Алатки кои ќе ви бидат корисни по новогодишните празници

По завршување на новогодишните празници, доаѓа еден краток момент кога сфаќаме дека магијата е зад нас, а предизвиците на новата година веќе земале бројче и чекаат на ред. За среќа, таквата реализација сѐ уште e далеку од нас. Но, кога моментот ќе дојде, и кога еуфоријата ќе почне да бледнее, свртете нов лист и започнете ја новата година на крајно ефикасен начин; со следниве алатки кои ќе ги направат секојдневните обврски значително побрзи и поефикасни.

StayFocused е екстензија која ја зголемува вашата продуктивност така што го ограничува времето кое го поминувате на непотребни сајтови. За тоа како можете да креирате црна листа од сајтови кои постојано или временски ќе бидат блокирани, па дури и целосно да го блокирате пристапот до интернетот за одредено време, упатете се тука! Во случај да барате достојна алтернатива, дефинитивно проверете ги и можностите на Cold Turkey.

Focus Booster e алатка која ќе ве охрабрува на правилно фокусирање на вашата енергија, но на малку поразличен начин од StayFocused. Заснована на методологијата за исполнување кратки крајни рокови, Focus Booster ве охрабрува да работите 25 минути за да добиете награда од пет минутен одмор. Доколку има потреба, сите сесии можете да ги одбележите на временска лента и да добиете визуелен увид за истите. Алатката е бесплатна за 20 сесии месечно. За повеќе, бара финансиска посвета од 5 долари месечно.

F.lux – Според бројни истражувања, светлината од екраните, поточно синото светло има пократка бранова должина и, како резултат, го потиснува лачењето на мелатонин – хормон кој поттикнува спиење. Да бидат работите полоши, таквата светлина е премногу јака и значително го загрозува здравјето на вашите очи. Токму поради овие причини, бројни корисници ги користат потенцијалите на f.lux, програм кој го преточува синото светло во потопли бои и, со пресликување на внатрешното осветлување, се создава илузија на поприроден сооднос помеѓу очите и екранот. Windows 10 се одликува со солидна алтернатива која се вика Night Light. Преку неа, подесувате кога, колку и на кој начин да се менува температурата на боите. За да го вклучите, упатете се на Display Settings. Ние повеќе го сакаме F.lux! Програмот е бесплатен за користење.

Seer – Алатка со која ќе можете на брзина да прегледувате најразлични фајлови во вашата Windows околина. Алатката е солидна алтернатива на Quick Look алатката за macOS. Со притискање на едно копче, Seer ви дозволува инстантно да се прикажат содржините на сликата, документот или фолдерот, без истиот да се отвора. Програмот има бесплатна верзија, но од срце се препорачува и платежната.

Не заборавајте да земате дигитални забелешки со Notebook, Google Keep, и iA Writer. Независно со која и да се одлучите, ова се алатки кои значително ќе ви ги олеснат маките кои ги имате со постојано земање забелешки. Нашите детални објаснувања можете да ги најдете тука.

Quick Access Popup ви дава пристап до вашите омилени програми и фајлови каде било од вашиот компјутер. Кратенките се закон и, без нив, црно нѝ се пишува, но Quick Access Popup е следниот чекор за поефикасна работа и добивање инстантен пристап така што ќе се кликне тркалцето и ќе се појави мени со вашите омилени работи. Преку таквото мени, добивате пристап до фолдери, фајлови, линкови, програми, и многу повеќе, независно од тоа каде се наоѓате. Најдоброто од сево ова е тоа што Quick Access Popup е целосно бесплатен.

DisplayFusion е програмата која значително ја олеснува работата на повеќе монитори. Имање повеќе од еден монитор е прикриен благослов, и, доколку често се дружите со компјутерот, навистина е потребно да почнете да размислување за два монитори. На тој начин губите значително помалку време за шетање низ отворените прозорци, а и гејминг сесиите се значително повпечатливи. DisplayFusion е алатка која ви дозволува значително поголема слобода при користење на мониторите и мноштво од опции за поефикасно снаоѓање. Програмот има бесплатна и професионална верзија.

AquaSnap ќе ви помогне во ситуации кога не можете да си дозволите дополнителен монитор, но постојано работите со повеќе прозорци. Aero Snap функцијата во Windows 10 е исклучително добра, но AquaSnap е уште подобра и нуди многу поголема функционалност. Па така, побрзо можете да ги постројувате прозорците, да го развлечете прозорецот со двоен клик, да наместите еден прозорец секогаш да се поставува во одредено место, или пак да се поместуваат прозорците како група. AquaSnap е бесплатен, но Pro верзијата строго се препорачува за максимално уживање во сите функции.

Chrome Remote Desktop е екстензија која ви дозволува да пристапите и контролирате кој било компјутер од далечина и тоа преку прелистувачот Chrome. Таквото нешто е исклучително едноставно и сѐ што треба да направите е да генерирате код за пристап преку ектензијата. Кодот го кажувате на другото лице и откако ќе биде внесен на неговиот компјутер автоматски се воспоставува безбедна конекција помеѓу двата компјутери. Прочитајте повеќе!

И, додека сево ова го работите, можеби не е лошо да видите колку време на што сè трошите. RescueTime ќе ви помогне да разберете каде оди вашето време и да добиете увид за тоа како се вашите продуктивни денови разликуваат од непродуктивните. Откако ќе ја инсталирате алатка, таа ненаметливо ќе ги бележи сите ваши активности на компјутерот. Во моменти кога сакате да видите колку сте биле вредни, алатката ќе ви испорача детални извештаи за тоа кои денови ви биле ефикасно поминати, а во кои сте си земале за слобода да ескивирате.

За крај, уште еднаш да ве потсетиме дека моментниот фокус треба да ви биде на ефикасно читање книги, играње игри, или гледање филмови.