Alexa е оперативен систем на Amazon за вашиот дом

Alexa и Echo се чекор во иднината на новиот, модерен оперативен систем. Новиот хардвер присутен во сѐ поголем број на домови дефинира потреба од сериозен оперативен систем кој ќе ги поместува границите на она што сега ни е познато во оваа сфера.

Amazon со Echo и со Alexa ќе се обиде да го направи она што Microsoft го направи со Windows или Google со Android. Компанијата благодарение на облакот е во добра положба, но далеку е од доминација со пазарот, особено по лансирањето на конкурентот Google Home.

Echo беше неопходниот дел од целата приказна за паметниот дом. Google ги има паметните телефони, но и Google Home за управување со домот. Експериментот и обидите со Fire таблет компјутерите и телефоните за Amazon е неуспех. Сепак со Echo компанијата успеа да се избори за нова можност. Echo е „антена“ на која може сите уреди да се поврзат со облакот. Од светилки до телевизори, сѐ може да се приклучи и да се управува со Echo. За среќа на Amazon домот е место каде паметните телефони не се неопходни, па предноста на Google, но и на Apple е помалку забележителна. Дополнителна предност е што дома никој не се плаши да изгледа помалку будалесто, па разговорот со машините не е толку стресен.

„Постоеше екосистем кој требаше да се поврзе: повеќе и повеќе уреди, од паметни светилки, до прекинувачи, доаѓаа на пазарот, но за секој производител центарот на домот беше паметниот телефон.“, вели Бен Томсон.

Amazon го препозна својот простор и набрзина креираше основна рамка. Платформа која се активира со говор. Alexa ја нема софистицираноста на Siri, Google Now и Cortana, но е едноставна за користење и го намалува просторот за грешка.

„Echo е првиот корисник на Alexa, но не е единствениот. Оваа година CES е преплавен со производи кои се управувани од Alexa. Тука се вклучени и директни конкуренти на Echo, светилки, сет-топ кутии, телевизори и куп други уреди.“, додави г. Томсон.

Ако се биде успешно и Alexa стане оперативниот систем кој ќе доминира со домот, тоа ќе му донесе уште поголема зарaботка на Amazon. Alexa е бесплaтен оперативен систем и нема директна финансиска добивка, но е одлична можност за платформа за продажба. Најголем дел од купувањето е од дома. Ако Amazon успее да завладее со двете страни, Џеф Безос ќе има причина за задоволство.