Ако ве интересира што сè се случува со вашите податоци на интернет гледајте го The Great Hack

Податоците денес вредат повеќе од нафта, ова е една од првите реченици на Британи Кајзер во новиот филм на Netflix, The Great Hack. Филмот е достапен од крајот на минатиот месец и преку приказни на неколку засегнати учесници во работата на Cambridge Analytica ја раскажува приказната за веројатно најголемиот скандал барем кога „big data“ е во прашање.

„Сите интеракции, повлекувања на платежни картички, интернет пребарувања, локации, лајкови, се собираат во реално време и се прилепуваат на мојот идентитет. И секој купувач на податоци има пристап до мојот емотивен пулс“, вели еден од протагонистите во The Great Hack.

The Great Hack е филм за Британи Кајзер, поранешен директор на бизнис развој во Cambridge Analytica, и нејзиниот обид да се искупи. На другата страна од Cambridge Analytica е професорот Дејвид Керол, и неговата потрага по неговите податоци. За жал, компанијата пропадна пред овие податоци да бидат објавени, иако добија судска наредба која потоа ја прекршија.

Cambridge Analytica е британска компанија која со помош на куп податоци од Facebook до кои дојдоа на прилично сомнителен начин, а потоа кога требаше да ги избрише овие податоци нелегално ги задржи. Компанијата работеше на десетици кампањи, а веројатно најпознати се Брегзит, кампањата за Тед Круз во изборот за кандидат за претседател и претседателската кампања на сегашниот претседател Доналд Трамп. Дали компанијата навистина има некакво влијание е тешко да се тврди со сигурност, но компанијата останува синоним за влијание на изборни активности.

Веројатно подеднакво голема улога, барем на кратко, Cambridge Analytica има и за освестувањето за личните податоци кои ги оставаме онлајн.

„Започна со сон за поврзан свет. Простор во кој сите ќе можат да ги споделуваат своите искуства и да бидат помалку осамени. Не помина долго, а овој свет започна да ни пронаоѓа партнери, проверка на факти, лечен забавувач, чувар на нашите спомени, па дури и терапевт. Предавав дигитални медиуми и развој на апликации, веќе знаев дека податоците он нашите активности онлајн не исчезнуваат. Колку повеќе истражував, сфаќав дека овие дигитални отпечатоци се собираат во индустрија која вреди билиони долари. Сега ние сме роба на пазар, но толку го сакавме овој подарок за бесплатно поврзување, што никој не ги подзастана да ги прочита правилата на користење“.

Веројатно најчудниот дел од оваа приказна е како никој пред скандалот со Cambridge Analytica не се запрашал од каде им се податоците. А најава за ова секако постоеше. Компанијата во своите материјали пишуваше дека следат 5000 различни параметри на гласачите во САД. Засега е нејасно како никој посериозно не се запраша од каде овие податоци, секако компанијата не добила дозвола кога ги прибирале.

Ако се сеќавате на приказната Cambridge Analytica податоците од корисниците ги собра од квиз-апликацијата „This is Your Digital Life“. На оваа апликација корисниците се логираа со својот facebook-профил. Благодарение на тоа што авторот на апликацијата можеше да повлече податоци не само од корисниците туку и од нивните пријатели, апликација со 270 000 корисници успеа да собере податоци од 50 милиони корисници. Автор на апликацијата е Александар Коган, професор на Универзитетот Кембриџ. Во овој  период ова иако помалку неетички сè уште беше дозволено. Cambridge Analytica ги зема овие податоци и ги користеше за истражување. Facebook подоцна ги промени правилата и забрани собирање на овие податоци, дополнително сите партнери требаше да ги избришат податоците, но ова секако не се случи.

Но, ништо од ова немаше да знаеме ако Кристофер Вајли не излезеше и не споделеше податоци за тоа како работи Cambridge Analytica. Иако мал дел од The Great Hack е и Кристофер Вајли, сепак „главна улога“ имаат Британи Кајсер и Дејвид Керол.

Филмот има и интересни податоци за работата на маркетинг тимовите во текот на претседателската кампања во САД. На пример, претставници на „Project Alamo“ (дигиталниотж оддел на кампањата на Доналд Трамп), дневно трошел 1 милион долари на Facebook огласи (податок од филмот). Facebook, Google и YouTube имале претставници во овие простории кои помагале за полесно користење на платформата. Во истите простории имале „канцеларии“ и Cambridge Analytica, а претставниците на оваа компанија се „мозокот“ на кампањата.

Иако фокусот е на изборите во САД, компанијата има повеќе кампањи, Тринидад и Тобаго, Чешка, Нигерија и уште неколку споменати во филмот. Веројатно примерот со Тринидад и Тобаго го покажува доволно добро начинот на кој компанијата стигнувала до резултатите, и само оваа сцена од неколку минути ја покажува моќта на анализа на податоци и психологија на однесување.

Во контекст на изборите во САД и на Брегзит, најважната тема која ја отвора филмот не е влијанието на маркетингот, туку дали може признаеме колку е лесно да бидеме манипулирани. Сега најважното прашање веќе не е дали знаеме од што се откажуваме или дека не постои онлајн приватност, туку дали сме свесни дека нашите лични податоци се собираат и се користат против нас на начин кој најголем дел од нас воопшто и не го разбираат.

На самиот почеток на The Great Hack една од студентките на Дејвид Керол прашува „Пораснав со Интернет, па рекламите не ми пречат премногу, но кога работите тргнуваат наопаку“? Дури и со куп податоци за компанијата и за овој скандал тешко е точно да се лоцира овој период, но секако е многу пред Cambridge Analytica.

Филмот е достапен на Netflix, но секако ќе може да го пронајдете и на некое друго место.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии