Прв поглед на Ainol Numy Note 7, моќен таблет компјутер со прикладна цена

(Доколку сакате да дискутирaте за рецензијата, приклучите се на форумот на IT.com.mk. Претходните рецензии од Сашко Димитријевиќ може да ги најдете тука.)

Сите оние кои се заинтересирани за буџет варијанта на моќен таблет компјутер, Ainol Numy Note 7 би бил можеби најдобриот избор. Имаме можност да го тестираме таблетот и да видиме какво изненадување ни приреди Ainol со новите 8-јадрени процесори. Вградувањето на MTK6592 8 јадрениот процесор во комбинација со графичкиот чип Mali 450 и работната меморија од 1Gb навистина делува импресивно. Во текот на тестирањето не забележавме никакво лагирање, сецкање или пак заглавување. Како шлаг е додаден и IPSFull HD екран со резолуција од 1920х1200 пикселии густина од 320 dpi.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

Техничка спецификација:

  • Оперативен систем: Android OS 4.4.2 (KitKat)
  • Chipset: Mediatek MT6592
  • CPU: Octa-core 1.7 GHz
  • GPU: Mali-450MP
  • Дисплеј: 7″ IPS, 1920 x 1200 pixels (FULL HD)
  • Димензии: 189 x 107.5 x 8.1mm/ 268g
  • Батерија: Li-ion 3300mAh
  • Меморија: ROM 16GB / RAM 1GBDDR3
  • Надворешна меморија: поддржува до 32 GB
  • Wi-Fi: 802.11 b/g/n
  • Bluetooth: Bluetooth 4.0
  • Мрежа: GSM/ GPRS/ EDGE/ WCDMA, HSDPA:21Mbps; HSUPA:5.76Mbps
  • GPS: GPS, AGPS
  • Видео формати: 1080P, AVI/MOV/MP4/RMVB/FLV/MKV подржува HDMI 1.4
  • Камера: 5MP со AF & LED FlashLight
  • Предна камера: 2MP
  • Сензори: G-Sensor, Light-Sensor, Proximity Sensor
  • Останато: SMS, MMS, E-mail
  • FM радио (76 до 108 MHz)
  • Цена: ~ 9.500 денари.

Дизајн

Numy Note 7 е уредно спакуван во добро изработена кутија. Ова е својствено за Ainol. Секој пат уредите делуваат како да се од висока класа. Во тој поглед и со претходно тестирани модели не најдовме никаква замерка. Пакувањето го содржи стандардниот пакет, односно таблет на кој има фабрички залепена заштитна фолија, USB кабел и полнач. Во кутијата има и упатство за користење на англиски и македонски јазик и гарантен лист.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

Тестираниот модел беше бела боја, изработен од високо квалитетна сјајна пластика која дава чувство на квалитетен производ кога се наоѓа во вашите раце. На задниот дел се наоѓа камерата и под неа LED блицот. Десно од нив е сместен звучникот, кој што овој пат ќе го пофалиме за разлика од претходно тестираниот модел. Звукот беше доволно јасен и гласен при слушање на музика и гледање на видео материјали.

Гледајќи од задната страна, лево се сместени функциските копчиња за заклучување односно вклучување/исклучување, под него копчињата за глас. Над нив е сместен и скриениот тастер за ресетирање во случај на било каков проблем со заглавување и замрзнување, односно неправилно функционирање на уредот. Во периодот на тестирање ние немавме такви или слични проблеми за да го употребиме.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

На горниот дел се наоѓаат два приклучоци. Едниот е 3,5 мм стерео џек за слушалки или пак екстерни звучници, а веднаш до него се наоѓа микро USB конекторот преку кој се врзуваме за компјутер, а воедно и го користиме за приклучување на полначот. Во долниот дел се наоѓа капаче кое имаме можност да го вадиме. Имено тука се сместени слотовите за SIM картичките и Micro SD слотот преку кој може да се изврши надградба на меморијата на таблетот. Како што претходно рековме, системот подdржува надградба на системот со 32 гигабајти дополнителна меморија. Тестираниот модел беше опремен со 16 GB внатрешна меморија.

Со своите 8,1 мм дебелина, може Numi Note7 се наоѓа меѓу најтенките таблети. Пониклуваната лајсна, заоблената високо сјајна пластика од која е изработен ни дава чувство на елеганција и квалитет. Добро лежи во рацете при работа и играње. Во тој поглед немаме никакви замерки. Ainol навистина обрнале внимание на деталите.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

На предниот дел централно е сместен звучникот од телефонот. Кога таблетот го користевме како телефон, звукот беше солиден, добро го слушавме соговорникот, а исто така и он нас. Единствено е непријатно кога со толкав уред морате да телефонирате, а воедно и да го држите со една рака. Уредот со своите 7 инчи е едноставно голем за да се користи и како телефон, барем за нас. Најголемата примена за употреба на SIM картичките е користење на 3G интернетот. Лево од него се сместени 2 мегапикселната камера, а до неа се сместени сензорите.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

За да можеме дефинитивно да ја заокружиме целата слика како позитивна на овој буџетскит таблет компјутер, на ред дојде ако не и една од најважните компоненти на уредот. Мислам дека погодувате дека станува збор за екранот. Со своите 7 инчи и резолуција од 1920х1200 пиксели, IPS екранот ја стави круната на Note 7. Full HD резолуција, реални и живописни бои, агол на гледање 178◦ едноставно ни причинува задоволство при гледање на филмови или пак играње на игри. Останатиот дел од хардверот се грижи овие операции да се одвиваат нормално и без никаков проблем.

Kористење

И покрај тоа што сметаме дека сите понатамошни тестови направени со помош на бенчмарк тестови се ирелевантни, еве ќе поставиме резултат добиен со Antutu, кој на еден начин е најзастапената алатка при тестирањето на мобилните уреди и таблетите. Сепак нас најважна ни е работата во реално време, односно сурфањето, брзина на отварање на страните, прикажување на мултимедијални содржини и нормално одзивот на тачот.

Во поглед на функционалност не најдовме никакви забелешки. Мултифункционалниот екран на допир работеше баш како што посакуваме. Мултимедијалните содржини благодарение на квалитетниот дисплеј се прикажани беспрекорно, а вградениот Wi-fi приемник се грижи за стабилна интернет врска преку кој се овозможува квалитетно и брзо сурфање. GPS-от функционира солидно, поврзувањето со сателитите е во зависност од местоположбата. Големиот екран ќе ви овозможи одличен преглед на мапи и навигација. Play Store маркетот располага со голем број на програми на навигација при што можеме да превземеме некој во зависност од потребите.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

Да обрнеме внимание и на камерата. Верувам дека многу од вас ќе ги интересира квалитетот на фотографиите. Во споредба со таблети од овој ранг, Note 7 може повторно да се пофали. Со своите 5 мегапиксели можат да се добијат доста солидни фотографии. При тестирањето е користена апликацијата MX Camera, како попрактична од фабрички инсталираната Андроид апликација за фотографирање. Во услови на нормална светлина, дневна светлина поточно, се добиваат солидни фотографии. Во услови на намалено светло, односно простории каде што ќе биде потребно дополнително светло и користење на блиц, квалитетот на сликите значително и видливо се намалува. Ова на еден начин станува карактеристика на голем дел од тестираните уреди, односно просечна фотографија на уреди во ценовен опсег до 250 евра. Доколку ве интересираат и други фотографии, можете да ги погледнете во следниот албум.

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

(Фотографијата е на Сашко Димитријевиќ)

Снимањето на видео се реализира со различен квалитет и различна резолуција во зависност од поставените параметри. Не сме нешто прилично импресионирани од квалитетот на видео записот, но е сосема коректен ако земеме во предвид дека се работи за 5 мегапикселен сензор. Еве како изгледа едно видео снимено со максимален квалитет:

[youtube]M32wYCQ-S4w[/youtube]

За крај да ја спомнеме и батеријата која е исто така многу важна. 3300 mAh се доволни за целодневно прегледување на видеа, сурфање, слушање музика, делумно играње, но со исклучен 3G приемник и тоа без никаков проблем. Доколку користиме 3G интернет, трошењето на батеријата се забрзува. Јас би препорачал доколку немате потреба за 3G, Data Transfer-от на податоци да биде исклучен. Во услови на нормална експлоатација, батеријата без никаков проблем ќе издржи и повеќе од 48 часови, односно нормална употреба и полнење на два дена. Но ова се податоци кои зависат од многу фактори, па презентираните податоци не се доволно релевантни за да може да донесеме конкретен заклучок за и околу времетраењето на батеријата. Во секој случај за време на тестирањето бевме задоволни и немаме никакви замерки во тој поглед.

Заклучок

Kога ќе се спореди односот на цена oд околу 9.500 денари со квалитет на моќен и елегантен мобилен уред тогаш заклучуваме дека го добиваме максимумот за она што го плаќаме. Не наоѓаме никакви замерки освен квалитетот на вградената камера. Се надеваме дека во својот наследник од оваа класа на таблети Ainol посериозноќе поработи.  Единствениот недостаток во поглед на квалитет на изработка го наоѓаме во дополнителното капаче каде што се ставаат SIM и мемориската картичка. Истото знае да не лежи идеално рамно со задниот капак, но тоа некој глобален проблем кој би ни влијаел во одлуката при изборот за купување.

Позитивно:

  • 3300 mAh батерија
  • IPS FULL HD екран (контраст, оштрина, веродостојност на боите)
  • 8 јадрен процесор (оптимизиран да штеди енергија и моќен хардвер)
  • Дизајн, (ултра тенок 8,1 mm)
  • Вграден GPS приемник
  • 2 SIM картички и 3G
  • Слот за проширување на меморијата
  • Мулти тач подршка

Негативно:

  • Мал недостаток околу финишот на задното капаче,
  • Во услови на ноќна фотографија, слики со зголемен шум и послаб квалитет на видео запис.

Голема благодарност до Anhoch што ни овозможија и ни го отстапија Ainol Numy Note 7 на тестирање.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии