Целта на otvorenipodatoci.gov.mk е да ги ослободи информациите од владините институции и да им ги понуди, во систематизирана форма, на граѓаните и компаниите да креираат апликации, содржини, истражувања и услуги. Засега проектот се движи во добра насока, и нема зошто да не се пофали обидот да се ослободат јавните ресурси. Но, тоа што е интересно е што постојат ограничувања во ослободувањето на податоците, па предност им се дава на тие податоци кои се најмногу барани од граѓаните, велат од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Овозможена поради дигитализација на администрацијата или е-Влада, Open Data е иницијатива што стартуваше насекаде, низ разни земји вклучувајќи ја од неодамна и Македонија. Македонските власти го прифатија Закон за користење на податоци од јавен сектор и стартуваа сајт на кој ги ослободуваат податоците. Целта е да се ослободат што е можно повеќе податоци од што е можно повеќе институции, иако понекогаш тоа не е можно. Се ослободуваат податоци од институциите „кои ги исполнуваат техничките можности за податоци со отворен формат“. Со други зборови, некои институции уште немаат доволно знаење како да ги пакуваат информациите во соодветна дигитална форма. Разбирливо, некои од податоци се уште се чуваат во физичка форма, на хартија, што претставува дополнителен проблем.

Решението на МИОА за побрзо ослободување на информациите е да го искористи интересот на граѓаните и компаниите. Им се дава предност на тие податоци за кои има најголем интерес од граѓаните, и на тие податоци што се покажале како корисни ширум светот за креирање апликации. На сајтот постои „Барање за отварање податoци“ со кое физичко и правно лице може да побара информации, и, како што не уверуваат од ИТ министерството, на тие податоци ќе им се даде приоритет.

„Во моментов се работи на воспоставување систем бидејќи не можат сите институции да бидат опфатени истовремено. Самото отворање на податоците е процес на кој тим од МИОА работи со ИТ тим од некој орган или институција чии податоци се прилагодуваат во отворен формат за објавување. Но, секако, се оди на приоретизирање на барањата кои се добиваат преку порталот“.

Отварањето на податоци подразбира отварање на сите податоци во необработена форма. Пример, на сајтот ќе најдете податоци за издадени лиценци за казина, но ако сакате да дознаете колку се издадени во Скопје, ќе треба сами да пребарувате. Или, што е попрактично, да направите апликација која ќе им даде смисла на разните податоци. Но, ако сакате да дознаете точни информации тогаш ќе треба да го искористите Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Двата закони звучат слично, но ако првиот налага ослободување на сите податоци во една форма, тогаш вториот налага одговарање на поединечни прашања од граѓаните. Разликата, вели МИО е во семантиката, дали барате „информација“ за прашање, или барате отворени „податоци“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии