5 највредни криптовалути во светот

Откако Bitcoin (BTC) се појави на пазарот како криптовалута во 2009 година, почнавме да гледаме шпекулации за тоа дали криптовалутите ќе опстојат како валути, и дали воопшто ќе имаат било каква вредност неколку години натаму. 12 години подоцна, не само што има мноштво криптовалути на пазарот, туку некои од нив достигнуваат вредности за кои многу аналитичари и експерти тврдеа дека се невозможни.

Покрај самата вредност, во последно гледаме многу популарни онлајн продавници кои почнуваат да прифаќаат криптовалути како платежно средство, нешто што првично навидум беше резервирано за црниот пазар. Во продолжение ги разгледуваме петте највредни криптовалути во моментов, и ќе поразговараме по малку за секоја од нив.  

Bitcoin (BTC)

Првично измислена во 2008 година, криптовалутата со име Bitcoin, и кратенка BTC, влегува на пазарот во 2009 година, како open source софтвер. Bitcoin е децентрализирана дигитална валута, која може да се испрати од еден корисник на друг без потреба за посредници. Валутата е создадена како награда за процес кој е познат како mining.

Вредноста на самата валута во моментов е околу 58 илјади долари за еден BTC. Иако првиот голем скок во вредност беше во 2014 година, кога вредноста скокна за масивни 5,690%, самата вредност тогаш изнесуваше $770. Неколку години подоцна, во 2018, видовме уште еден голем скок до $13,400, по што бројни аналитичари инсистираа дека тоа е врвот на Bitcoin, и дека вредноста нема да оди нагоре. Падот до $3,800 во 2019 до некаде ги потврди овие гласини, но во 2020, како и 2021, вредноста на валутата порасна до рекордни 60 илјади долари.

yearn.finance (YFI)

Иако многумина сметаат дека YFI е само токен, всушност се работи за нативната валута на yearn.finance протоколот, базиран на Ethereum. Целиот протокол има за цел да им овозможи на корисниците да прават депозити и да заработат процент од инвестираното, при што алгоритмот го минимизира ризикот и ја зголемува заработката.

Моменталната вредност на YFI е околу 34 илјади долари, а на пазарот во циркулација има 36,634 YFI. Еден од најголемите предизвици кај yearn.finance е фактот што основачот, Andre Cronje, предолго работи на самиот протокол, и бројни инвеститори го следат секој негов потег. Ова значително влијае на вредноста на самата валута, бидејќи до некаде се губи целата поента на децентрализирана валута кога вредноста на истата револвира околу потезите на еден индивидуалец.

Maker (MKR)

Уште еден токен кој е базиран на Ethereum, MKR е проект кој има за цел да работи со децентрализирана криптовалута (DAI) чија вредност е релативно стабилна во однос на америкaнскиот долар. Она што е карактеристично за MKR е тоа што секој корисник кој има Maker токени, има право да гласа кога се работи за измени на Maker протоколот. Вредноста на нивниот глас директно зависи од тоа колку токени има корисникот. Гласањето е возможно за најразлични работи, како на пример надградби на платформата, промени во заштедата која е овозможена за корисниците, итн.

Во моментов, еден токен вреди 2,100 долари, вредност која е значително повисока од вредноста во изминативе две години, а која рангираше од 220 до 730 долари. Бројни аналитичари тврдат дека вредноста има потенцијал да расте уште, но најголемите бројки кои се спомнуваат се околу 3300 долари во наредната година. Ова значи дека доколку не инвестирате значителна сума на пари, повратот на таа инвестиција и нема да биде којзнае колкав.

Ether (ETH)

Во моментов најраспространетиот blockchain, Ethereum е open source платформа која има smart contract функционалност. Официјалната криптовалута на платформата е Ether (ETH), а основачот на Ethereum, Vitalik Buterin, првично ја предложил идејата во 2013 година, заедно со извршниот директор на eToro, Yoni Assia. По несогласување за тоа како треба да продолжи проектот, Buterin заедно со уште неколку основачи продолжуваат со работа на истиот.

Вредноста на ETH во моментов е $1,814, и истата е во пораст од август минатата година. Она што е интересно кај валутата е тоа што залихата не е ограничена како што е случајот со други криптовалути како на пример BTC или YFI. Бројот на токени всушност зависи од тоа колку членови брои самата заедница.

Анализите за вредноста варираат значително, но една голема промена што веројатно ќе влијае многу е воведувањето на Ethereum 2.0, надградба која е веќе започната, а ќе донесе бројни подобрувања. Едно од позначителните е можноста за максимален број од 10,000 трансакции во секунда, што е огромно зголемување од моменталните 30 трансакции во секунда со Ethereum.

Bitcoin Cash (BCH)

Криптовалута која е всушност fork на Bitcoin, Bitcoin Cash настана во 2017 како altcoin, за подоцна да се раздели на Bitcoin Cash и Bitcoin SV. Главната причина за настанокот на истата е зголемената потреба да се овозможат повеќе трансакции во секунда. Ваквата потреба беше критична за луѓе кои сакаат да тргуваат со криптовалутата наместо да ја чуваат како инвестиција. Првичната вредност во 2017 беше околу $240, додека вредноста на BTC во тој момент беше околу $2,700.

Моменталната вредност на BCH е $517, и гледаме нагорен тренд на истата по падот на крајот на 2018 година. Според многумина, BCH е всушност покомпетентен blockchain од самиот Bitcoin, факт кој може да ја движи вредноста нагоре, а може и да доведе до тоа Bitcoin Cash да стане најраспространетиот blockchain за онлајн плаќање.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии