Apple и Samsung повторно се на суд, и повторно се расправаат кој што ископирал

Apple и Samsung повторно се среќаваат пред суд, и овој пат станува збор за патенти. Apple го обвинува јужнокорејскиот гигант за смислено и систематско копирање на популарните функции на iPhone, и бара 40 долари за секој продаден телефон кој ги нарушил патентите. Samsung пак ја обвинува американската компанија дека ги користи за напад врз Android, односно Google. Судењето започна во понеделник со избор на десеточлена порота, а два члена поради лични причини, веќе побараа изземање од судењето, јави Wall Street Journal.

Ако се суди по отворањето и ова судење ќе наликува на претходното, во кое Apple доби отштета од 930 милиони долари. Според очекувањата Apple го напаѓа Samsung дека тие на развој на iPhone потрошиле милиони долари, за потоа Samsung да им ги украде развиените софтверски функции, на пример slide to unlock. На ова Samsung одговори дека тие се пионери на пазарот, и дека луѓето ги купуваат нивните телефони заради иновативниот хардвер, не некој незначајни софтверски опции. Како и на претходното судење и тука Apple го отвори судењето со потсетување дека првиот iPhone целосно го промени тогашниот пазар, но овојпат имаше и видео потсетување на Стив Џобс и неговата презентација на iPhone.

Samsung пак тврди дека на дел од опциите кој ги презентирал Apple со првиот iPhone, развојниот тим на Android веќе работел на нив. Покрај ова ја обвиниа американската компанија дека го напаѓа Samsung поради тоа што е најголем производител на Android телефони, кои сега се застапени во 80 отсто од пазарот. „Apple се обидува да го добие во судница она што го изгуби на пазарот“, вели адвокатот на Samsung, Џон Квин. Се очекува најголемо оружје на ова судење за Samsung да биде креаторот на Android, Енди Рубин, кој е најавен како можен сведок на одбраната.