Apple го најавија новиот 13 инчен MacBook Pro

Пред неколку месеци, Apple го најавија наследникот на 15” MacBook Pro, и ја зголемија дијагоналата на екранот за 1 инч. Ова доведе до голем број шпекулации дека истото ќе се случи и со 13 инчниот модел, но Apple сепак се задржаа до истата големина. Секако, иако дијагоналата останува иста, со новиот 13 инчен MacBook Pro кој Apple го најавија пред неколку дена има некои добредојдени промени.

Magic Keyboard наместо butterfly моделот

Најголемата промена, и веројатно онаа која најмногу се чекаше, е тастатурата. Откако Apple го редизајнираа MacBook Pro моделот пред неколку години, огромен број на корисници се жалеа на butterfly тастатурата, што доведе до тоа Apple да ги менува истите кај корисници кои пријавуваа проблеми со нив. И покрај неколку минимални промени, истата остана проблематична.

Извор: 9to5mac.com

Со 16 инчниот модел, а сега и со новиот 13 инчен MacBook Pro, Apple се враќаат на проверениот scissor switch. Истиот е во употреба кај Magic Keyboard тастатурите кои доаѓаат со iMac, и многу од корисниците тврдат дека е една од најдобрите тастатури за секојдневна употреба.

Покрај ова, иако Touch Bar-от останува, сега имаме физичко Esc копче, за разлика од она на допир кое беше достапно досега, што е уште една од работите за кои се жалеа многу корисници.

Што е променето внатре?

Покрај тастатурата, има и неколку внатрешни промени, меѓу кои најзначајна е опцијата новиот MacBook Pro да го добиете со еден од новите процесори на Intel од 10тата генерација. Основниот модел, кој сега има 256GB меморија наместо 128GB, сеуште доаѓа со постар процесор. Максимумот кога се зборува за меморијата се импресивни 4TB, но ова ќе ве чини многу.

Покрај ова, имате и можност да одите до 32GB RAM меморија доколку тоа ви е потребно. Уште една убава промена е што и покрај фактот што основниот модел доаѓа со 8GB RAM, надградбата на 16GB ќе ве чини $100, иако кај претходните модели истата чинеше $200.

За крај, иако некои корисници можеби се надеваа дека Apple конечно ќе извади 13 инчен модел со дедицирана графичка, ова за жал не е случајот. Но, факт е дека новите графички картички кои доаѓаат со десеттата генерација Intel процесори се сосем солидни. Apple велат дека истите можат да се користат за нивниот Pro Display XDR на неговата целосна резолуција.

Што е исто?

Покрај сите новини кои ги носи новиот MacBook Pro, има и неколку работи кои се исти, како на пример изборот на портови. Имате два, или четири, во зависност од моделот, и сите се USB-C со Thunderbolt 3 поддршка како и досега. Покрај ова, тука е и 3.5mm портот за аудио.

Извор: Apple.com

Исто така, останува и тракпадот, кој е еден од најдобрите на пазарот во моментов и нема причина истиот да се смени.

Дисплејот е исто така стариот, со одлична репродукција на бои, но и со истите рамки кои се малку поголеми од некои од конкурентните модели.

Доколку сте заинтересирани за купување на новиот 13 инчен MacBook Pro, истиот треба да биде достапен во iStyle за некое време, а кои конфигурации и по која цена, останува да видиме.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии