Amazon ја претстави следната генерација Alexa уреди

Дејан Соколоски

во Вести

Image courtesy of Amazon

Amazon претстави неколку нови уреди, а дел од нив се прилично далеку од стандардното портфолио на компанијата. Покрај стандардните уреди за управување на домот овој пат се достапни и неколку уреди како Alexa очила и прстен кои не се нешто на што сме навикнати од компанијата.

Новите Amazon Echo звучници иако немаат преголеми надградби сепак се подобри од претходникот. Така Amazon Echo Dot сега доаѓа со часовник кој по потреба може да биде и тајмер. Ова е овозможено со новиот LED дисплеј на кој може да биде сместена и прогнозата за временските услови. Оваа верзија на Dot доаѓа за 60 долари, 10 долари повеќе од претходникот.

Echo Studio е уредот кој Amazon го намени за луѓето кои се заинтересирани на својот звучник за управување со домот првенствено да слушаат музика. Studio доаѓа со 5,25-инчен вуфер, 1 звучник-високотонец и 2 звучници-среднотонци.  Доаѓа со засилувач кој треба да обезбеди репродукција на звук без загуби. Секако музиката доаѓа од Amazon Music HD сервисот. Цената на ова „задоволство“ чини 200 долари.

Надградба има и за „таблет верзиите“ на Echo. Echo Show 8 е звучник кој доаѓа со 8-инчен екран и треба да биде замена или барем алтернатива на два уреди 5-инчните и 10-инчните Echo Show. Со оглед на тоа дека има и екран овозможувањето за гледање на видео содржина, видео разговори и слично. Покрај екран Show доаѓа и со вградена камера.

Еден од помалку карактеристичните уреди за Amazon се Echo Buds. Станува збор за безжични слушалки, што повторно се некаков уред кој овозможува пристап до Alexa.  Слушалките имаат неколку интересни функционалности кои се поврзани со мобилноста. Така корисникот може да добие насоки за движење до некоја локација, да повика Uber превоз, секако да слуша музика. Echo Buds овозможуваат 4 часа разговор или 5 часа музика пред да треба да „одат на полнење“. Ќе бидат достапни за 130 долари.

Echo Frames и Loop се уредите кои се најдалеку од стандардните кои Amazon досега ни ги претставил. Станува збор за паметен прстен и очила. Дали навистина има потреба од овие уреди е тешко да се претпостави. Прстенот доаѓа со микрофони кои овозможуваат поставување на прашање до Alexa или кратки разговори. Loop всушност е своевидна верзија на Echo „збутана“ во минијатурен простор. Слично како паметните часовници прстенот се впарува со телефон, па може да се користи за известување кога корисникот ќе добие некаква нотификација на телефонот, а копчето од прстенот може да се користи за повикувања на претходно одбран телефонски број.

И очилата како и сè на оваа листа доаѓа со Alexa. За разлика од останатите паметни очила за проширена реалност овие немаат камера, но имаат 4 насочени звучници. Со помош на овие звучници корисникот ги добива одговорите од Alexa, може да разговора на телефон, да слуша музика и слично. Засега звучниците и очилата се во ограничена серија и достапни единствено со покана. Дополнително Amazon објасни и дека станува збор за уреди кои се во рана фаза од развој. Дали навистина има потреба од ваков уред? Веројатно засега не, иако Amazon нема да остави ништо на случајот. Цената на очилата е 180, а на прстенот 130 долари.


Дури 63,2 отсто од паметните звучници се Echo, втор на листата е Google Home so 31 отсто. Сепак оваа доминација на пазарот не може да помине без да се земе предвид и доминацијата која Google и Apple ја имаат кај телефоните. Двете компании го имаат својот асистент на милијарди уреди, Amazon до овој екосистем нема никаков пристап.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии