22 игри кои ќе излезат во август

И во поглед на игрите, летото обично се смета за сушен период. Додека издавачите ги подготвуваат поголемиот дел од нивните наслови за есенско марширање, тука-и-таму, некоја игра ќе застрани од оваа норма и ќе понуди пријатна забава порано од очекуваното. Ова се 22 игри кои набргу ќе излезат, а, за тоа кои од нив се добри, ќе откриеме заедно во месецот што доаѓа.

Dry Drowning [PC] – 2 август

Визуелна роман кој ветува над 20 часови гејмплеј, со над 150 разгранувања во приказната и 3 целосно различни завршетоци.

Madden 20 [PC, PS4, XBO] – 2 август

Најголемиот новитет лежи во Face of the Franchise, нова персонализирана кампања за градење кариера преку учество во College Football Playoff. За таа цел, лиценцирани се десет колеџ тимови.

Age of Wonders: Planetfall [PC, PS4, XBO] – 6 август

Петтата игра од овој серијал е во sci-fi опкружување, со богати можности за управување со некоја од шесте уникатни фракции. Секоја од фракциите ќе се одликува со различни единици и гејмплеј. До ултимативната победа можете да дојдете преку водење дипломатски односи, шпионирање или објавување војна. Во sci-fi водите, серијалот Civilization немаше толку среќа, да се надеваме дека Age of Wonders ја има најдено нивната детелинка со четири листа.

Metal Wolf Chaos XD [PC, PS4, XBO] – 6 август

Се работи за истата игра од 2004 година, ре издадена со надградена графика и подобрени контроли и гејмплеј механики.

Sword Art Online: Fatal Bullet Complete Edition [Switch] – 9 август

Комплетното издание ја крие целата игра, со трите додатоци, експанзијата Dissonance of the Nexus и сите дополнителни бонус содржини.

Friday The 13th: The Game Ultimate Slasher Edition [Switch] – 13 август

Ко-оп играта која ви дозволи да се впуштите во дигитален масакар на сите ваши пријатели доаѓа и на платформата на Nintendo, заедно со сите додатоци кои излегоа за играта.

Zeus Begins [PC] – 16 август

Би можеле да ја цените играта доколку сте фанови на аркадните игри од осумдесеттите години, игри како Double Dragon и Golden Axe.

RAD [PC, PS4, XBO, Switch] – 20 август

Пост-апокалиптична акциона игра чии гејмплеј механики подлегнуваат на rogue-like жанрот

Remnant: From the Ashes [PC, PS4, XBO] – 20 август

Од креаторите зад Darksiders III, доаѓа акциона RPG aвантура во трето лице, сместена во пост-апокалиптичен свет полн со монструозни суштества. Сами, или со уште двајца пријатели, потребно е да патувате низ најразлични портали, да го откриете изворот на суштествата и да се изборите за втора шанса на човештвото. Во Remnant: From the Ashes, се фокусира на динамично создавање светови кои никогаш не се исти при наредното преигрување. Непријателите, мапите, квестовите и настаните се менуваат и доаѓаат во најразлични предизвикувачки форми.

Life Is Strange 2 – Episode 4 [PC, PS4, XBO] – 22 август

Претпоследната епизода ги продолжува авантурите на Шон и Даниел и ги подготвува за нови непријатни изненадувања во Мексико, каде секоја ваша одлука може да има исклучително огромни последици.

Oninaki [PC, PS4, Switch] – 22 август

Јапонска акциона RPG игра во која акцентот е на употреба на најразлични смртоносни оружја и уникатни надградба на вештини и способности, нешто што се чини повеќе од потребно, особено кога ќе видите со какви непријатели си имате работа. Нѝ се допаѓа уникатниот гејмплеј елемент каде можете да повикувате најразлични суштества да се борат за вас.

Ancestors: The Humankind Odyssey [PC] – 27 август

Амбициозна игра која ќе излезе само преку Epic Store. Во Ancestors ја истражувате Африка, но онака како што би можела да изгледа пред 10 милиони години. Во огромниот отворен свет, заснован на survival механики, градите, проширувате и управувате со вашиот клан и донесувате одлуки кои директно влијаат на еволутивниот процес и на вашите идни генерации.

Arizona Sunshine: The Damned DLC [PC VR, PSVR] – 27 август

Додатокот се надоврзува на настаните од главната игра и веќе-излезеното DLC и ви дава на располагање нов протагонист, нова мапа и серија од нови достигнувања.

The Bard’s Tale 4: Director’s Cut [PC, PS4, XBO] – 27 август

Надградената верзија на играта дополнително ги проширува скоро сите аспекти и донесува повеќе опции за уредување на ликовите, нови предмети, нови непријатели, надграден кориснички интерфејс, бесплатно проширување за зандана и многу повеќе!

Control [PC, PS4, XBO] – 27 август

Од авторите зад феноменалните Max Payne и Alan Wake, нѝ доаѓа натприроден трилер каде користите најразлични способности, од телекинеза, преку лебдење, па сè до контролирање одредени непријатели. Препознатливо за студиото, Control ветува приказна од монументални имерзивни вредности.

Taste of Power [PC] – 27 август

Стратегија во реално време каде се фокусира на фиктивен конфликт помеѓу Европа, Кина и Средниот Исток. Создавајте градови, тренирајте единици, истражувајте технологии и издвојте победа на најразлични мапи.

World of Warcraft Classic [PC] – 27 август

Феноменално носталгично патување за сите фанови на кралот на ММО игрите. Класичната верзија ви дозволува да ја играте играта во состојбата во која се наоѓала пред излегувањето на првата експанзија.

Wreckfest [PS4, XBO] – 27 август

Тркачка игра која веќе е излезена на PC платформата. Производот на Bugbear нуди адреналински трки на веродостојни терени и со реалистична деструкција на автомобилите. Оние кои се по хаотично и деструктивно тркање, би можеле пријатно да бидат изненадени од Wreckfest.

Headspun [PC, PS4, XBO, Switch] – 28 август

Интересна инди игра каде главниот лик се буди од пет неделна кома, а животот му виси на конец, управуван од свесни и потсвесни гласови во неговата глава.

Astral Chain [Switch] – 30 август

Astral Chain е акциона игра од талентираните PlatinumGames. Клучните лица кои се задолжени за играта се Такиша Таура (водечкиот дизајнер за Nier: Automata) и Хидеки Камуа (креаторот на Devil May Cry и Bayonetta)

Blair Witch [PC, XBO] – 30 август

Психолошки хорор со силен наративен фокус. Иако сеуште не се знае премногу за Blair Witch, за играта се задолжени креативните умови зад Layers of Fear.

The Dark Pictures Anthology: Man of Medan [PC, PS4, XBO] – 30 август

Серијал од самостојни хорор игри каде вашите одлуки ги дефинираат приказните. Во антологијата на Supermassive Games можете да се впуштите сами или со уште еден пријател.