Ана Марија Атанасовска освои второ место на Светскиот шампионат во Microsoft Office во Њујорк

Младата Ана Марија Атанасовска, ученичка во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ го освои второто место на светскиот натпревар во кој учесниците ги покажуваат своите познавање од софтвер од Microsoft Office пакетот. Натпреварот Microsoft Office Specialist се одржа од 28 до 31 јули во Њујорк, а Ана Марија се натпреваруваше во категоријата Microsoft PowerPoint 2013.

“Среќна сум и горда на успехот кој го направив за нашата држава и за мене. Успехот од Њујорк е успех за сите и нека претставува еден мотив во иднина за сите млади да земат учество на овој натпревар. Голема благодарност за мојата менторка, за Certiadria, за Семос Едукација, за Стопанска Банка АД Скопје, Град Скопје и за сите кои помогнаа да бидеме дел од овој натпревар” – вели Ана Марија Атанасовска.


На натпреварот учествуваа 153 учесници од 119 земја и пласманот на Ана Марија Атанасовска е извонреден успех. Македонија има учесник на ова натпреварување четврта година по ред, а пласманот на г-ца Атанасовска е и највисок на учесник од Македонија на овој натпревар досега.

„Честитки до сите ученици, студенти, ментори, наставници и професори кои земаа учество на македонскиот натпревар. Четиригодишниот труд конечно се исплатеше. Среќен сум што со напорна работа и многу труд успеавме да направиме историски успех, освојувајќи го второто место во Њујорк. Сигурен сум во капацитетите што ги имаат нашите млади и во нивната желба за личен развој во дигиталниот свет и докажување на дигиталната писменост. Овој настан сакам да го искористам и да ги повикам сите ученици и студенти на возраст од 13-22 години активно да се вклучат во натпреварите и да го докажат своето знаење. Повик и до наставниците, професорите, менторите и родителите од цела Македонија, да ги поттикнуваат своите ученици и деца да се натпреваруваат со знаење и да го инвестираат и насочат своето време, труд и знаење кон нив. Благодарност до сите учесници и компании за досегашната поддршка и се гледаме на 5-от натпревар кој ќе започне во септември оваа година на државно ниво.“ – изјави Марко Серафимовски, директор на Cetiadria, организатор на националните натпревари.

Денес победничката беше и официјално претставена во просториите на i-bank store филијалата на Стопанска Банка. Во просториите на банката се одржува МОС натпреварот, во кој се одбираат националните претставници. Потоа најдобрите претставници како национални победници одат на светскиот натпревар. Македонија може да прати до 9 учесници, но поради финансиски причини одат еден до два претставници.

Според плановите и желбите наредната година Македонија треба да има 9 претставници и тоа 6 во Microsoft Office конкуренција и 3 Adobe натпреварувачи, ветува директорката на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасева.

Идејата на овие натпревари е да се поттикне дигиталната писменост меѓу младите, велат од организаторот.