Amazon и Netflix се добитници на BAFTA филмски награди

Мартин Јованчевски

во Веб

На овогодинешните награди на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (British Academy of Film and Television Arts (BAFTA), популарните стриминг гиганти, Amazon и Netflix добија награда по прв пат. Ова доаѓа откако во октомври претходната година BAFTA се изјасни дека за награди ќе земаат во предвид и филмски дела кои се испорачуваат само во стриминг форма.

Netflix ја импресионира академијата со 13th и издвои победа во категоријата за најдобар документарец. Amazon, од друга страна, си отиде дома со две награди и нивниот филм, Manchester by the Sea беше прогласен за филм со најдобро сценарио и со најдобар актер во главна улога. Интересно е тоа што иако 13th постои само во стримиг форма, Manchester by the Sea освојува на два фронта и, покрај стриминг, се прикажува и на големите платна.

Ова, не само што е огромен успех за двете компании туку е и одличен показател за тоа како се менува свеста за филмската сцена и испорачувањето на ваквите дела. На овогодишните Оскари, закажани за 26.февруари, Manchester by the Sea ќе се бори за шест Оскари, а 13th за еден.

Што се однесува за можностите за стриминг од овие две компании, Македонија се наоѓа на интересно место и, иако е можно да се претплатите и на двата сервиси, одредени фактори сеуште се непогодни за гледачите од нашата држава, особено кога ќе се земе соодносот цена-квантитет, а со тоа и квалитет. Имено, Netflix бара месечна претплата од 10 евра, а нуди многу малку содржини. Слична е ситуацијата и со Amazon кои нудат значително помалку содржини по цена од 3 евра месечно во првите шест месеци (потоа цената скока на 6 евра месечно). Тоа значи дека плаќате иста цена како во Соединетите Држави, а поради регионални ограничувања, гледате неверојатно мал дел за платеното. И самите компании се свесни за проблемите и често се изјаснуваат дека работат на тоа да ги прошират нивните каталози со што е можно повеќе филмови и серии.