AllWeb уште еднаш покажа дека е конференција за нови идеи

Image courtesy of Elena Fidanska/AllWeb/Facebook

Тоа што ја прави AllWeb 2015 успешна конференција, е што секој пат успева да ме научи нешто ново. И оваа, четврта година AllWeb имаше гости кои ве принудуваа да размислувате за иднината на маркетингот пред кој се највозбудливите промени до сега.

Може да ги издвојам Дејв Бирс од TheDrumStudios и Пол Пападимитроу oд Intelligencr кои настапија со толку самодоверба што им требаше само неколку реченици да пренесат инспирација. Без да им одземам нешто од нивните фантастични презентации, можам да ги сумирам во две едностави и разбирливи идеи. Г. Бирс вели дека „не постои само дигиталното, иднината е во интеграцијата“, додека г. Пападимитроу кој имаше одлична визуелна презентација (која се надевам дека ќе биде објавена од организаторите NewMediaMk, бидејќи е презентација што сите мора да ја чујат и видат); едноставно рече „технологијата постоела од секогаш; таа не е важна, важни се луѓето“.

Но, ако на AllWeb имаше вистински пророци за иднината на дигиталниот маркетинг; оваа година имавме и чест да ги чуеме и претставниците на македонската маркетинг индустрија. Гостуваа директорите на трите најголеми македонски агенции – Publicis, McCann и NewMoment кои требаше да инспирираат со нивното искуство со локални примери.

Но, Александра Дилевска, Владимир Димовски, и Сашо Пешев буквално влегоа во војна со публиката која добар дел беше составена од експерти по маркетинг и луѓе од помали дигитални агенции. На страна деградирањето на „младите креативци кои носат смкнати панталони“, причината за расправата беше што големите агенции се однесуваа како дигиталното да не е важно. За нив, телевизијата е цар во Македонија бидејќи е „поемоционална и поенгејџинг“; дека „веб сајтови секој може да прави“ и спомнуваa програмирање и банери во иста реченица. AllWeb 2015 не беше место за дефинирање на „што е дигитален, а што традиционален маркетинг?“, туку конференција за нови идеи. И тука македонските агенции потфрлија.

Иронијата на расправата меѓу македонските експерти, (и ова можеби е показател за домашната сцена), е што беше целосно промашена од тоа што се презентираше на конференцијата. Ако има начин да се пребарува по клучни зборови низ AllWeb, можеби „адаптирање“ ќе беше најчестиoт термин.

Сите презентации бараа од публиката да се адаптира на новите идеи, да најде нови технологии за да пренесе содржина. Од Мирослав Варга од EscapeWebSolutions кој презентираше како Google може да биде основна алатка со која ќе го адаптирате вашиот маркетинг според вашата таргет група; до Владимир Вулиќ од Digitalizuj.me кој оддржа мотивациски говор на менаџерите велејќи дека „мора да најдете нов начин да решите стари проблеми“; до инстаграмџијата Максимилиан Мунч кој бараше нов начин како да конзумира содржина. „Сите си отидоа од Facebook бидејќи е досаден, луѓето одат на Instagram да раскажат приказна. Затоа јас веќе не разгледувам магазини, јас разгледувам Instagram фидови“, вели г. Мунч. Mожеби Ружица Врдољак од хрватската маркетинг агенција 404 ја имаше најjасната порака „содржината веќе не е доволна, не се плашите од новото“.

AllWeb е фанстастична конференција, во тоа нема сомневање. Но, АllWeb сама по себе, со сите свои фантастични говорници, претходни и идни, може само да служи, иронично, како традиционалната телевизија – седиш, ги слушаш идеите, ракоплескаш. Редот повторно е на македонските маркетинг експерти, соочени со фактот дека во Македонија нема иновативност како што има во соседните земји, да се впуштат во интеракција со своите клиенти. Сите се согласни дека дигиталниот маркетинг е единствениот чекор напред, но како што вели г. Бирс треба да се запомни дека „дигиталната кампања стартува во моментот кога ќе ја објавите, и дигиталните луѓе го разбираат тоа“.

6 коментари на “AllWeb уште еднаш покажа дека е конференција за нови идеи

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии