Apple никогаш нема да направи хибриден лаптоп, вели Тим Кук

Дејан Соколоски

во Хардвер

Apple нема намера да креира хибриден лаптоп, кој би бил комбинација од iPad и Mac, вели директорот Тим Кук. Компанијата смета дека доволно ги познава своите корисници и дека нема да има интерес од вакви уреди во блиска иднина. „Убедени сме дека корисниците не бараат спој на iPad и Mac. Она што не загрижува е дека ниту едно од искуствата нема да биде добро колку што корисниците очекуваат. Сакаме да го создадеме најдобриот таблет на светот и најдобриот Mac во светот. Спојот на овие две заедно нема да постигне ништо. Ќе мора да правите најразлични компромиси,“ вели Тим Кук.

Минатата недела г. Кук во интервју за британскиот Telegraph ги прогласи десктоп компјутерите за минато, но објасни дека не мислел и на Mac. Тој објасни дека повеќе не користи лаптоп на патувањата, туку единствено iPhone и iPad. Фалењето на iPad за жал нема да ја подобри неговата продажба, иако таблет компјутерот останува најпопуларен ваков уред на пазарот. Но, токму производите на Apple како iPad Mini и iPhone телефоните со огромни екрани од 5,5 инчи се причината зошто iPad бележи помали продажби.

Сепак кога уредите се во прашање, покрај својот „инает“ Apple и досега знаел да ги промени ставовите. Најверојатно најдобар пример за тоа се iPhone 6 Plus и iPad Pro. Компанијата долго време тврдеше дека „фаблет“ телефоните се преголеми, но поради се поголемата конкуренција го промени својот став, а корисниците им покажаа дека сепак сакаат поголеми екрани. Истото се случи и со iPad. Иако Apple, и токму г. Кук го исмејуваше Мicrosoft Surface, а легендарниот Стив Џобс ги презираше електронските пенкала, сепак Apple го објави својот 13-инчен iPad Pro со додаток тастатура и стилско пенкало. Изговорот беше дека е наменет за професионалци кои работат во креативната индустрија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии