Amazon го помина Microsoft во заработката од реклами, но компанијата е под истрага во Европа

Дејан Соколоски

во ИТ.ЕУ

Amazon е трета компанија по ред по заработка од рекламите. Далеку пред Amazon се Google и Facebook, но компанијата успеа да го помине Microsoft кој сега се наоѓа зад нив на четвртата позиција. Компанијата од огласите заработи 4,61 милијарди долари, со што ја надмина проекцијата за над 60% (2,89 милијарди).

Заработката од реклами може да се развива и побрзо, со огледот на релевантноста на податоците кои ги има Amazon. Според процените, за неколку години компанијата од рекламите би можела да заработува подобро и од облакот на AWS. Рекламите го имаат најбрзиот раст од сите оддели, а наскоро би можеле да се појават и видео реклами и реклами на Twitch, пренесе Axios.

Помалку во тајност компанијата им објаснува на огласувачите, дека ако огласуваат кај нив нема никаква опасност нивниот бренд да се појави до непосакувана содржина. Ова секако не беше и не е случај, ниту со YouTube ниту со Facebook.

И иако ова се одлични вести, сепак има причина за загриженост. Amazon е во фокусот на Европската комисијa. Европскиот комесар за конкуренција, Маргарет Вестагер најави дека го разгледуваат разделувањето на компанијата. Главна причина за ова е што компанијата „хостира“ куп продавници од различни продавачи, а истовремено и продава исти или слични производи.

Истрагата е во рана фаза, а од Европската комисија засега испраќаат прашања и до продавачите и до продавниците кои продаваат на Amazon. Засега не е потврдено дека воопшто и ќе има потреба од интервенирање.

„Собираме информации за прашањата и испративме повеќе прашалници до учесниците на пазарот. Ова е со цел да го разбереме проблемот во целост. Истрагата е на почеток и официјално нема отворено случај. Се обидуваме да ја согледаме целата ситуација“, вели г-ѓа Вестагер.

Доколку открие дека Amazon ја злоупотребува својата положба на пазарот, Комисијата може да ја казни компанијата со 10% од глобалниот промет, потсети Reuters.