Е-трговијаВетувачки времиња за е-трговијата

Каков беше трендот на онлајн продажба во 2018? Дали би рекле дека во 2018 почна да се крева свеста за онлајн купувањето во Македонија? 

Нина Ангеловска: Податоците за остварените трансакции, нарачки, купувања во е-трговијата забележуваат континуиран пораст во Република Македонија во 2018 година и за нас како Асоцијација чија главна цел е нејзин раст и развој е многу охрабрувачки и ни дава поттик за понатамошна работа. Имено објавените податоци од НБРМ (заклучно со трето тромесечје), од квартал во квартал се со повисок пораст, па така ако во првото тромесечје вкупно се направени трансакции со платежни картички во вредност од 32 милиони евра за купување онлајн (23% пораст во однос на истиот период минатата година), во второто 65 милиони (26% пораст во однос на истиот период минатата година), на крајот на третото тромесечје направени се 100 милиони евра со трансакции онлајн (28% пораст во однос на истиот период минатата година). Трансакциите по број забележуваат уште поголем тренд на пораст во првите три квартали (28%, 32% и 39%). Државниот завод за статистика пак објави дека 406 илјади Македонци нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци или 31,6% од интернет корисниците, спрема 19,5% истиот период минатата година што претставува пораст од 62%. Забележаниот тренд на пораст во онлајн нарачките и купувањата заснован на објавените податоци ни дава за право да заклучиме дека некои од предизвиците се надминати и Македонците се повеќе запознаени со придобивките кои им ги овозможува е-трговијата.

Горан Цветинов: Нептун како лидер на пазарот и најголема малопродажна и дистрибутивна мрежа на апарати за домаќинство и електроника секогаш се стреми да биде чекор пред сите. Покрај мрежата од 25 продавници во 21 град во Македонија, имаме и онлајн продажба на сите производи преку нашиот веб сајт. Нептун веќе долго време има онлајн продажба и таа низ годините заедно со напредокот на технологијата се повеќе се усовршува. Оваа 2018 година точно на нашиот јубилеј “20 години Нептун” го лансиравме нашиот нов веб сајт кој истовремено е и напреден “web shop” кој на корисниците им нуди одлично онлајн искуство. Целта со нашиот нов веб сајт ни беше на корисниците да им овозможиме едноставен и брз начин детално да ги разгледуваат нашите производи и воедно можност доколку сакаат да ги купат онлајн. Со онлајн купувањето корисниците имаат можност да изберат дали сакаат производот да им биде доставен во нивниот дом или да го подигнат во нашите продавници ширум Македонија. Придобивка плус со нашиот нов веб сајт и голем напредок во онлајн купувањето во Нептун е овозможувањето на нашите купувачи кои се дел од лојалната програма “happy” да можат да ги користат бенефициите и онлајн. Тоа се: повластените “happy” цени (цените со попуст), добивање и користење на наградните поени и стекнувањето на нивоа на лојалност. Со оваа можност станавме први во Македонија со онлајн идентификација и давање на привилегиите на постоечки членови на лојална програма и со тоа направивме сериозен исчекор во е-трговијата во 2018 година. Оваа година ние како Нептун можеме да кажеме дека дефинитивно свеста за онлајн купување во Македонија е на високо ниво. Навиките на купувачите заедно со трендовите за онлајн продажба на македонскиот пазар допринесоа годинава значително да се зголеми онлајн продажбата. Луѓето во Македонија особено младата популација се помалку имаат време да одат по продавници и сакаат целото истражување и купување на производи да го прават онлајн.

Кои се прогнозите за е-трговијата во Македонија во 2019? Како да се поттикнат луѓето да се свртат повеќе кон онлајн купувањето за тоа да стане поголем тренд и во Македонија во 2019?

Нина Ангеловска: Наведените податоци од Народната банка на Република Македонија и Државниот завод за статистика покажуваат тренд на пораст но она што уште повеќе не охрабрува е менување на структурата на потекло на купената стока или услуга. Се зголемува структурното учество на онлајн купувања и нарачки кон домашните е-трговци. Сепак треба да имаме и предвид дека во податоците од НБРМ за онлајн остварени трансакции се вбројуваат и трансакциите за плаќања на сметки за вода, струја, телефон кои се реализирани онлајн со картички.  Во сеопфатниот извештај од анализата на е-трговијата во Македонија кој го објавивме во Асоцијацијата за е-трговија во Јуни годинава го анализиравме и бројот на активни е-трговици. На крајот на 2017 година имало околу 570 активни веб страни кои нудат онлајн продажба, додека вкупниот број на регистрирани е-трговци изнесуваше околу 800 (НБРМ, 2018). Следејќи го развојот на е-трговијата годинава моите очекувања се дека годината ќе ја завршиме со над 1000 регистрирани или околу 200 нови е-продавници. Во таа насока би се надоврзала во однос на прашањето “како да се поттикнат луѓето да се свртат повеќе кон онлајн купувањето” – преку зголемена и подобра понуда за онлајн купувачите, подобрено искуство, поголеми можности и поголема моќ за купувачите. Големите компании исто така треба да го стават во фокус овој канал за продажба за да значајно влијаат и придонесуваат кон едукација на пазарот. Во главно она што ни фали е едукација и доверба а таа ја градат најмногу домашните компании со нивните понуди, процеси, поддршка за купувачите и целокупно добро искуство кое ќе ги пресретне и надмине очекувањата на купувачите.

Горан Цветинов: Секако дека се очекува раст во 2019 година. Трендот и навиките кај купувачите за онлајн купување ќе се зголемува паралелно со трендот, маркетингот и промоциите кои ги нудат е-продавниците. Голем дел од популацијата во Македонија е веќе спремна за тоа исто како и фирмите кои технички имаат овозможено е-трговија. Се повеќе фирми ги нудат своите производи и услуги за онлајн продажба и притоа имаат агресивен маркетинг. Така, преку сите медиуми во Македонија граѓаните се “нападнати” со информации и маркетинг за онлајн продажба. Тоа директно влијае врз целокупната е-трговија. Сепак, она што може да се забележи до сега дека вкупната онлајн продажба е значително помала од онаа во физичките продавници. Она што ние како Нептун го планираме за 2019 година и ќе биде револуционерна новост во е-трговијата на нашиот сектор е онлајн аплицирање и одобрување на финансирање (купување на производи со кредит). Покрај целосното онлајн аплицирање и одобрување на кредит за купување на производи ќе ги воведеме за онлајн продажба и дополнителните услуги кои ги имаме како осигурување и продолжена гаранција на производи.

Според вас, кои се најголемите проблеми со кои се среќаваат македонските е-трговци и што мислите дека треба да се направи за да се надминат истите во 2019?

Нина Ангеловска: Токму ова прашање беше и предмет на анализа во истражувањето кое го спроведовме како дел од анализата која ја споменав погоре, а во кое учество земаа околу 50 е-трговци. Главен предизвик на е-трговците е наоѓањето квалитетен кадар, ниското ниво на дигитални вештини на населението, потоа скапата испорака (и за оние кои продаваат дома и уште повеќе за оние кои продаваат надвор), недоволно софистицираните платежни солуции кои ги нудат домашните банки, административните процедури, нелојалната конкуренција од нерегистрирани продавачи (кои најчесто продаваат преку Facebook страни) и друго. Сепак позитивно е тоа што речиси сите е-трговци веруваат дека постои потенцијал за раст на е-трговијата и расположение да се работи на надминување на пречките. Изминатава година Асоцијацијата за е-трговија формираше препораки со мерки за адресирање на дел од овие предизвици и реализиравме бројни активности. Преку бројните едукативни настани, информативни работилници, првата конференција за е-трговија и бројни средби со засегнатите страни и владини институции значајно влијаевме пред сѐ за кревање на свеста за е-трговијата и дигитализацијата како предуслов за економски раст и развој на земјава. Свесни сме дека има уште многу работа пред нас во годината која следи и спремни сме да продолжиме заеднички со сите засегнати страни да ги менуваме работите и да ја креираме иднината на е-трговијата во Македонија.

Горан Цветинов: Е-трговијата е збир на голем број информатички процеси кои се жива материја и секојдневно се менуваат. Во процесите се вклучени повеќе веб сервиси и повеќе фирми (продавница-бренд, банки, програмерски компании) кои мора секогаш да бидат во техничка хармонија за корисниците да имаат одлично и пред се безбедно онлајн искуство на еден “web shop”. Секогаш треба да се биде проактивен и да се следат техничките новости и проблеми кои се појавуват често. Доколку се работи проактивно проблеми кај сериозни е-продавници не треба да има. Како мал проблем од технички аспект може да се наведе банкарскиот процес кој зависи директно од банките. Мислам дека банките во Македонија не се сѐ уште целосно спремни за да ги понудат сите оние можности и сервиси кои се достапни засега само во физичките продавници. Ние како Нептун, компанија посветена на своите потрошувачи, работиме на тоа да го изедначиме целосно процесот на онлајн купување со оној во нашите продавници. Како реални проблеми во е-трговијата во Македонија може да се наведат небезбедните онлајн продавниците кои нудат лажна или нецелосна е-продажба со што сеат недоверба и лоши искуства кај потрошувачите. Таа недоверба кај потрошувачите резултира само со онлајн истражување на некој производ или услуга и потоа се оди во физичка продавница за да се купи. Исто како голема причина, а не проблем може да се наведе потрошувачката навика на купување на производи само откако физички ќе ги разгледаат во реална големина и воедно да ги видат во живо перформансите. Сепак ние за тоа имаме целосно разбирање. На пример кога купува нов телевизор потрошувачот сака да го види квалитетот на слика на уредот кој го избрал од нашата веб страна. За смартфоните иако ги имаат сите информации достапни на интернет, потрошувачите сепак сакат да ги видат и тестираат перформансите. Најчесто се тестира брзината на уредот и можностите на камерата. Овие примери се присутни кај скоро сите продуктни категории кои ги имаме.


Најчитани написи на IT.mk во 2018 на оваа тема: