Автономни возилаИндустријата гледа со оптимизам подалеку од Tesla

Кои трендови ја одбележаа 2018 во автомобилската индустрија од аспект на новите технологии кои беа претставени?

Оливер Велковски: Изминатата 2018 година може да се каже слободно дека беше година во која автомобилската индустрија отворено застана во промоција на новите технологии во мобилноста. Скоро сите звучни имиња од автоиндустријата на авто саемите во Европа, Кина и Америка промовираа и најавија по неколку модели на возила со електричен мотор во рамки на својата гама, со што јасно дадоа до знаење дека електромобилноста е технологијата која допрва ќе почне да доминира. Иако сѐ уште се актуелни и едни од најпродаваните возила на компанијата Tesla, сепак веќе не може да се каже дека овој бренд е доминантен кога се во прашање електромобилите, посебно имајќи во предвид дека поголемите автобрендови исфрлија свои примероци кои се сериозна конкуренција на овој американскиот производител.

Андреја Јарчевски: Изминатава година не видовме толку многу нови технологии, колку што видовме усовршување на постоечките – на пример, дебитираа нови електрични автомобили кои користат сè понови и понапредни технологии за полнење – а со тоа се приближуваат повеќе до масовно користење. Од друга страна, видовме и технологии кои би требало да го олеснат секојдневното користење на автомобилите – на пример, некои модели ни овозможуваат нашиот мобилен да го користиме како клуч. Без мобилниот не одиме никаде – па зошто да влечкаме со нас уште една ситница во џеб ако не мора? Рака во рака со ова одат и виртуелните асистенти кои стануваат сè попаметни – нив ги видовме во MBUX системот на Mercedes-Benz, но и во новата „Тројка“ на BMW. Малку е чудно да му зборувате на автомобилот и тој да ве разбере – но ете, го видовме и тоа.

Кои се вашите очекувања во 2019? Дали ќе видиме зголемена употреба на електрични возила во Македонија?

Оливер Велковски: На глобален план може слободно да се каже дека во автоиндустријата во 2019 година електромобилноста ќе има главен акцент, со што моторите за внатрешно согорување, посебно дизелите сѐ помалку ќе бидат дел од програмите на големите производители, посебно имајќи го во предвид и фактот со аферите кои излегоа во изминатиот период со големите брендови во делот со издувните гасови на нивните возила. Имајќи го во предвид сето ова голем број на градови во Европа како мерка против загадувањето на воздухот и животната средина делумно или целосно забранија или ќе забранат во наредниот период движење на дизел возила низ нивните улици, што се очекува како тренд за заземе се поголем замав. Така на пример, Велика Британија и Франција најавија дека до 2040 година ќе ги забранат за употреба сите нови возила на мотор со внатрешно согорување, Холандија и Норвешка исто така кажаа дека ќе се ослободат од овие загадувачи до 2025 година, а Германија и Индија најавија остварување на слични планови до 2030 година. Вреди да се спомене и Словенија во која од  2025 година па натаму ќе може да се регистрираат само возила кои испуштаат помалку од 100 грама јаглерод диоксид на километар, а после 2030 година ќе забрани регистрација на возила со внатрешно согорување (дизел и бензин), со што оваа држава има во план да ја намали емисијата на стакленички гасови за 9% од 2020 до 2030 година. Владата на оваа мала земја од југоисточна Европа најави дека преку својата стратегија најмалку 17% од автомобилите во земјата ќе бидат електрични или хибридни до 2030 година. Не смееме да заборавиме дека Македонија е рангирана како една од најзагадените држави во Европа и светот, а сообраќајот со околу 20% има голема улога во ваквото загадување. Од овие причини Светска Банка ја рангира Македонија на петто место во Европа според најмногу смртни случаи заради загадување со ПМ честички, со што се прави економска загуба од €253 милиони годишно или 3.2% од БДП. За да се намали влијанието на сообраќајот во процесот на загадувањето на воздухот и намалувањето на ваквите лоши показатели, потребно е отпочнување на процес на замена на актуелниот возниот парк (80% од возниот парк во Р. Македонија е постар од 10 г. а само 4,6% од патничките автомобили се со старост до 5 години) со возила со далеку помала емисија на штетни гасови, како што се електричните и приклучните хибридни возила.

За да може да очекуваме поголем број на електрични возила низ нашите улици  потребна е јасна државна стратегија во која ќе бидат точно дефинирани целите и начините на нивно постигнување, преку субвенционирање при набавка на нови електрични и приклучни хибридни возила (различен износ за различни категории на возила), субвенционирање при конверзија на возила од мотор со внатрешно согорување во електрични возила, бесплатни паркинзи без ограничено време на престој, бесплатни патарини, инфраструктура од брзи полначи низ целата држава а најпрво по главните коридори низ државата, намалени давачки при увоз, намалени трошоци при регистрација и сл. Подигнување на јавната свесноста и едукација почнувајќи од најмладите е еден од начините да се приближат електромобилите до граѓаните. Само на еден ваков начин и мотив повеќе за граѓаните, може да очекуваме повеќе електромобили низ нашите улици. Во 2019 година она што може да очекуваме е да се донесат веќе најавените првични мерки од страна на државата во насока на борбата против загадувањето на воздухот, како што е поделба и обележување на возилата согласно степенот на емисија на штетни гасови, субвенционирање при набавка на електрични и хибридни возила и вградување на плински системи во возилата со внатрешно согорување. Она што се очекува е во наредната година државните институции да почнат да го заменуваат својот возен парк со електрични или во најмала рака со приклучни хибридни возила и да се овозможат дополнителни бенефиции и можност за замена на возилата во такси компаниите со електрични возила имајќи ја во предвид големата километража која ја минуваат истите во текот на денот. Деновиве слушаме дека се актуелизира повторно темата за трамвајот во Скопје како алтернатива на актуелните автобуси на внатрешно согорување, која што според нас како Организација е едно од најдобрите решенија во борбата против загадувањето што се однесува на јавниот транспорт. Оваа иницијатива не смее повторно да заврши неуспешно како во минатото и мора да се смогнат сили Скопје да добие нов и модерен јавен превоз кој сериозно ќе допринесе кон намалување на загадувањето и културата на превезување на граѓаните. Искрено во наредната година очекуваме поголема поддршка од страна на државните институции и локалната власт за граѓанскиот сектор кој преку свои проекти, иницијативи, организација на настани и присуство на дебати се бори за промоција на електромобилноста и електрификација на транспортот во нашата држава, а сето тоа во насока на намалување на загадувањето на воздухот кое во овие зимски денови е главна тема и еден од најголемите проблеми со кој се соочува македонскиот граѓанин.

Андреја Јарчевски: Процесот на електрификација во Македонија е веќе започнат. ЕВН работи на инсталирање на десетици полначи за возила на струја, а сè повеќе брендови се решаваат да понудат хибридни и електрични возила кај нас. Со неодамнешната објава дека ќе бидат понудени субвенции за хибридни и електрични возила интересот стана уште поголем, но сепак имаме „уште леб за јадење.“ Несомнено, одговорноста за приближување на електричните возила кон пошироката популација е поделена меѓу импортерите на возила, медиумите кои ја обработуваат оваа тематика, но и инфраструктурата и легислативата која треба да го олесни купувањето и користењето на еден ваков автомобил. Јас лично сум оптимист – електричните автомобили се неизбежен дел од иднината и само е прашање на време кога тие ќе станат секојдневие и реалност, и ги поздравувам оние индивидуалци, но и компании кои решиле да купат електрично возило.

Според вас, зошто трендот на употреба на електрични возила се уште не е застапен кај нас?

Оливер Велковски: Што се однесува со трендовите во нашата држава тука разочарувачки морам да истакнам дека свесноста за значењето на електромобилноста е на многу ниско ниво. Имено за првпат пред неколку месеци почна да се зборува за некакви стимулации (субвенции) без некој поконкретно дефиниран износ и услови за набавка на електрични возила. Држава без јасна стратегија и план за електрификација на транспортот не може да очекува дека нешто поконкретно и бомбастично може да се очекува на овој план во блиска иднина. Најголемиот дел од државите во Европа па дури и поголемите градови на стариот континент имаат свои јасни стратегии и планови на кој начин да ги доближат електричните возила до своите граѓани. За жал како и за многу други работи кај нас во Македонија „куќата се гради од кровот кон темелите“, и затоа апелираме до централната и локалните власти во најскоро време во соработка со стручната фела и граѓанскиот сектор да се донесат Стратегии за електрификација на транспортот во градовите и на ниво на цела држава. Некои компании во нашата држава почнаа да препознаваат бизнис во делот на електромобилноста иако бројот на вакви возила во Македонија сѐ уште се мери во десетици. Имено сведоци сме на поставување на инфраструктура од полначи низ поголемиот број на општини низ нашата држава, што може да допринесе некои од граѓаните полесно да се одлучат за набавка на електрични возила.

Андреја Јарчевски: Ние сме пазар кој е сериозно ценовно-осетлив. Сепак, сè повеќе производители нудат електрични (или електрифицирани) автомобили, а со тоа нивната цена полека но сигурно паѓа. Дополнително, со најавените субвенции тие ќе станат подостапни за граѓаните, но имаме уште долг пат за одење. Секако, постои и скепса кај купувачите – неретко соговорници ги ни опишуваат како „колички на батерии“ или како играчки, а кај луѓето има и недоверба во однос на досегот на електричните автомобили и секојдневната практичност и корисност – но токму затоа сме ние тука, да ги разбиваме тие митови.

Дали може да очекуваме повисоко ниво на автономност на возилата во 2019, или се уште е рано?

Оливер Велковски: Автомобил кој самостојно управува сам со себе, и го вози патникот до саканата дестинација би можеле да кажеме дека е дефиниција за автономно возило. Искрено во текот на 2019 година освен на развивање на прототипите не се очекува нешто позначајно на ова поле иако одреден број на компании се насочени сериозно на ова поле како што се Tesla, Uber, Google, Volvo и сл. Ризикот од автономно возење сѐ уште се смета како премногу висок, па затоа компаниите премногу внимателно пристапуваат кон оваа технологија. Колку што имаме информации автономноста во наредниот период се очекува да биде насочена повеќе кон јавниот превоз како што се такси возилата и мини автобусите. Како пример, на ова поле финската компанија Sensible 4 веќе сериозно работи на својот прототип на мини автобус кој се очекува во текот на наредната година да почне да вози по улиците на Хелсинки. Во иста насока е и Кинеската компанија Baidu која започна со сериско производство на мини автобуси Apollo (со четврто ниво на автономија) кои на почетокот се наменети само за кинескиот пазар. Компанијата Mobileye која пак ја разви технологијата за автономност за Tesla беше купена од познатата компјутерска компанија Intel, која па во партнерство со Volkswagen во Израел го стартуваат сервисот MAAS (Mobility-as-a-Service). Овој нов тип на сервис има за цел да ги користи електрични автомобили на Volkswagen со системот за автономно возење ниво 4 на Mobileye, а израелската влада во целосна поддршка на овој проект им вети дека ќе ја обезбеди целата правна регулатива и инфраструктурата за автономните автомобили да можат да возат патници кои ќе ги повикуваат преку одредена апликација.

Андреја Јарчевски: Автономноста е интересен тренд кај возилата. Има многу луѓе кои пристапуваат кон ваквите автомобили со резерва, и јас го разбирам тоа – но автономните возила се интересен пристап кон нештата. Во секој случај, трендовите меѓу производителите се движат кон тоа, но субјективно мислам дека сме сè уште далеку од масовна прифатеност. Од една страна, легислативата околу автономните возила треба да биде универзално унифицирана и дефинирана, а од друга страна автономните возила зависат многу од соодветна инфраструктура. Но сепак, многу од новите возила кои се нудат на пазарот нудат некаква автономна функционалност – од едноставен темпомат, па сè до автоматско следење на коловозната лента, автономно престројување, итн. Недоверба кон овие системи постои – но тоа е така со секоја технологија која суштински го менува начинот на кој користиме нешто.

Според вас, кое електрично возило и кој производител очекувате да се издвои пред конкуренцијата во 2019?

Оливер Велковски: За наредната година неколку производители најавија посериозни концепти на електричните миленичиња и тоа Audi преку нивниот E-Тron, Jaguar со моделот XJ, Mercedes со EQC, Volkswagen со I.D. Neo, Nissan со редизајнот на Leaf E-Plus, Tesla Model 3 (2019), BMW со i5 моделот, но не може да се предвиди дали некој значително ќе се издвои пред конкуренцијата. Кога зборуваме за нови технологии во мобилноста не смееме да ги заборавиме и кинеските производители кои работат во автомобилската индустрија а кои се сериозно насочени кон електромобилноста. Во моментов најголемиот дел од овие компании поради големата побарувачка се во најголем процент насочени кон задоволување на домашниот пазар а некои од нив прават сериозни чекори и глобално се отвораат кон светот. Како позвучни имиња меѓу нив може да ги споменеме BYD, BAIC, Zhidou, Changjiang EV, Kandi, Nio, Great Wall Motors, Lifan Motor кои веќе имаат квалитетни производи кои може да бидат сериозна конкуренција на Европските и Американските авто производители.

Андреја Јарчевски: Не би навел конкретно возило, колку што би кажал дека конечно „во играта“ на електрични автомобили влегоа и поголемите производители. Ако до неодамна единствен „играч“ беше Tesla, сега свои електрични автомобили претставија Audi, Mercedes-Benz, BMW и Volkswagen, а веќе неколку години свои електрични (но не масовни) модели нудат и други брендови. Оваа година имав привилегија да присуствувам на лансирањето на првиот електричен автомобил на Audi во Сан Франциско, и можноста да се видат решенијата и инвестициите кои се прават во електричните автомобили направија „верувач“ и од мене. Верувам дека со влегувањето на овие брендови во играта со електрични возила ваквите автомобили ќе им станат поинтересни – и пред сè подостапни – на поголем број купувачи. Дополнително, неколку производители најавија заедничка мрежа на полначи ширум Европа – а тоа треба од една страна да обезбеди стандардизација на системите за полнење и од друга страна да помогне да се намали стравот за досегот на електричните автомобили кој постои кај купувачите.  Македонските возачи ги следат светските трендови. Во ред, за некои работи доцниме, но воглавно сакаме да бидеме во тренд и да бидеме во чекор со другите – а тоа ми дава надеж дека и кај нас полека но сигурно ќе започнат да се прифаќаат електричните автомобили. Плус, луѓето што се во IT сферата ги интересираат најновите технологии – а токму кај автомобилите имаме можеби најинтересна манифестација токму на најновите достигнувања.


Најчитани написи на IT.mk во 2018 на оваа тема: