3 чекори за откажување од Facebook

Facebook е одлична платформа за социјализација, но доколку ве загрижуваат нивните правила за приватност и сакате да ги избришете вашите траги, ова се трите чекори кои ви препорачуваме да ги следите.

1. Преземете ги вашите податоци од Facebook

Кога веќе се повлекувате од Facebook, нема смисла и да ги изгубите сите фотографии кои сте ги поставувале низ годините. Поради тоа, посетете го www.facebook.com/your_information и започнете го процесот за преземање на вашите лични податоци, спакувани во компресирана датотека. Создавање и овозможување на датотеката за преземање може да потрае неколку часови и да „тежи“ неколку гигабајти. Поради тоа, дајте му време процесот да заврши и размислете дали сте спремни да го направите следниот чекор.

2. Избришете ги вашите постови и албуми

Значи дефинитивно решивте да се повлечете од Facebook? Немојте предвреме да си честитате затоа што имаме уште работа пред нас. Следниот чекор е да почнете да бришете сè што  некогаш сте поставиле. Тоа што сте ги преземале вашите податоци (чекор 1), не значи дека податоците се избришани и од серверите на Facebook. Одиме првин со албумите со фотографии – најлесното од ваквата авантура.

Не заборавајте да дишете длабоко.

Отворете албум, кликнете на запчаникот и изберете Delete Album. Претпоставуваме дека пред и да го направите ова, вашата датотека од чекор 1 е безбедно преземена, проверена и складирана на 2-300 места. Одлично. Наредниот чекор е да ги ликвидирате сите ваши паметно осмислени постови кои немаат ни еден лајк затоа што луѓето се љубоморни и не го ценат вашиот уникатен видик на светот. Кликнете на Activity log, а потоа на Posts. Можете да изберете да сокриете некој пост, но зошто? Веќе се наоѓате на точка од која нема враќање. Албумите се избришани, ред е и постовите да ги снајде исто, Кликнете на копчето Delete. Да, ова се прави рачно. За време на процесот, се препорачува црвено вино во чаша. ОГРОМНА чаша. Кога сте веќе тука, можете и да ги проверите линковите Likes и Reactions. Има и тука бришење. Отворете си ново шише вино. Во ред е, ќе почекаме.

3. Избришете го вашиот Facebook акаунт

Wow, не нѝ се верува дека навистина ќе го направите ова. Ок, во случај да ја губите храброста еве еден интересен факт: Се украдоа приватни податоци и детали на скоро 30 милиони корисници на Facebook. Ако некогаш било добро време стратешки да се повлечете од оваа платформа, тоа е сега. Facebook не сака да го уништите вашиот профил и ќе проба од петни жили да ве премисли и да ве натера да го деактивирате профилот. Со деактивација, Facebook само го крие вашиот профил, но не брише ништо од серверите на компанијата. Во случај да сакате да одите со оваа опција, тркнете на www.facebook.com/settings, кликнете на Edit, па на Manage account. Тука, кликнете на Deactivate your account и размислете убаво зошто се мачевте со бришење на сè живо и диво, ако, на крај, само го деактивиравте профилот.

 

Ок, ви даваме време да размислите добро и во случај да сте сигурни тогаш одете ТУКА! и кликнете на Delete Account.

Го кликнавте копчето? Честитки за храброста! Сега, сè што ви останува е да чекате акаунтот да исчезне во наредните 30 дена. Вашите податоци од серверите на Facebook се губат во наредните 90 дена. Во случај да се предомислите, Facebook ќе ви дозволи да го повратите профилот во првите 14 дена од кликнување на судбоносното Delete Account.

Оние кои навистина сакаат целосно да се отсечат од серверите на Facebook, најверојатно би требало да удрат корпа и на Instagram. Instagram е на Facebook. Но, тоа е приказна за некој друг ден. Овој ден, бевте доволно храбри.

Сипете уште една чаша вино.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии