Американската NSA ги прислушувала телефоните на 35 светски лидери

Националната агенција за безбедност на САД, NSA, прислушувала телефони на 35 лидери од целиот свет, јавува Guardian. Агенцијата започнала да ги мониторира телефонските разговори откако ги добила телефоните од еден службеник во друга владина агенција, покажуваат документите кои ги објави поранешниот аналитичар на CIA, Едвард Сноуден.

Информацијата доаѓа заедно со меморандум од 2006 година на кој пишува дека персоналот на Signals Intelligence Directorate, може да и помогне на NSA да дојде до телефоните на светските државници. Меморандумот ги охрабрува високите функционери во Белата куќа и Пентагон да ги споделат своите именици со агенцијата. Засега идентитетот на 35-те државници останува непознат. Периодот во кој е издаден документот е вториот мандат на претседателот Џорџ Буш, кога државен секретар е Кондолиза Рајс, а секретар за одбрана е Доналд Рамсфелд.

Објавата доаѓа веднаш по веста дека американските власти со години го прислушуваат телефонот на канцеларката Ангела Меркел. Г. Сноуден до сега достави документи кои обелоденуваат дека САД го прислушува интернетот, но сепак се чини дека ова е една од најконтроверзната вест Несомнено овие вести ќе ги нарушат односите на Европа со САД и секако ќе се зголеми недовербата која голем број од европските држави ја имаат кон својот сојузник.

„САД и Европа се соочуваат со исти предизвици. Ние сме сојузници. Но, таквата алијанса не смее да се гради без доверба. Затоа и ќе повторам пак: шпионирање на пријателите не е во ред.“, вели германската канцеларка Меркел на ЕУ самитот.

Европскиот парламент веќе започна со воведување мерки за зголемување на безбедноста на своите граѓани со воведување закони за поголема заштита на податоците. Доколку биде донесен, законот подразбира дека странските компании ќе мора да бараат дозвола пред да ги предадат податоците на владините агенции во САД. Ова се однесува и на гигантите како Google, Microsoft или Apple кои неодамна открија дека немаат многу избор кога агенциите ќе затропаат на нивната врата.