Александар Убавков од Мусала Софт: „Постојано инвестираме во развој на идните професионалци“

Disclaimer: IT.mk е медиумски спонзор на MUFFIN Conference 2017.


MUFFIN е годишна конференција, организирана од софтверската компанија Musala Soft. Настанот секоја година има за цел да обедини софтверски инженери, ИТ професионалци и предавачи од сферата на технологии, иновации, трендови, процеси и меки вештини (soft skills).

На тема MUFFIN Conference 2017 зборувавме со Александар Убавков, сајт менаџер во Мусала.

Ова не е прва конференција која ја организирате во Скопје. Како помина и кои се впечатоците од предходната?

Мусала Софт како компанија своето претставување на Македонската IT сцена го оствари преку голем број на конференции, меѓу кои како позначајни можам да ги издвојам Muffin Conference и “Meet the Masters”. Овие конференции беа посетени од околу 500 професионалци, а со растот на компанијата се забележува зголемен интерес за ваков тип на настани во организација на Мусала Софт. Во врска со претходната “Muffin Conference”, посебно задоволство ми претставуваше што публиката беше составена како од истакнати професионалци, така и од студенти што својот кариерен развој го гледаат токму во светот на информационите технологии.

Колку сте задоволни од она што Мусала го има постигнато од канцелариите во Скопје?

Мусала Софт е основана пред 17 години во Бугарија, а на Македонската IT сцена сме присутни околу две години. Во овој краток временски период, со многу труд и работа успеавме да го изградиме брендот на Мусала Софт во Македонија како премиум компанија за софтверски услуги. Успеавме да воведеме нови начини на работење и инволвирање на вработените во градењето на коорпоративната култура. Отворивме можности за кариерен развој во области кои беа нестандардни за македонскиот ИТ пазар, а акутелни на интернационалниот (Cloud and Integration for cloud, Big Data, Analytics, Augmented Intelligence, IoT, Connected World …) за клиенти како IBM, VMware, BMW, Deutsche Telecom како и многу други лидери во индустријата. Ова е нешто кое професионалците го препознаваат, и сакаат да бидат дел од нашиот тим. Токму на ова се должи брзиот и постојан раст на Мусала Софт Македонија.

Во Скопје неодамна прославивте бројка од 100 вработени, кои се вашите планови за во иднина?

Стратешките определби на Мусала Софт се насочени кон експанзија на компанијата во регионот и пошироко. За остварување на зададените цели, Македонија како локација е од есенцијална важност за развојот на компанијата. Според планот за раст компанијата треба да прерасне до 1000 професионалци на глобално ниво до крајот на 2020 година, од кои се планира најмалку 300 да бидат во Македонија. Во моментот успеваме да одржуваме глобален раст од 25% на годишно ниво, и според овие проекции реализацијата на планот 2020 изгледа сосема реално. Операцијата на Мусала Софт во Македонија во моментот брои близу 150 вработени, и очекуваме овие бројки да растат со еднаква динамика.

Како Мусала придонесува кон развој и напредок на ИТ кадарот во државите во кои е застапена?

Работењето на Мусала Софт на секоја од локациите на кои компанијата е застапена е проследено со многубројни активности кои допринесуваат за развојот на ИТ секторот и секако кадарот или човековиот капитал. Како активности со најголемо влијание би ги посочил различниот тип на настани во организација на Мусала Софт меѓу кои најзначаен настан е “Muffin Conference” а тука се и многу други како: “Meet the Masters”,“Beer & Code”, “Beer & QA”… кои се со цел да им овозможат на професионалците во оваа дејност да се запознаат со новите трендови во индустријата како и да споделат искуства. Ние како компанија сме познати и по тоа што доста инвестираме во развој на идните професионалци. Ова го правиме преку интензивна соработка со образовните институции меѓу кои можат да се издвојат: наградување на најуспешните студенти за 2016/2017 акдемска година, отворени позиции за пракса и вработување, гостување и мотивација на студентите на многубројни настани во нивна или организација на образовните установи и многу други спонзорства од различен карактер. Постојат специјален тип на настани кои се во наша организација и се наменети специјално за оваа група т.е. за идните специјалисти. Тука би ги издвоил интернационалните иницијативи на Мусала Софт како: “CodeIT” – интернационален натпревар по компетитивно програмирање, на кој учествуваа 10 претставници на Република Македонија, “eЈОI” – Јуниор Европска Олимпијада по Информатика, каде претставник од Македонија освои трето место и ја спечали бронзената медала. Во Бугарија имаме програма: “Learn from the Masters”, наменета за преквалификација во ИТ… Вложуваме напори оваа традиција да се прошири и во Македонија. Сите овие претходно споменати активности се насочени кон развој на ИТ секторот и општо на ИТ професионалците додека за веќе вработените во компанијата имаме одделни програми кои овозможуваат одлични услови за брз и динамичен кариерен развој. Начинот на кој Мусала Софт ги развива своите вработени е нешто по кое компанијата се разликува од другите и е добро позната. Токму за ова бевме одликувани со престижната награда од Forbеs како број 1 компанија за „развој на човечки ресурси“.

Ќе говорите на тема можности за професионален развој во ИТ индустријата. Кој е патот кој Вие сте го изоделе за да стигнете до таму каде што сте сега?

Професионалниот развој го започнав со стекнување на образование во сферата на информационите технологии, додипломските студии ги завршив на реномиран универзитет во Санкт Петерсбург, Руска Федерација (СПБГУ ИТМО), а продолжив на магистратура во Ахен, Германија (RWTH Aachen). Во текот на мојата досегашна кариера имав задоволство да работам на повеќе позиции карактеристични за една IT компанија. Започнав како софтверски инжинер, по што мојот интерес да ги запознаам сите аспекти од функционирањето на еднa IT компанија резултираше со работа на најразлични позиции од проектен координатор, проектен менаџер, бизнис аналитичар, експерт за развој на бизнис до моменталната позиција како Site Manager на Мусала Софт Македонија. За да се биде успешен во една вака динамична и компетитвна средина неопходен фактор е страста и љубовта спрема професијата.

Што би им советувале на младите кои размислуваат за образование во ИТ индустријата и на студентите кои ја бараат својата прва работа во истата?

Според истражувања и статистики од реномирани компании, дефицитиот на ИТ кадрите во светов е околу 4 милиони, а Македонија е една од земјите со потенцијален развој на квалитетна движечка сила на ИТ кадри – ИТ професионалци. Најпрво би сакал да ги поздравам младите кои размислуваат за образование во ИТ индустријата, затоа што размислуваат во вистинската насока. Доколку пред 80 години беше карактеристична индустриската револуција, можам слободно да кажам дека сега живееме во ера на информациона револуција. Инволвираноста на компјутерите, и софтверот како дел од нив бележи зачудувачки пораст во нашето секојдневие, пораст кој создава потреба од адекватни професионалци кои ќе можат да го следат и поддржуваат, па оттука доаѓа големата побарувачка на кадри. Тенденција која се очекува да продолжи уште долги години. Би сакал на студентите кои ја бараат својата прва работа да им порачам паметно да ја искористат позицијата во која се наоѓаат, и да го направат вистинскиот избор, да одберат компанија која ќе може да им пружи услови за брз и динамичен кариерен равој.

За крај, што може да очекуваме на овогодинешната Muffin конференција?

Годинешнава “Muffin Conference” ќе ја продолжи започнатата традиција и ќе ги опфати најактуелните теми во ИТ индустријата. Особено задоволство за нас во Мусала Софт е гостуванњето на господинот Штефан Кленхардт кој ќе зборува за „Интернет на Нештата“ – “Car IT”и задно со нашиот CEO, господинот Дељан Лилов, и водечките експерти од Мусала Софт, ќе предводат панел дискусија за точката во која се пресретнуваат автомобилската и ИТ индустријата.
Гостите на конференцијата ќе имаат уникатно задоволство да го запознаат нашиот експертски тим и да добијат увид во најактуелните теми од светот на ИТ. Презентациите и панел дискусиите ќе ги опфатат следните области: Cloud and Integration for cloud, Big Data, Analytics, Augmented Intelligence, IoT, Connected World, Soft Skills.
Сакам да им порачам на професионалците од ИТ како и на оние кои размислуваат да зачекорат во овој свет да дојдат на “Muffin Conference” и заедно да поминеме една квалитетна сабота, каде што заеднички ќе зборуваме за она што е ИТ денес и многу поважно, она што ќе биде ИТ утре.

Влезот е бесплатен, со однапред задолжителна регистрација на сајтот. Деталната програма на настанот, како и информација за сите теми и лектори на MUFFIN Conference Skopje 2017 се објавени на официјалниот сајт. Новости за MUFFIN Skopje 2017 и видеа за најавување на лекциите можете да следите на Facebook страната на конференцијата.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии