Андреас Елснер, CEO на Телеком: „Дигиталните вештини се основните вештини кои денес се потребни за една успешна компанија“

Пред еден месец започна со работа инкубаторот за дигитални таленти на Македонски Телеком. Инкубаторот е составен од тим на студенти кои ќе работат на дигитализација на процесите во Телеком, но и развој на апликации кои ќе помогнат да се дигитализираат процесите и во општеството.

Ние веруваме дека дигиталните вештини се основните вештини кои денес се потребни за една компанија да биде и да остане успешна“ – вели Андреас Елснер, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, зборувајќи за дигиталната трансформација на Телеком.

Имавме можност да го посетиме инкубаторот и да ги видиме студентите како работат со полна пареа. Тимот се состои од околу 20 студенти со различни профили; е-бизнис студенти одговорни за дефинирање на процесите, андроид, iOS и веб девелопери, како и графички дизајнери.

Никола Кермитчиев, одговорен за тимот кој работи во инкубаторот, ни долови како изгледа и од што се состои работата на студентите. Тимот работи на пронаоѓање на иновативни решенија, апликации и услуги кои ќе придонесат кон побрз развој на компанијата и услугите кои ги нуди на своите корисници, а истовремено студентите ќе добијат практично работно искуство и можеби подоцна и работно место во Телеком.

Инкубаторот е единствен од овој вид во Македонија. Како дошло до идеја за инкубатор за дигитални таленти дознавме од Андреас Елснер, Главен извршен директор на Телеком.

„Идејата за Дигиталниот Инкубатор се роди во средината на 2017 година, кога имавме дискусија за дигитално рекламирање. Дознавме дека сме високо специјализирани за рекламирање, но кога станува збор за дигитално рекламирање, дознавме дека немаме know-how внатре во компанијата. Едноставно, не ги обучивме луѓето за дигиталното рекламирање кое се појави последниве неколку години. На крајот на денот сфативме дека иднината на рекламирањето е дигитална, а ние го немаме тоа знаење во компанијата.

Дали од финансиски, временски или други причини, голем број на компании се одлучуваат овие услуги да ги добиваат од надворешни соработници. Но, г. Елснер смета дека е важно овие вештини да се развиваат внатре во компанијата.

„Ние веруваме дека моментално дигиталните вештини се основните вештини кои се потребни во компанијата, особено во ерата на дигитализација,  за да може компанијата да остане успешна. Кога ги набавувате од надворешни соработници вашите главни вештини, го губите идентитетот, причината да бидете тука како компанија. И тогаш рековме во ред, најдобро е да го внесеме дигиталното знаење во компанијата. Решивме дека ќе започнеме да развиваме дигитални таленти, да ги развиваме со помош на професионалци и потоа да ги инјектираме во организацијата. Но, практикуваме и обратен менторски пристап, што значи дека и младите ги подучуваат вработените, па така развиваме дигитални вештини низ целата компанија.“

Уште при самиот влез во инкубаторот се забележува ентузијазмот кај студентите и нивната желба да го споделат она што веќе го сработиле или проблемите кои ги забележале во постоечките процеси или услуги. За студентите бенефитот е очигледен, работа на реални проекти во интернационална компанија и менторство од веќе етаблирани професионалци во таа сфера. Тоа го наметнува прашањето која е крајната цел и вредноста која инкубаторот ќе ја донесе за Телеком? Г. Елснер детално ни одговори на ова прашање;

Имаме неколку цели на инкубаторот. Број еден е дека сме свесни дека во моментот не ја користиме моќта на нашата апликација telekom.mk каде што клиентите добиваат информации за сметката и сите услуги кои ги користат од нашата компанија. Но, веруваме дека има многу можности за комуникација со клиентите, да се обезбеди персонализирана понуда, да им се даде вистинска вредност на клиентите преку една едноставна апликација. Затоа, студентите најпрво се фокусираат на понатамошно развивање на апликацијата, како и стимулирање и поттикнување на луѓето да ја користат апликацијата.

Број два е е-трговијата. Пред почетокот, 1 до 2% од обновувањата на договори беа направени онлајн, а сега сме на околу 10%. На крајот од годината веруваме дека 25% од обновувањата на договори ќе поминуваат низ дигиталниот канал.

Број три е дека ние веруваме дека нашите идни дигитални професионалци се инкубираат овде, дигиталните таленти зреат тука. И кога ќе ги инјектираме во организацијата, со обратниот менторски пристап, младите ќе можат да ги подучуваат и другите вработени дигитални вештини.

Број четири е дека тука ја креираме и сликата за Телеком. Сите работи што го диференцираат Телеком од другите компании, како иницијативата Go Green, каде работиме на паметни маски кои ги штитат граѓаните од влијанието на загадувањетосе развиваат тука. Но, би сакале да се фокусираме и на мали иновативни работи што нè прават едноставно различни. Ние го нарекуваме тоа дигитален став (digital stance). “

Дигиталната трансформација на Телеком

Македонија веќе доцни зад светските трендови во е-трговијата. Според извештајот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, во 2017 година 20% од интернет корисниците направиле онлајн нарачка, додека Европскиот просек е 68%, а во Велика Британија таа бројка е дури 86%. Тоа можеби се должи на фактот дека целокупното ниво на дигитални вештини како процент од вкупното население изнесува 42%, додека во ЕУ таа бројка е 26%. Но, Андреас е оптимист дека Дигиталниот инкубатор ќе му помогне на Телеком да ги надмине овие проблеми.

„Овие момци и девојки работат end-to-end на е-трговија, од дигитални кампањи, додека клиентот не го добие финалниот производ и сè што се одвива во меѓувреме. Сигурно е дека овде има многу простор и за грешки, но ние сме среќни што првите резултати покажаа дека пред да го имаме Дигиталниот инкубатор, помеѓу 1 и 2% од сите наши обновувања на договори беа извршени на интернет. Во моментов сме на бројка од околу 10%. Околу 10% од обновувањата на договори се извршени преку интернет, и нашата амбиција е кон крајот на годината 25% од обновувањата на договори да бидат направени дигитално. Но, веруваме дека на почетокот треба да ги стимулираме корисниците да го користат дигиталниот канал. Ние даваме стимулативни бонуси кога ќе ја завршите трансакцијата дигитално. Но, подоцна веруваме дека ова нема да биде потребно повеќе бидејќи корисниците ќе ја видат придобивката од ова, дека е многу попогодно да се избере сè на интернет и да може да ви се испорача дома, без воопшто да излезете од домот и да чекате редици во продавница.“

Со оглед на тоа што податоците од АЕТМ покажуваат дека 59% од Македонците никогаш не нарачале или купиле онлајн, а како главна причина за тоа се наведува дека лично сакале да пазарат и да го купат производот, останува да видиме дали овој оптимизам на г. Елснер ќе биде оправдан и понатаму.