Android Nougat заврши со бета, оперативниот систем е достапен на првите уреди

Image Courtesy of Android.com

Новата верзија на Android, Nougat, заврши со бета тестовите и сега е достапна за инсталација на уредите кои го поддржуваат. Вообичаено први уреди со нов оперативен систем се од Nexus серијата.

Сопствениците на Nexus телефоните и таблет компјутери (Nexus 6, Nexus 5X, Nexus 6P, Nexus 9 и Nexus Player); на Pixel C и General Mobile 4G; наскоро ќе добијат известување за надградба. Процесот ќе биде бавен, и можеби ќе бидат потребни неколку недели додека сите телефони не се надградат на новиот оперативен систем, јави TechCrunch.

Android 7.0 доаѓа со куп помали и поголеми подобрувања. Дел од нив најдобро ќе функционираат на корисниците со големи телефони.

Што е ново?

Најголема промена на корисничкиот интерфејс е што сега корисниците можат да отворат две апликации и да ги постават паралелно една до друга.  Корисникот може да ги промени димензиите  на апликациите и да бидат поставени во прозорци. Оваа функционалност и не е премногу корисна на телефоните, но Android N е наменет и за таблет компјутери, Chromebook и Android телевизори, па таму овие промени ќе бидат добредојдени.

Еден од новите функционалности која може да биде навистина корисна е можноста за префрлање помеѓу две апликации. Со „двоен-клик“ на overview копчето корисникот може да се врати на апликацијата која е користена претходно.

Промени во изгледот има во нотификациите кои сега се поблиску до препораките кои Google ги имаше за Material Design. Сепак најголемата промена е можност за реакција директно во нотификацијата. Така корисникот може веднаш да одговори на некоја порака, или да „спакува“ повеќе пораки кои се со слична тема.

Нагодувањата доаѓаат со мала, но значајна промена. Изгледот на менито сега може да се промени, работите во менито да се преместат, а додадена е и множност за отворање само на првите пет функции од менито.

Дел од промените нема да бидат забележани на екранот, но корисниците сепак ќе бидат благодарни. Google ја надгради Doze функционалноста, па сега е поштедлива од претходно. Ако телефонот остане на маса без да биде преместуван, брзо се префрла во штедлив мод, и го зголемува времето помеѓу полнењето на батеријата. Нотификациите можат да го „разбудат“ телефонот како и досега со „Firebase Cloud Messaging“.

Vulkan и Daydream

Оперативниот систем доаѓа со поддршка за Vulkan, ново графичко API, кое треба да биде одговор за Direct x 12. Ова треба да обезбеди подобри графички перформанси, но потребна е поддршка и од графичкиот процесор, а со оглед на тоа колку различни модели излегуваат, ова нема да биде случај секојпат. API-то е поддржано од сите графички процесори кои сега имаат поддршка за OpenGL ES 3.1.

Android Daydream пак е одговорот на Google за виртуелната реалност. Според најавата, уредот и контролерите ќе го направат телефонот платформа за виртуелна реалност. Daydream ќе биде официјално достапен подоцна, некаде во текот на есената. За виртуелна реалност сепак е потребен подобар хардвер. Поради ова Google ќе издава сертификати за уреди кои се „Daydream Ready“.

LG v20 е првиот Nougat телефон

Првиот уред кој ќе доаѓа со новиот оперативен систем доаѓа од LG. „Возбудени сме што може да го понудиме првиот уред кој ќе доаѓа со Nougat.“, вели Џуно Чо од LG, кој го најави LG V20 на почетокот на август.

Многу повеќе податоци и корисни информации за новата верзија на Android, може да прочитата на ArsTechnica.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии