ДизајнТрендовите во графичкиот и веб дизајн

Технологија без дизајн е ништо за крајниот корисник. Дизајнот е тој што го прави пристапот до технологија едноставен, лесен, а ако е лошо имплементиран и сложен и збунувачки. Постојат еден куп приказни за тоа како супериорни платформи и технологии имаат загубено на пазарот од страна на конкуренти кои примарно имале добар дизајн. Дизајнот како тема е доста сложен, постојат многу правци, постојат многу различни лични вкусови и не секогаш е лесно да се дебатира за дизајнот и неговите очекувања.

Сепак, се потрудивме на таа тема да добиеме мислење од страна на неколку македонски дизајнери:

  • Небојша Гелевски; графички дизајнер, Koma – design studio
  • Зоран Кардула; графички дизајнер
  • Давид Ристевски – Dreadpen; графички дизајнер, New Media MK

Кои трендови во дизајнот најмногу се истакнаа во 2018?

Небојша Гелевски: При печатење дефинитивно „експлодираа“: металик, флуоресцентни и други пантон бои, селективен лак… Во дигиталниот дизајн: рачно доцртувани, интересно боени илустрации; 3D елементи и 3D објекти рендерирани во една боја, двобојни концепти, драстично зголемени детали (букви, знаци), испрекинат крупен текст и многу други.  Штом се појави нов интересен свеж дизајн, веднаш ја „заразува“ целата дизајн индустрија.

Рачно доцртани елементи на насловни за списанија

Рачно доцртани елементи на насловни за списанија

Зоран Кардула: Во 2018 година бевме сведоци на продолжување на трендот кој се појави во 2017 година со користење на живи и јаки бои.  Преовладуваа ултравиолетова до нијанси на лаванда, виолетова и пинк. Тоа допринесе на голема врата да се вратат градиентите. Двотонски градиенти, поклопување на градиентите  и во комбинација на рамни елементи гледавме одлични дизајни. Тука морам да ги спомнам дека посебен печат оставија и геометриските форми, во комбинација со минимализмот. Особено ме радува фактот дека Брутализмот повторно се враќа во дизајнот со намера да привлече внимание и тоа мошне успешно (првпат појавен  во дизајните 50 години од минатиот век). Илустрацијата некако ја превзема улогата како водечки елемент но исто така и во комбинација со фотографија се почесто можевме да ја гледаме во дизајните во 2018 година.

Давид Ристевски – Dreadpen: Во дигиталната ера, трендовите на дизајнот може да исчезнат толку брзо, колку што никнуваат и нови. Она што било ново, модерно, иновативно во изминатите години, изгледа застарено во 2018-та. Додека некои трендови го поминаа тестот на времето, други исчезнаа со трепкањето на окото. 2018та е дефинитивно супер година кога се работи за дизајн. Видовме доста експериментирање со дизајнот и луда имагинација на иновативни дизајни во текот на цела година. Од модерна типографија, светли бои и микро-интеракции до рачно изработени детални илустрации. Она што ја одбележа 2018та година е:

Типографијата сѐ уште владее – Креативната типографијата мислам дека е најзастапена и е лидер во графичкиот дизајн оваа година. Всушност, овој тренд е најупотребуван веќе неколку години и нема да замине за скоро. Кога станува збор за типографијата, имагинацијата е главната алатка. Креативната типографија може да се комбинира со повеќе различни техники или да биде искористена комплетно сама во дизајнот. И во двата случаи, импресионира.

Она што оваа година ми остави најголем впечаток е тоа што и големите играчи, како Apple, избраа да си поиграат со bold типографија, и во многу случаи истата ги заменува сликите.

Автор: Yi Shi

Автор: Yi Shi

Glitch ефект – Иако јас лично не сум фан на овој ефект, можам слободно да кажам дека има прилично добри дизајни оваа година кои и мене ми украле дел од времето за да ги погледнам. Она што беше иритирачко за гледање, сега стана навистина посакуван ефект. Очигледно, употребата на овој ефект и начинот на неговата примена е доста атрактивен кај дизајнерите, не само кај фановите на хорор филмови :)

Илустрација – Илустрациите секогаш се на бранот на популарноста. Секој дизајн е парче уметност креирано со многу талент и имагинација. Поради тоа илустрациите никогаш нема да излезат од мода.

Кога станува збор за графичкиот дизајн, илустрациите секогаш носат специфично уникатен вајб на делото. Во 2018 година, тие се презентирани во комбинација со различни графички трендови и елементи, како едноставен дизајн и минимализам, negative space, 2D и 3D, ретро дизајн, комбинација на фотографија и илустрација и сл. Илустрацијата од прости елементи, линии, едноставна композиција секогаш се ефективни кога се добро балансирани. Особено кога треба да се стави фокус на комуникацијата, нема подобар начин од едноставноста. Она што мене најмногу ми привлекува внимание е комбинацијата на реални фотографии со илустрација. Оваа техника го зголемува ефектот на фотографијата и ѝ дава на композицијата нова димензија и изглед. Препорака до брендовите што ги гледаат едноставните фотографии како досадни, ова е правиот тренд за нив. 

Исто така да не ги заборавиме, а заслужуваат место: асиметричен дизајн, анимациите и микро интеракциите, изометрички дизајн, градиентите.

Како новите технологии влијаат врз дизајнот? Како технологијата го смени процесот на дизајнирање?

Небојша Гелевски: Не знам баш, од една страна ни го олеснуваат процесот на дизајнирање од друга страна ни ја убиваат креативноста и „рачната“ работа. Се претплативме на сток фотографии, заборавивме да фотографираме сами… Ме грижат купиштата дизајн темплејти, не знам каде оди работава, дали се очекува технички стручни лица за одреден софтвер, со користење генерички темплејти да ги заменат графичките дизајнери!? Тешко прашање.

Зоран Кардула: Технологијата секако се наметнува сѐ повеќе и како двигател и на дизајнот. Сѐ повеќе дизајни се прилагодуваат како да изгледаат најдобро на различни уреди и сето тоа води кон поедноставување на некои елементи во дизајнот. Сѐ повеќе компании кои имаат многугодишна традиција на нивните логоа гледаме дека ги поедноставуваат сѐ со цел да бидат подобро аплицирани и повпечатливи на уредите кои крајниот корисник кој ги користи.

Давид Ристевски – Dreadpen: Да тргнам од она што го работам јас, илустрација, и тоа како влијае врз процесот на дизајнирање. Како што фотошоп беше револуционерен и ја отвори вратата на многу нови функционалности и не одведе на патот кон полесен и поедноставен процес на дизајнирање, така сега имаме премногу нови алатки кои главна и крајна цел, покрај новите функции е побрз workflow и полесно дизајнирање. Како пример би го издвоил iPad-oт, кој се повеќе се користи во делот на илустрација. Процесот од скица до финален производ е толку многу поедноставен и побрз, а да не ги занемариме и функционалностите што ги нуди и новите вратите кои ги отвора за креативност. Сѐ уште има “несогласувања” помеѓу дизајнерите кои гледаат прогресивно кон новите технологии и истражуваат во новите полиња како 3D и AR и оние кои се љубители на традиционалниот начин кои сѐ уште се со моливот на хартија секојдневно. Најдоброто е тоа што постои диверзитет, возбудувачки работи се случуваат кога дизајнерите го искористуваат тој “конфликт”, овозможувајќи простор за инспирацијата да дојде од сите насоки. Едвај чекам да видам што ново ќе излезе следната година во поглед на дизајн.

Што очекувате да донесе 2019 во полето на дизајнот?

Небојша Гелевски: Очекувам помалку технологија, а повеќе човечки пристап… детали правени на рака, „бегање“ од темплејтите и генеричките дизајни, а би сакал да видам и отклонување од главните трендови.

Зоран Кардула: По тоа што следам на моја голема радост илустрацијата пак е носител на дизајнот. Се предвидува да биде потенцирани со здебелени линии. Градиентите повторно ќе продолжат да доминираат дури уште по агресивно него во 2018 година. „Електричниот“ дизајн ќе донесе свежина и уникатен изглед. Брутализмот ќе биде повторно присутен како и се повеќе користење на типографијата со похрабро и здебелени фонтови кои ќе доминираат во дизајнот. Илустративни икони со користење на само контури во еден минималистички елемент ќе бидат зачестени во апликациите. Како и погоре што кажав  се повеќе дизајни прво ќе бидат мобилни ( прво се изработуваат разни веб страни за мобилни)  потоа тоа се прилагодува за десктоп корисниците. Од тука ќе продолжи користење на рамни мали 2Д анимации.

Давид Ристевски – Dreadpen: Се повеќе минимализам применет во било кој поглед на дизајнот. Less is more and more and more. Во свет каде што се повеќе не бомбардираат со информации, да се зачува едноставноста и минимализмот е секогаш добра идеја за ефикасна комуникација. Кога еден дизајн е чист и се е на место, нема конфузија, ги подобрува концентрација како и примањето информации.

Pantone ја избра Living Coral за боја на 2019 година, а за 2018 беше Ultra Violet. Која боја според тебе ја одбележа 2018, а која очекуваш тоа да го направи во 2019?

Небојша Гелевски: И ова со пантониве стана маркетинг-бизнис шема, купи чаша со пантонот за 2019, купи привезок со понтонот, истетовирај се со пантон! (има ли ваква можност!?) … искрено ми се допаѓа пантонот Living Coral за 2019 – свеж е и убав – „100% природен!“. 2020 година очекувам некој металик пантон да биде трендинг, само да не биде Скопје металик сива, нека биде „небо ‘металик’ сина“.

Pantone #Skopje2018 (дело на Небојша Гелевски)

Pantone #Skopje2018 (дело на Небојша Гелевски)

Зоран Кардула: Па веќе се најавуваат кои бои ќе доминираат во дизајнот и тоа од lady-lips до night-sky и juicy-peach и градиентите околу овие бои.  

Давид Ристевски – Dreadpen: Не очекував Living Coral да ја одбележи 2019 година како боја на годината. Некако имав впечаток дека жолтата боја ми е најзастапена (и потајно сакав да е таа ), очигледно сум погрешил. Па еве, иако оваа година имаше комбинации на многу светли бои, следната мислам дека ќе биде година на некоја моќна, мистериозна и софистицирана боја, на пример црна. Доколку не е црна, гласам за жолта.

Ако мора да издвоиш македонски дизајн/дизајнер кој ти остави најголем впечаток во 2018, кој би бил?

Небојша Гелевски: Игор Делов – неконвенционален, со креативен пристап при правење на своите дизајни, еве ѕирнете колку му се јаки постерите. Се слагате така!?

Дела на Игор Делов

Зоран Кардула: Искрен да сум многу малку дизајни на наши дизајнери сум видел и не можам да издвојам некој посебно. Ми остави впечаток боенката со елементи од Скопје илустрирана од Васил Шемкоски, фино концептуализирана со одлични илустрации.

Давид Ристевски – Dreadpen: Не би да двојам, али ако морам … my buddy Флим ми го привлече вниманието цел јуни месец не ме оставаше еден ден без да отворам Instagram со неговите кирилични чудовиштаИсто така би го спомнал дизајнот на овогодишниот Skopje Јаzz Festival, супер примена на минимализмот. 


Најчитани написи на IT.mk во 2018 на оваа тема: