Avast: Од безбедносен проект од студената војна до софистициран анти вирус со вештачка интелигенција

Дејан Соколоски

во feature, Вести

Тешко е да се поверува дека компанија која започнала со својот развој како безбедносен проект за време на студената војна денес е една од највредните безбедносни компании во Европа. Ова е приказната за Avast, компанија која започна со работа во 1988 година во Прага.

Avast е основан од Едуард Кучера и Павел Баудис. Г. Баудис го открил „Vienna“ вирусот на флопи дискета и развил софтвер за да го отстрани. Набрзо по ова го убедил и г. Кучера да му се приклучи во креирањето на компанијата. Во прво време биле кооперација, и се викале Alwil. Единствен продукт кој го развивале е антивирусот Avast. Три години подоцна се реформираат во партнерство. Промената доаѓа по падот на „железната завеса“ и ослободување на Чехословачка од руската контрола.

Интересно, една од причините поради кои е основана компанијата е влијанието на Комунистичката партија, иако не во насока која му помогнала. Поради тоа што не бил член на Комунистичката партија, г. Кучера не можел да се занимава со физика. Другиот основач Павел Баудис, денес е еден од ретките милијардери во Чешка, а на неговата „сметка“ има 1,4 милијарди долари.

„Комунистите ми забранија да се занимавам со физика, затоа работев на информатичка технологија која доведе до креирање на антивирус компанијата Avast. Тоа е причината за нашиот успех, во комунизмот нема успешни компании“, се сеќава г. Кучера.

Неодамна со иста осуда на периодот на комунизмот во Чехословачка излезе и другиот основач на компанијата г. Баудис.

„Беше фрустрирачки, дури и ако сте многу добри и направивте многу добра работа, само си го трошите времето и знаењето. Ова беше на крајот на периодот на нормализација, кој го поттикнуваше околината што би ја очекувале од неуспешниот комунистички проект. Многу луѓе ве канеа да разговарате за вашите политички убедувања и ставови, и ако не се задоволни, ќе останете без работа.“

Се чини дека ова сепак било среќна околност. Денес Avast е еден од најкористените антивирус програми, од 2018 година има 435 милиони активни корисници, а од 2015 година имаат и најголем удел на овој пазар.

Првиот антивирус за Windows оперативниот систем беше готов во 1995 година. Го изработи Андреј Влчек за Windows 95, за тогаш актуелната верзија на оперативниот систем. Благодарение на куп признанија и награди Avast доби популарност, но компанијата имаше финансиски проблеми. Еден од партнерите на Alwil, McAfee поднесе понуда за купување на Alwil, но понудите на McAfee беа одбиени.

Вистинските проблеми за компанијата започнаа во 2001 година. Компанијата имаше сериозни финансиски проблеми иако имаше прилично добар производ. Во очај и во паника и страв од банкрот, компанијата се обиде со фримиум модел. Avast им беше достапен на корисниците бесплатно. Како последица на ова бројот на корисници почна да расте. По 30 месеци, во 2004 година дојдоа до бројката од милион корисници, но ова не беше ништо во споредба со она што ги очекуваше во следните години. Во 2006 година Avast имаше 20 милиони корисници. Софтверот стана препознатлив, и 2010 година компанијата го промени своето име од Alwil во Avast.

„Mожевме да го затвориме бизнисот или да промениме нешто. Немавме што да загубиме. Нашиот, локален ривал AVG, го стори истото две години претходно, но направи голема грешка со тоа што не ја понуди услугата на повеќе јазици, вели Боудис во интервју за Forbes. Avast не ја направи истата грешка. Две години откако понудивме бесплатно во 2001 година, Avast имаше еден милион корисници; до 2006 година имаше 20 милиони…

Имавме среќа со тајмингот и многу среќа што Avast не беше само бесплатен, туку добиваше одлични препораките од корисниците.“

Во период кој следеше Avast дојде до нови корисници и добија инвестиција вредна 100 милиони долари. Во 2014 година компанијата беше проценета на 1 милијарда долари. Во овој период Avast веќе беше препознатлив антивирус, а компанијата започна да купува компании кои им помагаа да ја зацврстат својата положба. Во 2014 година ги купија девелоперите на мобилни апликации Inmite за да си го олеснат влезот на пазарот за мобилни уреди.

Две години подоцна во една од најголемите зделки Avast за 1,3 милијарди го купи AVG, кој во овој период беше еден од најголемите конкуренти. Освен што работеа во истата индустрија, заеднички на AVG и Avast е што двете компании започнаа во Чехословачка. Но, иако и AVG имаше голем број на корисници ова не беше единствена, a веројатно не беше ниту главна причина за купувањето. AVG имаше технологија која овозможуваше заштита на сите семејни уреди од еден централен уред, а во период кога интернет на нештата сериозно започна да се развива ова беше следниот предизвик. Проблемите со интернет на нештата и безбедноста дури сега доаѓаат. Бот мрежи од стотици илјади уреди се секојдневие. Во нападите со Mirai беа вклучени 380 000 небезбедни уреди: телефони, компјутери, но и камери, па и паметни фрижидери.

Но, последниве 5 години не се без грешки. Една од најголемите грешки воопшто за безбедносна компанија е пробивањето на форумот на Avast. Податоци на 400 000 луѓе со име, лозинка, имејл адреса беа украдени од форумот за поддршка на Avast.

Во 2017 година компанијата го купи Piriform, производител на популарниот софтвер CCleaner. Едвај неколку месеци подоцна CC Cleaner беше искористен да се инфицираат милиони компјутери на корисници. Хакери дојдоа до пристап и го заменија кодот на 32-битната верзија на софтверот и со ова си отворија „врата“ до компјутерите на корисниците.

Avast веројатно е една од ретките компании кои успешно го нудат својот производ бесплатно на корисниците, а сепак да имаат и заработка. Конкурентите како McAfee не можат да се пофалат со успех како Avast, иако го продаваат својот производ. Avast и денес е бесплатен и е достапен единствено со онлајн преземања. Ова му помогна на Avast, да се спаси од банкрот, и да стане бизнис вреден 4 милијарди долари.

1 коментар на “Avast: Од безбедносен проект од студената војна до софистициран анти вирус со вештачка интелигенција

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии