade se timovite sto rabotat vo podrumi, firmi, koi navistina nesto pravat a ne se chatalat. Dajte niv izvadete gi i pokazete gi. Treba sveza krv…

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии