Следете ги парите со бугарско-македонската Xpensy за Android

Следењето на трошоците треба да биде забавна и продуктивна обврска, вели Стефан Цветанов-Захариев, кој го предводи бугарско-македонскиот тим зад Xpensy, нова Android апликација со која следите каде сте ги потрошиле парите. Освен Стефан, кој е во Лондон, останатиот тим во Софија се состои од Android програмерот Борис Русов, одговорен за функционирањето на апликацијата, и македонските дизајнери Јулија Петрушевска и Тихо Алексовски, кои се одговорни за минималистичкиот и прекрасен дизајн што ја прави Xpensy малку поразлична од купот други финансиски апликации.

„Забележавмe дека многу од другите апликации за финансии се тешки за користење, преполни со опции кои луѓето не ги користат и дека апликациите се симнуваат и бришат подоцна“, вели Стефан. „Беше предизвик да им створиме навика на корисниците да ги менаџираат парите преку апликација. Затоа и го смисливме Xpensy. Се обидовме да го поедноставиме начинот на внесување на трошоците и да биде што е можно поедноставна“.

Според Стефан, клучот за едноставноста на Xpensy е фидбекот од корисниците. Апликацијата е прво стартувана во бета, за да може во неколкуте први месеци да се чуе фидбекот и да се додадат неопходните функционалности во финалната верзија. Фидбекот беше избалансиран со конечната цел да се креира апликација за зафатените градски луѓе да внесат трошоци без да кликаат на бројни полиња за информации.

За разлика од многу финансиски апликации кои стартуваат првин на iOS, Xpensy, за да си остане верна на своите идеи, е стартувана првин на Android само поради едноставноста на платформата. За Android е потребно само да се искодира апликацијата и да се закачи на продавницата, за iOS, пак, се потребни сертификати, периоди за тестирање, одобрување од Аpple што се чекори кои пречат во изработката во рана фаза, објаснува Стефан.

„За да го направите првиот чекор, потребно е да имате краток циклус на изработка. Донесувањето одлуки во секој проект е просец во повеќе чекори. Првин треба да започнете со неколку идеи, потоа да го потврдите концептот за да видите што може да се имплементира. Па ви треба брз прототип кој може да го покажете на корисниците за да добиете фидбек. И тука се разликуваат Android и iOS. За Android само кодирате, ја закачувате апликацијата и за неколку часа светот може да ужива во неа“.

Но, Xpensy не брза да биде и на iOS, туку и одговара да биде на Google Play бидејќи нема голема конкуренција. Квалитетот на апликации за Android не е баш на соодветно ниво, и тоа Xpensy може да го искористи бидејќи има прекрасен дизајн и е лесна за користење. Прво ќе се чека да се види интересот на Android, пред да се започне со iOS верзија.

(Tимот зад Xpensy – Стефан, Борис, Тихо и Јулија)

Иако е локална апликација, сепак ќе се таргетира глобалната публика. Стефан е базиран во Лондон, а Борис Русев, Android програмерот, има искуство со американскиот пазар, па ќе се стремат да го искористат тоа во промоцијата на Xpensy. Освен поголемиот број на корисници, глобалниот пазар е подобар и поради ограничувањата со јазикот. За бугарскиот или македонскиот пазар, ќе треба да се обезбеди поддршка за локалните јазици.

„За да одговориме на локалната побарувачка имаме нов апдејт со кој луѓето ќе може да си креираат свои финансиски категории користејќи го својот јазик, ова ќе ни помогне да ја доставиме апликацијата и на странските пазари без да инвестираме многу. На крајот на денот, дизајнот си зборува сам за себе и таа е финансиска апликација каде имате квалитетни икони и броеви, така да јазикот не би требало да биде проблем“.

3 коментари на “Следете ги парите со бугарско-македонската Xpensy за Android

  1. Ме интересира зошто е потребно да се регистрираш за да ја користиш апликацијата? Што се добива со тоа?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии