Фин-текЛокалната иновативност во овој сектор напредува

2018-та беше одбележана како година во која локалниот банкарски сектор направи посериозен исчекор кон адаптирање на последните трендови – поактивно го промовираа е-банкарството, се најавија разни мобилни апликации, contactless плаќањата…  Како очекувате овој тренд да продолжи во 2019?

Зорица Черепналкоска: Комерцијална банка АД Скопје активно ги следи светските банкарски трендови, како и иновациите во информатичката технологија со цел да им ги направи достапни на клиентите преку своите услуги. Во ера на дигитализација очекуваме се` поголемо учество на дигиталните канали на услуги наспроти традиционалните, а се надеваме и дека корисниците ќе ги користат многу повеќе.

Со цел задоволување на барањата и потребите на клиентите за 24x7x365 дена во годината достапност на своите сметки и вршење плаќања, Банката континуирано работи на надградба на постоечките web (Интернет Банка) и мобилни апликации (mBanka, mBankaCo и KomPay) со нови функционалности.

Едноставноста, брзината и сигурноста се едни од клучните предности за поинтензивно користење на овие апликации од страна на компаниите и населението. Во изминатите 10 години бројот на компаниите кои ја користат Интернет Банката е зголемен за 45 пати, додека бројот на граѓаните што ја користат истата е зголемен за 6 пати.

Статистиката покажува дека во моментов 51% од налозите за плаќање во денарскиот платен промет и 64% од плаќањата во странство се извршуваат преку интернет.

Имајќи предвид дека плаќањата направени преку web и мобилните апликации се со 60% помали провизии од оние направени на шалтерите на Банката, очекуваме и во наредните години бројот на интернет корисниците да расте.

Дали нашите банки се подготвени за посериозна фин-тек револуција?

Зорица Черепналкоска: Донесувањето на PSD2 (Payment Service Directive 2) европската регулатива и нејзиното задолжително имплементирање од јануари 2018та година во земјите членки на Европската Унија, на голема врата го овозможува така нареченото “отворено банкарство (Open Banking)”. Очекуваме во иднина оваа регулатива да биде донесена и во нашата земја.

Во моментов Комерцијална банка АД Скопје ги разгледува сите предизвици и можности кои со себе ги носи Oтвореното банкарство. Комерцијална банка ќе настојува можностите да бидат искористени за подобрување на услугите на своите клиенти, и тоа како кај постојните, така и кај новите услуги.

Банката континуирано инвестира во најсовремени технологии со цел подобрување на постоечките и воведување на нови канали за дистрибуција на дигитални производи и сервиси. Денес на нашите клиенти им нудиме можност да користат различни канали за пристап до сопствените податоци. Дел од постоечките клиенти користат API (Application Programming Interface) функции, изработени од страна на Банката, за пристап до своите податоци. Имајќи предвид дека Банката има свој развоен ИТ тим, истата е подготвена на сигурен и брз начин да им овозможи на своите клиенти широка палета од API функции за директен пристап до податоците ,за сметките и трансакциите на клиентите, се разбира во рамките на постоечката законска регулатива.

Може ли во 2019 да очекуваме блокчејн технологијата и криптовалутите да бидат прифатени во локалната и регионална банкарска индустрија и пошироко искористени?

Зорица Черепналкоска: Непостоењето на правна заштита за средствата кои се вложени во дигиталните валути, ниту пак можноста за обесштетување на клиентите во случај на каков било проблем, се дел од најголемите ризици кои со себе ги носи блокчејн технологија.

Користењето на дигиталните валути зема се` поширок замав во светски рамки. Така и кај нас населението се` повеќе се интересира за дигиталните валути без да има јасна слика што значат вложувањата во истите и кои се ризиците што тие ги носат. Тргувањето со дигиталните валути се врши преку софтверски платформи кои најчесто не се регулирани со важечките законски прописи. Во изминатиот период и НБРМ на неколку пати ја информираше јавноста за дел од ризиците од користењето на оваа технологија и нагласи дека согласно постоечката законска регулатива вложувањето од страна на правните и физичките лица резиденти на Република Македонија во виртуелни или крипто валути, не е дозволено.

Комерцијална банка АД Скопје како дел од монетарниот систем на Република Македонија работи согласно локалната регулатива и во моментов не дозволува вложување во дигитални валути. Евентуалното идно прифаќањето на блокчејн технологијата и крипто валутите во работењето на банките ќе зависи од соодветните измени во банкарската регулатива.


Најчитани написи на IT.mk во 2018 на оваа тема: