30 години Linux

Пред 30 години студентот Линус Торвалдс на светот му го претстави своето хоби, мал и бесплатен оперативен систем. Објавата на 25 август 1991 година беше поставена во информативната група comp.os.minix.

„Здраво на сите кои го користите minix –

Работам на (бесплатен) оперативен систем (само како хоби, нема да биде голем и професионален како gnu) за 386 (486) AT клонови. Ова го подготвувам од април, и при крај сум. Би сакал фидбек за работите кои ви се допаѓаат и не ви допаѓаат во minix, мојот оперативен систем наликува малку на него (помеѓу другото ист физички распоред на фајл-системот (поради практични причини)).

Во моментов е портиран bash (1.08) и gcc (1.40) и изгледа дека работи. Ова имплицира дека во следните неколку месеци ќе имам нешто практично, па би сакал да знам кои функционалности ги сакаат луѓето. Сите предлози се добредојдени, но не ветувам дека ќе ги имплементирам. 😊

PS. Да – нема никаков minix код, и доаѓа со multi-thread фајл-систем. Не е преносен (користи 386 за task switching) и веројатно никогаш нема да поддржува нешто што не е AT-хард-диск, бидејќи имам само такви ☹.“

Целата листа на пораки и одговори кои стигнаа на оваа „адреса“ е јавно достапна и може да ја разгледате тука. Првото споменување на Linux е нешто порано на 3 јули 1991, но тогаш целиот проект беше неименуван, а и креаторот на оперативниот систем го поддржува 25 август како роденден на Linux.

Linus Torvalds speaks at TED2016 – Dream, February 15-19, 2016, Vancouver Convention Center, Vancouver, Canada. Photo: Bret Hartman / TED (https://www.flickr.com/photos/tedconference/24798638430)

„Првиот јавен пост (25 август) може да го најдете со време и сè. За споредба не верувам дека верзијата 0.01 имаше било каква јавна најава (само приватно, на неколку луѓе кои покажаа интерес, и мислам дека ниту еден од овие мејлови не е останат). Денес единствен начин да ја најдете датата на верзијата 0.01 е да барате во tar-фајлот.

Па, мене двете дати ми одговараа.

Сепак има луѓе кои сметаат дека има и други денови. На пример првото делумно јавно споделување на Linux е на 3 јули – тогаш за прв пат јавно прашав за POSIX документи во Minix групата и споменав дека работам на проект. Од друга страна на 5-ти октомври за првпат официјално јавно претставив Linux верзија: верзијата 0.02“, вели г. Торвалдс во интервју за ZDNet.

GNU оперативниот систем кој е споменат во објавата на форумот доцнеше и беше одложен. Поради ова многу ентузијасти наместо да чекаат на амбициозниот и „професионален“ отворен оперативен систем побрзаа и започнаа да го прифаќаат Linux. Веќе следната година во 1992, креаторот на оперативниот систем ја согледал големината на Linux кога сфатил дека оперативниот систем го користат и прилагодуваат и луѓе кои не ги познава. Овој концепт воопшто не бил познат претходно, но денес е лесно препознатлив со името опен-сорс.

Веројатно најголемиот придонес кој го има издавањето на оперативниот систем е во самиот развој и напредок на отворениот софтвер. Сите кои развиваа и учествуваа во развојот на Linux мораа да прифатат нивното учество да биде под GNU лиценцата. Според оваа лиценца, сите измени што ќе се направат на софтверот треба да се споделат со остатокот од светот. Многу брзо по објавувањето на Linux програмерите од цел свет се вклучија во развојот на овој слободен оперативен систем, правејќи го Linux еден од најважните оперативни системи во светот.

Денес учеството на Linux во ИТ секторот е неспорно. Најголем дел од големите веб-сајтови Facebook, Google, Wikipedia се на Linux. Сервисите во облак исто така се на Linux, еден од оперативните системи кои најчесто се користи – Android е базиран на променета верзија на Linux kernel. Linux има потполна доминација (100%) кај суперкомпјутерите. Само од Android, Linux е присутен на над 3 милијарди уреди. Секако тука е и интернет на нештата кој во иднина ќе биде сектор кој забрзано ќе расте.

Како признание за развојот на Linux во 2012 Линус Торвалдс ја доби најголемата технолошка награда на светот – Милениумска награда за технологија за 2012 година.

„Повеќето луѓе користат Linux без да се свесни за тоа. Moжеби користите кога го користите вашиот Android телефон. Ако сте на интернет, најверојатно пребарувате преку Google. Google користи Linux. Дури и да не користите Linux на вашата машина, серверите на другиот крај работат на Linux.“, вели г. Торвалдс.

Хронологија на Linux (Wikipedia)

1991: На 25 август од 21-годишниот фински студент Линус Бенедикт Торвалдс најавен е Linux kernel

1992: Linux kernel се релиценцира под GNU GPL. Креирани се првите дистрибуции на Linux.

1993: Над 100 програмери работат на Linux. Со нивна помош кернелот е прилагоден на GNU околината, што отвора голем спектар на примена за Linux. За првпат е објавена моментално најстарата постоечка дистрибуција на Linux, Slackware. Истата година, е воспоставен Debian. Денес тоа е најголемата дистрибуција на заедницата.

1994: Торвалдс проценува дека сите компоненти на Kernel се целосно созреани: ја издава верзијата 1.0 на Linux. Проектот XFree86 придонесува за графички кориснички интерфејс (GUI). Комерцијалните производители на дистрибуција на Linux, Red Hat и SUSE ја објавуваат верзијата 1.0 од нивните дистрибуции на Linux.

1995: Linux е пренесен на DEC Alpha и на Sun SPARC. Во следните години, се пренесува на уште поголем број платформи.

1996: Објавена е верзијата 2.0 на Linux kernel. Може да опслужува неколку процесори истовремено користејќи симетрично мултипроцесирање (SMP), и со тоа станува сериозна алтернатива за многу компании.

1998: Многу големи компании како што се IBM, Compaq и Oracle ја објавуваат својата поддршка за Linux. The Cathedral and the Bazaar најпрво е објавена како есеј (подоцна како книга), резултира со јавно објавување на изворниот код на веб-прелистувачот Netscape Communicator. Акцијата на Netscape и кредитирањето на есејот го носи моделот за развој на Linux со отворен код во фокус на популарниот технички печат. Покрај тоа, група програмери започнува да развива графички кориснички интерфејс KDE.

1999: Група развивачи започнува да работи на графичката околина GNOME, наменета да стане бесплатна замена за KDE, која во тоа време, зависеше од тогашниот комерцијален пакет алатки Qt Toolkit. IBM објавува обемен проект за поддршка на Linux. Објавена е верзијата 2.2 на Linux kernel.

2000: Dell објавува дека е втор најголем провајдер на системи базирани на Linux ширум светот и првиот голем производител со Linux модели во целата производна линија.

2001: Објавена е верзијата 2.4 на Linux kernel.

2002: Медиумите известуваат „Microsoft killed Dell Linux“

2003: Објавена е верзијата 2.6 на Linux kernel.

2004: Тимот XFree86 се разделува и се приклучува на постојното тело за стандарди Х за да ја формира фондацијата X.Org, што резултира со значително побрз развој на серверот Х за Linux.

2005: Проектот openSUSE започнува бесплатна дистрибуција од Novell заедницата. OpenOffice.org ја воведува верзијата 2.0 со поддршка на стандардите на OASIS OpenDocument.

2006: Oracle издава сопствена дистрибуција на Red Hat Enterprise Linux. Novell и Microsoft најавуваат соработка за подобра интероперабилност и взаемна заштита на патентите.

2007: Dell започнува со дистрибуција на лаптопи со претходно инсталиран Ubuntu.

2009: Пазарната вредност на Red Hat е еднаква на Sun, ова претставува симболичен момент за „економијата базирана на Linux“.

2011: Објавена е верзијата 3.0 на Linux kernel.

2012: Збирниот приход на пазарот на сервери за Linux го надминува оној на остатокот од пазарот на Unix.

2013: Android базиран на Linux според на бројот на испорачани телефони освои 75% од уделот на пазарот на паметни телефони.

2014: Ubuntu има 22.000.000 корисници.

2015: Објавена е верзијата 4.0 на Linux kernel.

2019: Објавена е верзијата 5.0 на Linux kernel.

1 коментар на “30 години Linux

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии