5 најголеми кражби на криптовалути

Андреј Хаџи-Василев

во Статии

Можноста да чувате криптовалути во ваш сопствен паричник е интересна за многу, но, ако сме искрени, многу корисници преферираат солуции кои се поедноставни, но во кои криптовалутите всушност стојат во туѓ паричник. Подесувањето на ваше решение, за многу, и не е толку едноставно, а не е тајна дека многу корисници преферираат едноставност наместо безбедност.

За жал, ваквото чување на криптовалути е само онолку безбедно колку што е безбеден самиот сервис кој ви ги чува. И исто како и било која друга технологија која е подложна на напади, вашите криптовалути и не се толку безбедни во рацете на ваков сервис.

И, за да се работите уште полоши, ваквите сервиси досега и немаат репутација како најбезбедна солуција. Во продолжение ги дискутираме петте најголеми кражби на криптовалути.

CoinCheck

CoinCheck е сервис за размена и чување на криптовалути кој постои од 2014. Во јануари, 2018 година, хакери добија пристап до истиот, и префрлија околу 500 милиони NEM во 19 паричници, 18 од кои беа под нивна контрола. Во тој период, NEM беше релативно нова валута, поради што безбедноста на истата беше компромитирана. Во тој момент, префрлениот износ беше еквивалент на околу 532 милиони долари.  

Иако на почетокот главните осомничени се веруваше дека се хакери од Северна Кореа, понатамошните истражувања открија дека персоналните лаптопи на некои од вработените на CoinCheck биле инфицирани со вирус кој бил злоупотребуван од Руски хакери. Кратко по кражбата, девелоперите на NEM ги означија украдените коини, по што истите станаа скоро безвредни. Било каква размена на коините беше невозможна, по што излегоа шпекулации дека некои од коините ќе се продаваат на црниот пазар. Со оглед на тоа дека вредноста на NEM значително опадна, и коините беа означени, ваквите трансакции се скоро невозможни.

CoinCheck успеа да надомести за кражбата од нивните лични резерви, со што сите корисници кои изгубија коини беа обештетени. Во април истата година, Monex Group го купи сервисот, по што истиот се регистрира во Јапонија како сервис за тргување со криптовалути. Оваа кражба е и причината за формирањето на Јапонската Асоцијација за Криптовалути, која се залага за построги правила околу тргувањето.

MT Gox

Веројатно најпознатата кражба на криптовалути, MT Gox не е прва на списокот од една едноставна причина – вредноста на Bitcoin во тој момент беше нешто под 1,000 долари. И иако украдените 850 илјади биткоини во тој момент вредеа околу 470 милиони долари, денес, кога еден биткоин вреди околу 57 илјади долари, вредноста на украдените коини е преку 48 милијарди долари.

Иако самата кражба била откриена во февруари, 2014 година, сервисот губел коини уште од 2011. Овој факт бил всушност криен од операторите на сервисот до самиот момент кога криењето веќе не било возможно. 750 илјади коини припаѓале на корисниците, додека останатите 100 илјади на самите оператори. Во моментот кога се пропаѓа, MT Gox како сервис бил одговорен за околу 70 проценти од тргувањето со Bitcoin.

Самиот сервис всушност никогаш не бил наменет за тргување со криптовалути. Самото име, како и домејнот (mtgox.com), всушност значат “Magic: The Gathering Online eXchange”, а сервисот бил создаден како место каде in-game токени можат да се разменуваат онлајн на лесен и едноставен начин. Дури во 2010 година, основачот Jed McCaleb одлучува да додаде можности за тргување со Bitcoin, поради недостатокот на такви сервиси во моментот. Подоцна, сервисот го продал на Mark Carpelles, а како причина ги навел недостатокот на време и можност да се посвети на тоа да го развие сервисот и целосно да го искористи потенцијалот.

Самата компанија пропаѓа по кратко време, а само 200 илјади од украдените коини биле вратени. За жал, на никој од корисниците не му се вратени украдените коини, а за да се работите уште полоши, вредноста на Bitcoin паѓа преку 50 проценти кратко после колапсот на MT Gox.





BitGrail

Нецел месец после кражбата на CoinCheck, во февруари 2018 година, малку познатиот сервис BitGrail е хакнат, по што се украдени 17 милиони Nano (XRB) коини, во тогашна вредност од околу 170 милиони долари. По контроверзиите околу CoinCheck, околностите во кои се случува кражбата се многу сомнителни.

Развивачите на криптовалутата всушност ги охрабрувале инвеститорите да го користат BitGrail како сервис, и покрај фактот што истиот не бил многу познат во моментот. За да се работите уште поинтересни, основачот на BitGrail, Francesco Fiorano, предложил развивачите на криптовалутата да овозможат враќање на загубите, нешто што самите развивачи тврдеа дека е невозможно.

Корисници на BitGrail имале поплаки од платформата уште во октомври претходната година, бидејќи не можеле да ги повлечат своите средства, по што Fiorano станува уште посомнителен. Пред некое време, луѓе кои изгубиле средства во оваа кражба ја формираат групата позната како Bit Grail Victims Group (BGVG), и го тужат Fiorano. Судот пресудил дека и сервисот, и Fiorano одат во банкрот.

Bitfinex

Во напад најавен на 2ри август, 2016 година, точно 119,756 BTC биле украдени од корисничките сметки на Bitfinex. Иако тогашната вредност, во долари, изнесувала околу 76 милиони долари, денес истите тие коини вредат скоро 7 милијарди долари. Она што е различно од другите кражби е фактот што операторите на Bitfinex признаа дека кражбата се случила, и покрај сите безбедносни мерки кои биле употребени, и им понудиле решение на корисниците.

Имено, во рок од неколку месеци, операторите успеале да ги откупат сите токени кои сеуште биле во циркулација на берзата. Во меѓувреме, во соработка со владини агенции, Bitfinex работат на тоа да се вратат украдените средства. За жал, трудот не е баш најуспешен, па вратени се помалку од еден процент од украдените коини. Но, за разлика од другите сервиси кои претрпеа ваква загуба и повеќе не се функционални, Bitfinex успешно работи и ден денес.

NiceHash

Не само сервисите за тргување се ранливи кога станува збор за напади и кражби, како што откри словенската компанија за копање, NiceHash. Во декември 2017, од нив беа украдени 4,700 биткоини. Начинот на кој NiceHash всушност работи е едноставен – независни копачи можат да “изнајмат” моќ за копање на корисници кои немаат системи за копање.

Првите сомнежи се појавија кога корисници почнаа да пријавуваат дека дел од нивните средства ги нема на нивните сметки. Во истиот момент, од NiceHash изјавија дека нивните сервиси не се потполно функционални, и го истражуваат нападот, нешто што воопшто не помогна да се смири ситуацијата.

Со оглед на фактот што директорот на NiceHash, Marko Kobal, поднесе оставка подоцна во текот на месецот, некои од корисниците почнаа да се сомневаат дека операторите на сервисот ги украле средствата. Ситуацијата дополнително се влоши кога јавноста дозна дека основачот на NiceHash претходно има отслужено казна затвор за создавање компјутерски malware вирус кој имал за цел да краде податоци за кредитни картички. Овој вирус, познат како Mariposa, во одреден момент инфицирал преку милион компјутери за да создаде ботнет.

Но, и покрај нападот и оставката на Kobal, NiceHash продолжува да функционира. Исто така, се создава систем со кој на корисниците од кои биле украдени средствата, истите им се враќаат. Со последната трансакција од пред неколку месеци, на 16ти декември минатата година, сите средства се вратени на корисниците. 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии