Апликација на денот: Kупоните на Grouper.mk сега се достапни и преку Android апликација

Grouper.mk, сајтот за групни попусти кој вели дека допринесува со 40 отсто во севкупната е-трговија во Македонија, сега претстави Android апликација со намера да ги мотивира корисниците да купуваат преку мобилен. Aпликацијата нуди полесно купување и пребарување на купони за попусти, но тоа што ја прави „Апликација на денот“ е што го унапредува Grouper.mk. Со апликацијата корисниците нема да мора да ги печатат купоните, туку ќе ги прикажуваат преку мобилните телефони.

Нина Ангеловска, основачот на Grouper.mk, вели дека тренд е да се користат мобилни апликации, дури и во Македонија, па затоа компанијата се надева дека апликацијата ќе привлече нови корисници и ќе го олесни групното купување. Скоро една-петина од посетителите на Grouper.mk доаѓаат преку мобилни уреди, а дури 75 отсто од нив се од Android, што значеше дека апликацијата мораше да биде лансирана првин за платформата на Google. Но, iPhone фанови не треба да очајуваат бидејќи наскоро ќе има и верзија за iOS. Интересно, посетите на Grouper.mk преку таблет компјутери се уште се мали, околу 3 отсто месечно.

„Македонија е далеку од [светските] бројки, меѓутоа во постојан пораст е користењето на мобилни уреди, а очекуваме дека порастот ќе почне да се движи со уште поголемо темпо на квартално ниво. На Grouper околу 20% од посетите на месечно ниво доаѓаат преку мобилни уреди. За сајт кој е позициониран како лидер на пазарот на е-трговија и воедно најголем сајт за групни попусти на развојот на современа мобилна апликација гледaвме како на потреба т.е must have“.

Сепак и покрај се поголемото мобилно присуство, Нина мисли дека е рано во Македонија да се прифати „mobile-first“ стратегијата, каде првин се размислува за мобилни сервиси. Нина вели дека „во Македонија е уште рано да се зборува за стратегија каде се дава предност на мобилните уреди пред десктоп, меѓутоа ние веќе ги гледаме како две одвоени полиња кои бараат различен пристап, како на пример поставување на различни Facebook реклами за паметни уреди и десктоп и слично“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии