Apple ги претстави iPhone 12 телефоните

Дејан Соколоски

во Вести, Мобилни

Image courtesy of Apple

Apple на нов настан одржан од Apple Park ни ги претстави новите iPhone 12 телефони. За првпат новата серија телефони доаѓа со 5G поддршка. Не така одамна компанијата од истата локација ни ги претстави и новите часовници Apple Watch 6, Apple Watch SE и новите верзии на iPad и iPad Air. Овој пат мало изненадување се помалиот iPhone 12 mini и домашниот асистент HomePod mini.

HomePod mini

HomePod mini веројатно и беше најголемо изненадување на овој настан. Главна причина за ова е што на претходниот настан претставија куп други уреди, па мислевме дека овој пат ќе видиме исклучиво телефони. Сепак Тим Кук започна со домашниот асистент, HomePod Mini. Apple се обидува да влезе на пазарот веќе неколку години, но досега Amazon и Google со Alexa и Google Home уредите не оставаат премногу простор. Новиот паметен звучник кој истовремено е и центар на паметниот дом треба да го промени ова.

Фокусот на уредот е на едноставната интеракција со останатите паметни уреди во домот и едноставното користење, од инсталација, до секојдневните команди. Секако Apple и овојпат ги потсети  потенцијалните корисници што добиваат, поточно не добиваат, со уредите на конкурентите Amazon и Apple, а тоа е поголема приватност и заштита на податоците.

Иако е уред за управување на паметниот дом HomePod сепак првенствено е звучник. Поради ова Apple најпрво се фокусираше на акустичните перформанси. Од надворешната мрежа до внатрешноста и насочувачот на звук, па се до S5 процесорот се е направено за идеален звук. Секој 180-ти дел од секундата процесорот го анализира сигналот и ја прилагодува јачината и динамичкиот опсег.

Една од поинтересните функционалности кои се додадени на звучникот се случува кога корисникот ќе постави два уреди во иста соба. Во овој случај наместо да работат синхронизирано, звучниците започнуваат да работа во стерео мод.

Паметниот дел на звучникот започнува и завршува со Siri. Звучникот се поврзува со телефонот на корисникот и може да ги користи апликациите за да испраќа нотификации и пораки до корисникот; може препознае различни гласови на корисниците и врз основа на ова креира персонализирани пораки за секој корисник. Уредот е поврзан и со остатокот на Apple сервисите; На пример ако корисникот побара податок за продавница, одговорот во форма на мапа ќе го чека и на таблата на Apple Car.

Звучникот се поврзува како центар со сите делови на паметниот дом, а преку него и iPhone може да се користи за пренесување на пораки. На презентацијата Apple ја претстави интерком функционалноста која овозможува комуникација помеѓу различни HomePod уреди во домот или за комуникација помеѓу iPhone и HomePod.

HomePod mini пристига на 6-ти ноември, а цената му е 100 долари. Испораката започнува на 16-ти ноември.

iPhone

Секако овие презентации од Apple Park се најинтересни кога компанијата ни презентира нови телефони. Тим Кук оваа генерација на iPhone ја нарече предводник во новата ера, а сè започнува со 5G. Ова се првите iPhone телефони со поддршка за 5G мрежата.

Придобивките од 5G мрежата се несомнени: од побрз интернет и помала латенција дури и во зоните со многу корисници; па се до поголема безбедност како последица на намалената потреба од поврзување на небезбедните безжични мрежи. Првите тестови на мрежата на Verizon покажуваат дека новиот iPhone може да достигне до 4.0 Gbps при преземање и 200 Mbps на качување. Интересно иако една од главните точки на презентацијата беше mmWave 5G, рекламата за пазарите кои не се САД не ја прикажуваат антената. Веројатно технологијата на Verizon нема да биде достапна надвор од нивната мрежа.

Што се однесува до изгледот, новиот iPhone 12 го напушти дизајнот со заоблени рабови и новите телефони се рамни рабови и значително покоцкасти. Ова не е сосем нов дизајн и веќе сме го виделе кај постарите модели. Редизајнот е направен и за да се намали телото на телефонот, и истовремено да се креира простор за антените. Овојпат iPhone доаѓа во 5 различни бои, црна, бела, црвена, зелена и сина.

Новата верзија на доаѓа со 6,1-инчен Super Retina XDR OLED екран кој поради различната форма овој пат е сместен во помал и потенок уред. Резолуцијата на екранот е 2532 х 1170 и 460ppi. Со ова новиот iPhone 12 доаѓа со екран со 2,8 милиони пиксели, тоа ќе обезбеди појасен текст и позабележливи детали кај фотографиите. Забележителна е поголемата заштита на екранот со новата Ceramic Shield заштита која сега е 4 пати поиздржлива.

iPhone 12 доаѓа со A14 Bionic чип кој е надградба на досегашниот A13 Bionic кој се користи во iPhone 11. Ова е првиот 5nm чип во што ќе овозможи додавање на нови функционалности и зголемување на перформансите. A14 доаѓа со 11,8 милијарди транзистори, или 40% повеќе од претходниот чип. Надградби има во перформансите на целиот чип; од стандардниот процесор, па се до графичкиот и процесорот за машинско учење.

Ветувањето е дека новиот процесор ќе овозможи квалитетот на игри за следниот iPhone да биде ист како и на конзолите. Колку ова ќе придонесе за популарноста на телефонот е тешко да се процени, иако барем во моментов не делува веројатно дека некој ќе го купи телефонот за да го користи како конзола или токму ова би било пресудно при избор на телефон. Презентацијата беше искористена и за објава на пристигањето на League of Legends на iOS.

Камерата на iPhone секогаш е дел од најквалитетните кога телефоните се во прашање, иако последните години можат да конкурираат и на производителите на фотоапарати и камери. iPhone 12 доаѓа со дуал камера систем „Ultra Wide“ со f/2,4 и агол од 120° степени. Втората леќа е со f/1,6 оптичка стабилизација и леќа од 7 дела. Двете леќи се 12МР.

Цената на iPhone 12 започнува од 800 долари.

iPhone 12 mini

Покрај стандардните телефони Apple имаше мало изненадување со iPhone 12 mini. Компанијата и претходно го користела „mini“ за своите уреди, но првпат кога во прашање е телефон.

Иако екранот е помал 5,4-инчен, резолуцијата и квалитетот се непроменети 2340 x 1080, 476ppi. Телефонот е помал и полесен од 4,7-инчниот постар iPhone. Освен разликата во димензии речиси и да нема некаква друга разлика телефонот доаѓа со 5G, истата заштита на екран, A14 Bionic чип. iPhone 12 mini чини 700 долари.

iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max

Покрај овие помали уреди Apple претстави и два поголеми ексклузивни модели iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max. Овој уред доаѓа во 4 бои, сребрена, црна, златна и сина. Веројатно најголемата разлика во изработката е рамката околу телефонот која кај овој модел е изработена од нерѓосувачки челик.

Pro верзијата доаѓа со 6,1-инчен, a Max верзијата со 6,7-инчен Super Retina XDR екран.

Веројатно најголемата суштинска разлика помеѓу Pro и стандардниот модел е камерата. Pro доаѓа со тројна камера, на двете претходни камери на овој модел му е додадена и 12MP телефото камера. Новитет на камерата е снимањето на 10-битно HDR видео во Dolby Vison HDR директно на телефонот.

Најголемата разлика е во додадениот LiDAR сензор. Сензорот ќе се користи главно за проширената реалност, но и за камерата за фокусирање во ситуација со намалена видливост.

Цената на новиот Pro модел започнува од 1000 долари, а на iPro Max 1100 долари.

Претпродажбата на iPhone 12 и iPhone 12 Pro започнува на 16 октомври, а продажбата започнува од 23 октомври. Што се однесува до mini и Max верзијата, нивната претпродажба започнува на 6 ноември, а продажбата на 13 ноември.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии