Александар Убавков од Musala Soft: „Работата во физички дистрибуирани средини е предизвикувачка„

Disclaimer: IT.mk е медиумски спонзор на Meet the Masters by Muffin Conference 2018.


Meet the Masters by Muffin е годишна конференција, организирана од софтверската компанија Musala Soft. Настанот секоја година има за цел да обедини софтверски инженери, ИТ професионалци и предавачи од сферата на технологии, иновации, трендови, процеси и меки вештини (soft skills).

Ова беше причина повторно да зборуваме со Александар Убавков, сега регионален менаџер на Мусала

Работиш како Regional Manager на Musala Soft, може ли да ни кажеш повеќе за твоите задолженија и задачи?

Моите задолженија како Регионален Менаџер на Мусала Софт е претставување на интересите на компанијата во регионот, како највисоко ниво на локален менаџмент. Стратешка синхронизација и спроведување на мисијата на локално ниво во регионот, како дел од визијата на Мусала Софт на глобално ниво. Анализа, оптимизација и реализација на стратешките определби на компанијата.

Кои се вообичаени таскови во текот на еден ден? Како изгледа твојот работен ден?

Како менаџер моите одговорности се распределени во сите вертикали на компанијата со цел на супeрвизија за успешно спроведување на локално ниво. Доколку би требало да ги набројам, тоа би било оперативен и финансиски менаџмент, корпоративни релации, талент и репутациски менаџмент на локално и глобално ниво и комуникација со клиенти. Земајќи во предвид комплексноста на работење на компанијата, моето внимание на дневна основа го насочувам таму каде што во моментот има најголема потреба од него. Секако, поради големиот обем на горенаведените активности, планирањето на своето секојдневие го правам на неделна и месечна основа. Состаноците се еден дел од активностите кои се повторуваат неделно, додека пак, секогаш имам време за ад-хок активности кои излегуваат непланирано.

Твоето резиме е навистина богато од Програмер, Дизајнер на игри, Проектен координатор, до Софтвер продукт менаџер итн. Колку тоа ти помага во сегашната позиција како Регионален менаџер?

Мислам дека ова не би им било чудно на луѓето кои ме познаваат. Од пасија за компјутерски игри и компјутери до програмирање, во комбинација со моето високо образование во компјутерски науки и огромна љубопитност во сите области во една ИТ компанија, е резултат на она што го работам денес. Според мене токму оваа диверзификација ми помогна да имам успех во она што го работам. Моите убедувањa за успешно да се менаџира еден процес или работа апсолутно е неопходно да сте запознаени со работата и да сте се нашле од другата страна! Да се биде успешен менаџер, пред се треба да се биде успешен работник.

Musala има тимови на повеќе локации, колкав и каков предизвик е да се координираат овие тимови? Дали користите некои алатки за подобра координација на тимовите?

Работата во физички дистрибуирани средини е доста предизвикувачка, но исто така природно нешто кога станува збор за софтверски сервиси. Ние како компанија што долги години сме во овој бизнис, имаме разработено многу алатки како и стратегии за совладување на физичката бариера и подобрување на работењето на различни локации, особено кога станува збор за дистрибуирани тимови. Комуникација и синхронизација се двете нешта на кои најмногу треба да се внимава во физички дистрибуираните работни околини. Токму заради ова ве уверувам дека ние како компанија правиме значителни инвестиции во ИТ и телекомуникациската инфраструктура, која придонесува за намалување на празнината што се создава од дистрибуирана работа. Како дополнително, ги охрабруваме колегите да патуваат меѓу локациите на компанијата и да поминат време физички на едно место, организираме бројни активности како работилници и „Team Building“ настани кои имаат позитивен ефект на работа на различни локации.

Кои се поспецифични предизвици за координирање на тимови кои работат на растојание?

Од мое искуство, би рекол дека споделувањето на информација и еднаква инволвираност на целиот тим е најголемиот предизвик особено за новоформирани тимови доколку станува збор за луѓе кои претходно немаат историја на заедничка работа. Комплексноста се зголемува со зголемување на бројот на физичките локации и диверзификација на природата на работата која се прави од различни членови на тимот. Но како што кажав претходно ова е секојдневие во ИТ индустријата. Како се справуваме со ваков тип на предизвици? Тука би сакал да ги поканам сите заинтересирани да дојдат на „Meet the masters by MUFFIN“, конференција на која заеднички би дискутирале на оваа и многу други теми за доставување на софтверски решенија – панел за дискусија, предводена од менаџерскиот тим на Мусала Софт.

И оваа година Musala ја организира Meet the Masters by MUFFIN конференцијата од која и ќе бидете дел. Што може да очекуваме на овогодинешната Meet the Masters by MUFFIN конференција?

Како што веќе спомнав предходно, јас и колегите од менаџментот на компанијата, Делјан Лилов – CEO и Роберт Павлов – Delivery Manager ќе го предводиме панелот за дискусија на тема „Top Software Delivery pitfalls and how to tackle them!“. На мое особено задоволство на овогодинешната конференција, почесен гостин ќе го имаме Peter Kriens кој е еден од предводниците на OSGi, технологија што овозможува многу ефикасен програмски модел за Java апликации. Peter ке има презентација од областа на IoT(Internet of Things), дел од ИТ што зема огромен замав. Дополнително на конференцијата ќе можете да чуете повеќе за декларативно програмирање, автоматизирање на физичка реакција за IoT како и да присуствувате на дебата за две паралелни технолошки вертикали Java (Oracle) и .Net (Microsoft). Ви ветувам интересна и исполнета сабота!

Се гледаме на Meet the Masters by MUFFIN на 17.11 во City Hall Center!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии