AEK: Македонските граѓани треба да користат интернет повеќе

Maкедонскиoт пазар е заситен од мобилните телефони, скоро секој граѓанин има по еден телефон. Во „зрелиот“ пазар може само да има раздвижување од припејд кон постпејд корисници, и можеби во подобрување на услугите. Но, иако Македонија има релативно добар развој на електронските комуникации, сепак тоа што не и се допаѓа на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е што македонските граѓани не се поврзуваат на Интернет со исто темпо како што користат мобилни телефони. Во својата нова анализа на пазарот за третиот квартал на 2013-та година, АЕК забележува раст од околу 6.000 нови претплатници на фиксен интернет. Во третиот квартал бројот на претплатници бил 330.798, додека во вториот квартач тој број бил 324.310.

„Бројот на приклучоци на интернет на фиксна локација се зголемува иако АЕК смета дека степенот на пораст не е доволен. Сметаме дека во наредниот период треба да обрнеме особено внимание на овој пазар затоа што сметаме дека треба драстично да се зголеми порастот од квартал до квартал и да стасаме до некој процент којшто е статистички средна величина на ниво на ЕУ каде изнесува 27 проценти, а кај нас е помалку од 17 проценти, вели Владимир Ристевски од АЕК.

Интересно, мобилниот интернет забележува пораст, со 807.810 граѓани кои користеле интернет преку телефон, но АЕК верува дека може да се унапреди тој сегмент од пазарот и да се „искористи ефикасно“ од мобилните оператори. Надежта е дека ќе се подобри мобилното користење на интернет со претставување на 4G услуги од 1 јуни 2014-та година, кога е рокот на операторите да почнат со нудењето на оваа брза мрежа.

Треба да се земе во обзир дека фиксниот интернет го користат цели домаќинства, но истовремено треба да се земе во обзир дека најмногу го користат и помладите корисници кои се исто така корисници и на мобилниот интернет.

„Иако се остварени сесии на 807.810 сим картици во последните три месеци сеуште сметаме дека употребата на мобилниот интернет не е почната со вистинскиот развој и не е доволно ефикасно искористена од страна на мобилните оператори. Заради тоа лани доделивме одобренија за нови технологии, со цел да поттикнеме употреба на мобилен широкопојасен интернет“, вели г. Ристовски.

Интересен податок од анализата, и кој не треба да не изненади, е дека се намалува бројот на корисници на фиксна телефонија. Моментално има 339.379 претплатници на фиксната телефониja, што е намален број од 407.896 од лани.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии