NSA ги шпионирала и француските претседатели Oланд, Ширак и Саркози

Wikileaks објави наводни тајни документи кои откриваат дека американската Национална агенција за безбедност (NSA) од 2006-та до 2012-та година ги следела комуникациите на тројцата француски претседатели, членови на кабинетот и министри. NSA, која е вмешана во неверојатен скандал со масовни следење на мобилни и интернет комуникации, претходно беше обвинета дека го прислушувала и приватниот мобилен телефон на германската канцеларка Ангела Меркел, но и на уште 30-тина светски лидери.

Според Wikileaks, прислушувани се Жак Ширак, Николас Саркози и актуелниот претседател Франсоа Оланд. По објавување на документите, г. Оланд веднаш повика итен состанот со своите безбедносни експерти и изјави дека Франција „нема да толерира“ активности што и ја загрозуваат безбедноста. Повикан е и американскиот амбасадор во Париз да ги објасни документите.

Доверливите документи овојпат доаѓаат од Wikileaks, а не од поранешниот аналитичар на NSA, Едвард Сноуден, кој сега се крие во Русија. Г. Сноуден достапи куп доверливи документи до светските медиуми со кои откри дека NSA има капацитет, алатки и механизми за да го следи целиот интернет и сите мобилни мрежи на сите корисници ширум светот, без врска дали е овластена за таква активнсот. Според американските власти, NSA работи во рамките на легалното бидејќи работи за националната безбедност на САД. Од друг страна, Џулијан Асанж, основачот на Wikileaks кој се крие во еквадорската амбасада во Лондон од страв дека ќе биде екстрадиран во Шведска и ставен во затвор заради силување, вели дека „францускиот народ има право да знае дека нивната избрана власт е предмет на непријателско прислушување од наводен сојузник“.

Wikileaks објави и листа на броеви кои биле „топ мета“ на американските власти како и неколку примероци за пресретната комуникација. Еден од тие примероци откриваат дека францускиот претседател г. Оланд имал тајни состаноци со германски службеници, без знаење на канцеларката Ангела Меркел, за како да се справат со кризата во Европската Унија. Друг документ открива дека поранешниот претседател Саркози сакал да преговара за мир помеѓу Израел и Палестина без да го вклучи САД.

Интересно, францускиот безбедносен совет изјави дека веќе е запознаен со прислушувањето од страна на САД, и дека имале разговори со американските власти во 2013-та и 2014-та година околу следење на комуницијата. „Американските власти дадоа свој збор, кој мора да го почитуваат“, велат од советот за CNN.

Oд Белата куќа велат дека „ние не ги таргетираме ниту ќе ги таргетираме разговорите на претседателот Оланд. Напротив, како што кажавме претходно, ние не правиме никакво прислушување на странски цели доколку тие не се специфични и ја оправдуваат националната безбедност“.