3 работи кои нѝ се допаднаа во најновото DLC за Children of Morta

Children of Morta е една од најдобрите акциони игри со ретро инспирирана графика, трогателна приказна за харизматично семејство и уникатни roguelike елементи. Комбинацијата од овие три работи понуди исклучително интересна формула која со часови нè држеше прилепени до екранот. Токму поради тоа, со нетрпение го чекавме излегувањето на првото посодржително DLC за играта.

Ancient Spirits нема да ве чини многу (5 евра), а доколку ви се допадна основната игра и барате продолжување на забавата, ова се три работи поради кои дефинитивно треба да се навратите во овој преубав свет.

Нов лик

Новиот лик со кој играте се вика Yajouj’Majouj и е, всушност, два-во-еден пакет. Имено, ликот може да заземе една од две форми. Со самото тоа, на располагање имате две целосно уникатни стилови, а нивно наизменично менување и комбинирање напади има исклучително деструктивни резултати. Низ авантурите, ве следи и подеднакво опасно милениче кое располага со дополнителни офанзивни и дефанзивни мерки. Единствено нешто што жалиме е тоа што не можеме да го внесеме ликот во кампањата, туку само во Family Trials режимот.

Систем со изгледи

Ancient Spirits додатокот особено се препорачува и за оние што планираат да поминат низ кампањата уште еднаш, но сакаат да ја разбијат монотонијата со ликови кои изгледаат малку поразлично. Благодарение на новиот систем со скинови, секој од ликовите може да носи најразлични маски. Да бидеме фер, се работи за по една маска во најразлични бои, но нѝ се допадна концептот и, знаејќи ги Dead Mage, се надеваме дека со некои наредни надополнувања, системот би можел дополнително да се прошири.

Нови благослови, амајлии и мошти

Со активирање на додатокот Ancient Spirits, автоматски, независно дали сте во кампањата или во Family Trials, ви се отклучуваат по пет нови благослови, амајлии и мошти. Овие 15 механики значително го прошируваат искуството и допринесуваат до огромна свежина и динамика при играњето, особено кога ќе почнете со најразлични експериментирања низ занданите.

Како огромни фанови на Children of Morta, задоволни сме од она што го најдовме во Ancient Spirits. Додатокот успева да внесе доволно нови работи и да го направи искуството уште пофлуидно и позабавно. Од излегување на основната игра, Dead Mage внесе во играта бесплатни нови тежини и опрема, нов режим и игрив лик, како и едно мало платежно DLC кое, всушност, е за добротворни цели. Она на што моментно работи тимот е уште бесплатна содржина и конечно овозможување на онлајн ко-оп. До тогаш, Yajouj’Majouj решително ве чека во Family Trials.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии