Apple гради два нови развојни центри во Кина

Дејан Соколоски

во Свет

Производителот на iPhone и iPad најави инвестиција во два нови развојни центри во Кина. Новите развојни центри ќе бидат во Шангај и Суджоу, а Apple веќе има развојни центри во Пекинг и Шенжен. Компанијата најави дека ќе инвестира 507 милиони долари во развој на овие центри.

Четирите центри ќе бидат отворени подоцна оваа година. Веста за новите два центри пристига во период во кој директорот Тим Кук е во Кина и треба да се обрати пред економскиот форум. Повеќе странски компании имаат традиција на градење на развојни центри во Кина за да ги подобрат односите со кинеските власти, вели Bloomberg. Дополнително. на овие инвестиции во развојни постројки се гледа и како посветеност на одржување на врските.

Apple за прв пат по повеќе години во 2016 година имаше пад на продажбата на iPhone во Кина. Пазарот подолг период и помага на компанијата да го одржи својот раст. Куп локални производители помеѓу кои се Huawei, Lenovo, Xiaomi и Oppo полека го „туркаат“ Apple надвор од Кина.

Засега останува необјавена технологијата која ќе ја развиваат новите развојни центри на Apple во Кина. Аналитичарите гледаат на инвестицијата како на обид за освојување на пазарот, потсетувајќи дека Microsoft по креирањето на развојни центри во Кина ги надмина сите недоразбирања со тамошните власти за лиценцирање на оперативниот систем.