5 работи кои (не) нѝ се допаднаа во Outriders

Недела дена како ја играме најновата игра на полското студио People Can Fly. Како огромни фанови на нивната претходна игра, Bulletstorm, имавме огромни очекувања за Outriders и, во поголемиот дел, навистина нѝ се допадна она што го искусивме. Некои работи, меѓутоа, нè оставија да посакуваме значително повеќе. Outriders ја проверивме на Xbox One играјќи со женскиот лик. На играта е работено цели пет години,а ова се пет работи кои нѝ се допаднаа и пет работи кои го намалија нашата имерзивност, а со тоа и уживање во играта.

Пет работи кои нѝ се допаднаа:

  • Феноменални моќи кои се целосно уникатни за класата која ќе ја одберете.

Има четири класи, а секоја класа нуди значително различни можности на преигрување, во зависност од тоа дали сте за пресметки од далеку, блиску и какви моќи сакате да користите. Ние игравме со Pyromancer, класа која балансира пресметки и од далеку и од блиску, со моќи кои се фокусираат на разорната сила на пламенот. Можете да кренете пламени од земјата и да ги насочите во разгорувачка линија кон непријателите. Можете да направите жариште во одреден непријател кое ќе ескалира во термална бомба во моментот кога ќе го убиете. Во случај да ви се намали здравјето, можете со пламени јазици да ја извлечете животната есенција на непријателите и да ја вдомите во вас, а во ситуации на предизвикувачки непријатели можете да ги обвиткате куршумите со пламена обвивка која ги пали и разорува непријателите со секој погодок. Нашата омилена моќ е всушност и последната што се отклучува и ви дозволува да направите ерупција под земјата на непријателите и да исфрлите лава со исклучително брутална сила. Сево ова е одлично реализирано и, со комбинација со нашата втора точка, навистина прави да се чувствувате како извор на несопирлива моќ.

Outriders Classes Differences & Abilities Explained | Screen Rant
  • Ефикасно и забавно користење на оружјата.

Оружјата можат да бидат надградени и со елементи кои одлично се надополнуваат со вашите моќи. Пример, една надградба на оружје прави погодените непријатели да се замрзнат, други да се палат, трети да бидат удирани со громови, а четврти да прават сеизмичко поместување при секое репетирање на оружјето. Згора на тоа, во парчињата оклоп што ги носите вметнувате засилувачи на вашите моќи. Во ситуација со термалната бомба, една надградба може да направи да се активира двапати, друга го зголемува радиусот на експлозијата, а трета разорната моќ. Вакви комбинации се само од првиот столб. Вториот и третиот столб нудат значително помоќни елементи, а за да ги отклучите потребно е да наоѓате најразлични оружја и оклопи за да, потоа, ги уништите истите и извлечете уникатните засилувачи.

Outriders Screenshots | gamepressure.com
  • Пределите на планетата Инок се разновидни и интересни за истражување.

People Can Fly се имаат потрудено да осмислат од населени места разрушени од граѓанска војна, преку снежни планинспи предели, па сè до магловити зашумени области. Секое навлегување во нова област нè исполнуваше со чувство за авантура и со задоволство застранувавме од онаму каде што не водеше квестот само за да максимално ја впиеме флората, но и да пронајдеме некој сокриен ковчег, руда за извлекување или изборен квест.

Enoch | Outriders Wiki | Fandom

  • Уникатни изборни квестови!

Секој регион крие дополнителни квестови. Поголемиот дел од второстепените задачи се пропратени со мини засебна приказна која дава подобар увид во маките на луѓето и ефикасно градење на лорот. Единствени квестови кои се лишени од каква било приказна се тие со елиминирање босови или предизвикувачки суштества. Нивното решавање сепак се препорачува за плен, искуствени поени и, во одредени случаи, мали, но нови локации.

Outriders missions guide – main quest list and all side quest locations |  PCGamesN
  • Приказната знае да биде непредвидлива и да ве изненади.

Има одредени делови во приказната кои никако не ги очекувавме и беа исклучително вознемирувачки и шокантни. Наспроти тврдењата на одредени рецензенти, ние бевме презадоволни од гласовите кои ги позајмуваа актерите. Глумата е на исклучително високо ниво, особено актерските способности на женскиот лик кој го водевме. Ништо повеќе не сакаме да кажеме во овој дел затоа што ние навлеговме во Outriders не знаејќи апсолутно ништо за приказната и заклучивме дека уживањето е значително поголемо така. Она што би сакале да потенцираме е дека играта знае да биде исклучително долга и доколку внимателно им пружите шанса на претходните точки, гледате во Sci-fi авантура од барем 50 часа.

Пет работи кои не нѝ се допаднаа:

  • Огромни технички проблеми со играта.

Првите три дена од излегување на играта воопшто не можевме да ја играме. Поради инсистирањето за константна интернет врска, дури и доколку играте соло, малите капацитети на сервери, и огромната бројка на играчи, пријавувањето во играта знаеше да врти постојано. Во случај да имавме среќа да влеземе во играта, многу бргу бевме исфрлувани од неа. По тие три денови, работите се подобрија, но критична грешка од закрпата што следуваше неколку дена по тоа направи многу корисници да го изгубат пленот што со часови и часови го собираа, вклучувајќи и легендарни оружја и оклопи. Студиото вети дека ќе им биде вратен пленот, но не се знае точниот датум и дали ќе им биде вратено сè. Исто така, признаа дека она што ќе им биде вратено можеби нема да биде целосно идентично со она што е изгубено. Бројни багови и неочекувано исклучување на играта, пак, допринесуваат кај PC гејмерите да им се полни хард дискот со по додатни 25GB податоци кои всушност се само crash data извештаи. Само за споредба, играта е со големина од 42GB, а овие извештаи за ненадејно исклучување на играте се како половина од играта. Сево ова налути бројни гејмери кои со нетрпение сакаа да го проверат чедото на People Can Fly.

Outriders is suffering login issues on launch day • Eurogamer.net
  • Еднолични непријатели со слаба вештачка интелигенција

Непријателите се делат на луѓе и суштества. Луѓето се делат на пет типови: војници со ладни или студени оружја, снајперисти, единици за блиска пресметка и капетани, односно босови со моќи слични на вашите. Секој од непријателите има соодветни, но исклучително ограничени тактики и во моментот штом научите како да се прилагодувате на нив, ништо не ве изненадува. Суштествата се делат на типови кои преферираат близина или далечина, како и босови. Огромно разочарување и кршење на имерзивност е кога одите во целосно неистражени области и ќе наидете на потполно исти типови непријатели, само со суптилно променети изгледи или бои. Ова е уште поочигледно во суштествата на кои само бојата им е променета и едни исти типови во една област се плави, во друга зелени, а во трета црвени. Десетиците животински босови со кои се пресметавме нѝ делуваа многу слични и судирот со нив никако не нè возбудуваше, туку само сакавме да ги елиминираме, да го собереме пленот и да продолжиме понатаму. Прилагодување на предизвикот е осмислен така што доколку ја зголемите тежината ќе ви се зголемат и шансите за подобар плен, но и покрај тоа што дојдовме при крајот на играта и осмото ниво на тежина, насловено Immortal, шансите за добивање легендарни оружја или оклоп беа апсолутно невозможни, а непријателите, особено босовите, беа како сунѓери кои ги впиваат нашите куршуми ненаситно и како да се вода.

Here are some new beautiful screenshots for Outriders
  • Застарена графика и неверодостојни анимации

На Xbox One, Outriders знае да биде графички импресивна игра, но таквите моменти се ретки и брзо се заменуваат со суптилно паѓање на фрејмовите, текстури кои поспоро се вчитуваат, а не се премногу импресивни. Во поголемиот дел од играта, анимациите знаат да бидат во ред, особено при трчање, криење зад пречки и нивно прескокнување, но при користење одредени моќи, движењата на ликот делуваат неприродно и мрзеливо осмислени. Ситуацијата на PC би можела да биде значително поразлична, но Xbox One верзијата нѝ остави впечаток дека би можела да биде револуционерна во времето кога е почнато да се работи на неа, што е пред пет години.

Outriders - Screenshots aus der PC-Version
  • Споро скокање низ регионите и при управување со менијата

Во Outriders мапите се поделени на региони. Во секој регион патувате така што мора првин да отидете до лицето кое го вози вашиот камион, да стапите во интеракција со него, да му кажете дека сакате да одите во некој друг регион, да почекате неколку долги секунди да се вчита мапата, да го одберете регионот, да почекате добра минута да се вчита регион и да бидете автоматски преселени на почетната точка. Потоа, за да отидете во оној дел од регионот каде што всушност и сакате, потребно е да го отворите вашето инвентори, да почекате неколку секунди да се вчита, да се вратите чекор назад кон мапата, да го одберете местото во регионот каде сакате да патувате и пак да чекате за да се вчита тој дел. Сакате да менувате оружја или оклопи, како и да ги надградувате? Сè е непотребно споро што, по десетици и десетици часови знае да дојде до точка на фрустрации. Често се случуваше да добиеме ново и посилно оружје или оклоп, но кога помисливме дека за надградба или менување карактеристики мора да се враќаме на почетната точка и да ја играме здодевната игра на чекање со регионите и менијата, брзо ја губевме таквата желба и продолжувавме уште со она што имавме. Ова дефинитивно не оди во корист на наслов кој се заснова на looter-shooter концептот.

Rift Town Map (Mining, Journals, and Chest Locations) : outriders
  • Слаби можности за уредување на изгледот на ликот, неинспиративни и здодевни изгледи на оклопи и оружја

За една игра која лесно би можела да ве дружи со денови, нè изненади ограничениот избор за уредување на ликот со кој управувате. Во кој било момент низ играта можете да го смените изгледот, но таквото нешто и не е толку корисно кога ќе видите колку малку опции имате за да направите некоја драстична разлика во изгледот. Од визуелна гледна точка, нелегендарните оружја и оклопи што ги користите нити се премногу интересни, нити разновидни. Еден ист оклоп или оружје постојано се повторува, само со шари на поразлично место или во поразлична боја. Легендарниот плен е сосема друга приказна, и од визуелна и од техничка точка, но во првото преигрување едвај да собравме две. По одредено време, се помиривме со овие можни „ограничувања“ и стававме само она што статистички најдобро нѝ одговараше, што знае да биде штета, особено кога ќе земете во предвид дека има многу меѓусеквенци со вашиот лик.

Outriders - Full Male Character Customization (DEMO PS5) - YouTube

Завршно мислење

Outriders е игра со огромни потенцијали и особено нѝ е мило што ја откривме и што се дружевме со неа во последнава недела. Но, Outriders е и игра во која сите тие потенцијали врескаат од неискористеност, на еден или на друг начин. Кога ќе повлечете директна паралена со нашите позитивни точки, тогаш негативните оставаат впечаток како да се незначајни забелешки. Најверојатно би биле во право доколку го извлечете таквиот заклучок. Но, и такви какви што се, негативните точки дефинитивно влијаеја на нашето севкупно искуство и, како директен резултат, влијаеја и на нашиот финален заклучок. И покрај ова, Outriders е солиден light RPG looter shooter, игра од која People Can Fly можат да научат многу работи. Како резултат, нивната наредна игра може да биде само подобра!

Ја проверивте ли вие Outriders? Како ви се допаѓа? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии