Aмериканскиот FCC гласаше за интернет неутралност, но ќе им дозволи на провајдерите да се договараат

Федералната агенција за комуникации на САД (FCC) со три гласа за и два против го донесе предлогот за интернет неутралност. Според предлогoт, кој има некои сличности со правилата на Европската Унија, на провајдерите ќе им биде забрането да блокираат или да забавуваат сообраќај до сајтови, но тие ќе можат да понудат на дел од компаниите побрз и подоверлив транспорт на содржините до корисниците.

Предлог-регулативата не ги озаконува „брзите ленти“, но истовремено нема ниту да ги забрани што ќе им ги остави одврзани рацете на провајдерите да прават договори со компаниите за поквалитетен и побрз сообраќај. Ова значи дека провајдерите ќе можат на дел од сервисите како Hulu или Netflix да им понудат пакет кој ќе ги префрли во „брза лента“ односно нивниот сообраќај ќе има предност пред останатиот. Ова е посебно лоша вест за стартапите кои што започнуваат и нема да можат да си дозволат да издвојат големи суми за приоритизација на сообраќајот.

„Одлучени сме да го заштитиме и зачуваме отворениот Интернет. Ова што го нудиме денес е предлог не конечна одлука. Бараме специфични коментари за различни начини за остварување на иста цел – отворен Интернет“, изјави претседавачот на комисијата Том Вилер.

Предлогот е отворен за критики и предлози во следните шеесет дена, а во шеесетте дена потоа ќе се дискутира по поднесените предлози, по што законот ќе биде донесен. Ова значи дека предлогот кој ќе биде изгласан можеби нема да биде воопшто истиот закон со сегашниот предлог. Во последните 30 дена до FCC стигнаа дури 21.060 предлози за „Заштита и промовирањето на отворен интернет“