.мк СтартапиСтартап заедницата со старо-нови предизвици

 

Што ја одбележа стартап сцената во Македонија во 2018?Startup Macedonia: Ако нешто ја обележа сцената тоа беше зголемениот интерес на сите актери во Mакедонија и интернационалната јавност да дознаат за македонската стартап заедница. Не сакаме да се ставаме први, но истражувањето Connecting the Macedonian ecosystem, кое опфати 20 организации и над 70 стартапи ни помогна да ги идентификуваме потребите на екосистемот. Веруваме дека истражувањето ќе биде основа со која ќе иницираме раст во целиот екосистем, не само кај организациите и донаторите, туку ќе поттикнеме и повеќе стартапи да се креираат и ќе охрабриме повеќе инвестотори да го препознаат екосистемот како релевантен за иновации. Зборувајќи за инвеститори, Фондот за Иновации објави прв повик за акцелераторска програма со кој се очекува нови 3 акцелератори (УКИМ, Сеавус и Смартап) да почнат со работа во 2019-та. Се очекува и креирање на научно-технолошкиот парк во Скопје што ќе поттикне иновација и ќе ја зајакне соработката помеѓу научно-истражувачките центри, индустријата и стартап заедницата.

Solveo: Според нас, неколку настани беа значителни за да се поттикне стартап ентузијазмот во изминатата година. Почнувајќи oд Womenpreneurs Stories кои претставуваат една извонредна воедно и неопдходна иницијатива за поддршка на жените претприемачи во нашето општество. Во текот на есента се одржаа настани кои имаа за цел да ја поттикнат целата стартап сцена, a воедно и сите што имаат преференци за претпремништво да дознаат повеќе и да се охрабрат да ги преземат првите чекори. Такви настани беа: Startup Weekend Skopje, кој после 2 години пауза повторно се врати во Скопје и самите учесници покажаа дека имаат желба и потенцијал за развивање на свои стартапи. Понатаму, Startup Grind беше еден од настаните на кој предавачите  имаа за цел да ги охрабрат сите што се во дилема за преземање на првиот чекор за отварање на својот стартап, преку раскажување на нивните приказни и искуства. Друг позначителен настан за стартап сцената беше BETAPITCH каде сите технолошки ориентирани стартапи имаа можност да ги презентираат своите решенија, со можност да освојат награди кои ќе им помогнат при реализирање на своите идеи и нивно скалирање. Во претпоследниот месец од тековната година, се одржа и Global Entrepreneurs Week, каде целта беше да се поттикнат корпоративни иновации преку спојување на корпорации со стартапи и да се подобри мрежата на иновативно претприемништво.

Кои мк стартапи најмногу се истакнаа во 2018 и зошто?

Startup Macedonia: Македонските стартапи продолжуваат да се топло-ладно. Триото од MojVozduh, Airport briefing и ECGalert беа предселектирани за  World Summit Awards на Обединети Нации од над 400 апликации од повеќе од 100 земји во светот… Македонскиот стартап Swift Data кој работи во областа на обновливите извори на енергија успешно се пласираше меѓу 7те најдобри на финалето на Светскиот Натпревар за Вселенски Иновации – SpaceCom Google Entrepreneur Challenge во Хјустон, САД. Embed social лансираа 2 нови продукти и покрај нивната голема база на клиенти во западна Европа и САД своите напори ги насочија на исток кон освојување на Јапонскиот пазар. Годината исто така го најавија влегувањето во елитното стартап семејство THE Family со кој Македонија ќе има претставник. Македонско-британскиот стартап Cognism, кој користи вештачка интелигенција за унапредување на продажбата постигна голем раст оваа година за што доказ се и  две инвестициски рунди во 2018 кои ги затвори со вкупен износ од приближно 5 милиони фунти предводени од фондот за ризичен капитал South Central Ventures и Oliver Wyman, заедно со Newable, London Co-Investment Fund, Start-up Funding Club и други.

Solveo: Во текот на 2018 сметаме дека неколку стартапи го истакнаа својот потеницијал. Тоа се стартап компании кои што не ставаат голем акцент на стартап етикетата како што се: Microtica која е технолошки напредна платформа која им овозможува на програмерите градење на компаниски решенија лесно и брзо, како никогаш претходно. Со скратување на времето потребно за развој  дури до 60%, Microtica им помага на индивидуалците и компаниите да испорачаат висококвалитетни софтверски решенија преку сет на алатки кои го поедноставуваат текот на управување со процесите во конкретната компанија. Мicrotica значително ги поедноставува комплексните процеси како поставување на околина за програмирање, градење на автоматизиран процес и негово пуштање во употреба, преку само неколку кликови на дисплејот, без притоа корисникот да поседува напредно специјалистичко знаење. Embed Social  е платформа која работи на подобрување на довербата на веб сајтовите и им помога на компаниите да ги интегрираат нивните профили од социјалните мрежи, со цел автоматски да прикажат доказ од кориснички генерираните содржини за нивниот кредибилитет. Па така, визуелното прикажување на слики и рецензии од корисниците на вашиот вебсајт е потврдено дека резултира во зголемена продажба. Airport Briefing е платформа преку која се сервираат потребните информации за пилотите на ефективен и ефикасен начин преку интерактивна 3Д визуелизација на истите. Овој пристап го прави производот уникатен во авио индустријата, а посебно во областа наречена “airport briefings” чија главна цел е запознавање на пилотот со аеродромот на кој што оперира. Ни претставува особена чест и задоволство што во текот на 2018 заедно работевме на лансирање и развој на овој продукт на пазарот заедно со тимот на Airport Briefing.

Кои се вашите очекувања од македонските стартапи во 2019?

Startup Macedonia: Појава на зголемен број на старапи и scaleups, генерирање на иновативни идеи кои ќе бидат валидирани на пазарот, остварување на соработки помеѓу стартапи и големи компании, меѓународни успеси на наши стартапи. Некој голем егзит можеби што ќе ги втурне стартапите во македонскиот бизнис мејнстрим? Сѐ уште има добар дел од македонските стартапи кои сѐ уште се мачат со основите на претприемништвото. Но, тоа е нешто што целиот екосистем ќе треба да работи заедно. Технологијата станува се попристапна, се повеќе има луѓе заинтересирани да иновираат, и очекуваме интересни проекти во 2019-та.

Solveo: Во наредната година би сакале да видиме повеќе стартапи кои ќе се појават на македонската сцена. Исто така од постоечките се надеваме дека некој ќе успее да се пробие на меѓународниот пазар и ќе постигне интернационален успех. Сепак, стартап сцената е нешто кое константно се менува, oчекуваме од гореспоменатите стартапи да видиме како ќе настапат во иднина и секако остануваме да ги следиме промените кои ќе настанат во наредната година.

Кога би можеле, кои промени би ги направиле за да се овозможи побрз раст на стартап сцената во Македонија?

Startup Macedonia: Работиме на нешто што мислиме дека ќе донесе поголема вредност за екосистемот. Истражувањето ни покажа неколку точки што може да ги подобриме со дигитализацијата на стартап екосистемот (и тоа ќе ни биде главниот проект во 2019). Екосистемот е фрагментиран, не само по различни градови, туку и по различни организации кои не соработуваат меѓусебе, стартапи кои се неинформирани, и инвеститори кои се исплашени да преземат ризици. Фрагментацијата е нешто што сакаме да го решиме така што ќе им обезбедиме на сите дигитална платформа и сервиси за да комуницираат меѓу себе, да споделуваат транспарентни податоци за реалната слика на екосистемот – нешто што ќе им помогне на сите да ги препознаат предизвиците порано и ќе издвојат ресурси за решавање на вистински проблеми кој ќе поттикне раст на македонските стартапи пред се. Во меѓувреме, Стартап Македонија ќе продолжи да ги поддржува сите настани, стартапи и организации кои работат со иновации… затоа е формирана организацијата, пред се. :)

Solveo: Стартап сцената е во раните фази на развој, има недостиг од поголема и директна поддршка на стартапите од страна на државниот и приватниот сектор. Со оглед на моменталната состојба, потребно е да се следат и имплементираат успешни примери за поттикнување и развивање на целиот стартап екосистем. На пример, земји како Естонија кои го имаат дигитализирано и олеснето процесот за основање на стартап и креирање на поволни услови за нивно развивање.


Најчитани написи на IT.mk во 2018 на оваа тема: