2-in-1 уреди – Дали вреди да се разгледаат?

Доколку во минативе неколку години сте ја разгледувале можноста да се подновите со лаптоп, веројатно сте налетале на таканаречените 2-in-1 уреди. Некои ги категоризираат како таблети, некои како лаптопи, а вистината е дека се категорија помеѓу двете горенаведени, и за некои корисници, токму она што го бараат.

Со оглед на тоа дека и кај нас има неколку модели од оваа категорија, интересно би било да се разгледа што всушност добивате со ваков уред, и какви се компромисите кои можеби ќе треба да ги направите.

Што се 2-in-1 уреди?

Ваквите уреди имаат за цел да ја искомбинираат функционалноста која ја добивате со “обичен” лаптоп, со дел од функционалностите на таблет. Обично доаѓаат со екран на допир, а со некои од нив ќе добиете и пенкало кое може да се користи за дизајн и цртање.

Кај ваквите уреди, обично има две категории. Првата се лаптопи со механизам за преклопување кој ви дозволува целосно да го “отворите” лаптопот, со што добивате дисплеј на допир од едната страна, и тастатурата и тачпадот на другата. Кај многу од ваквите имате и можност да ги исклучите тастатурата и тачпадот за да не притиснете нешто по грешка кога го користите уредот во ваков мод.

Другата категорија се уреди кај кои всушност најбитниот дел од хардверот кој е потребен за функционирање на уредот е сместен во дисплејот, наместо во делот под тастатурата. Кај ваквите, целиот дисплеј може да се извади, со што на некој начин добивате таблет. Совршен пример за ваков уред е Surface Book на Microsoft, кај кој во долниот дел е сместена само дискретната графичка картичка, која и не е најпотребна кога користите само таблет.

2-in-1 уредите се идеални доколку ви треба нешто што е полесно и потенко од обичен лаптоп, или ако сметате дека ќе ви треба екран на допир за цртање или белешки.

Дали има компромиси кај ваквите уреди?

За жал, за да ја добиете оваа функционалност, обично мора да се направи некаков компромис. Кај овие уреди најчесто истиот е во поглед на перформансите и моќноста на хардверот кој ќе го најдете внатре. Иако повеќето, посебно поскапите, имаат сосем солиден хардвер за секојдневни активности или за полесна работа, факт е дека на ваков уред ќе се помачите доколку сакате да играте, или да правите нешто поинтензивно од типот на едитирање на видеа во висока резолуција.

Главната причина за ова е што ваквите уреди имаат за цел да се што потенки и полесни, и неретко немаат простор за ладење на посериозни компоненти. Не е исклучена можноста и да треба да жртвувате нешто од типот на дедицирана графичка картичка, што и може да е проблем за некои, во зависност од тоа за што ви треба уредот.

Покрај ова, поради самиот механизам, ваквите уреди често повеќе се нишаат од обичен лаптоп, што може да е проблем ако ги користите на нестабилна подлога. Исто така, со ваков уред скоро секогаш губите на дополнителни функционалности како на пример механичка тастатура, за кои треба малку поголем простор.

За крај, тука е и цената. Иако кај поефтините модели и нема некој значителен премиум од обичен лаптоп до 2-in-1 верзија, кај поскапите модели работите се малку поинакви. Очекувајте ваквите функционалности да ве чинат значително повеќе од цената на регуларен лаптоп со истите перформанси.

Од флексибилност, до перформанси

На крајот на денот, дали ваквиот уред е соодветен за вас, може да дознаете со одговор на едноставното прашање – дали сте спремни да направите компромис со перформанси, за да добиете два уреди во еден? Доколку сте, продолжете со читање, и да ги разгледаме моделите кои се достапни локално.

Што може да се најде во нашите продавници?

Иако изборот е релативно ограничен, и од списокот фалат некои големи играчи како на пример Microsoft, кај нас има неколку модели од популарни брендови како HP, ASUS, Dell и Lenovo.

Нептун

Во Нептун ќе го најдете ASUS ZenBook Flip, лаптоп кој доаѓа со трета генерација Ryzen процесор со четири јадра, како и 8 гигабајти RAM меморија и 512 гигабајти SSD. Ова е компактен уред со 14” дисплеј, и уште неколку интересни работи како на пример USB-C порт, звучници направени во соработка со Harman Kardon и можност за целосно отварање на дисплејот, како и поддршка за пенкало.

Сетек

Во Сетек ќе најдете три брендови со вакви уреди – ASUS, Dell и Lenovo. Од ASUS го имаме посериозниот брат на горенаведениот ASUS ZenBook Flip, кој овојпат доаѓа со десетта генерација Intel Core i7 процесор, како и 16 гигабајти RAM меморија и 512GB SSD, но и повисока цена.

Од Dell има два модели кои вреди да се разгледаат – се работи за Inspiron 5485 и Inspiron 7386. Поголемиот, Inspiron 5485, е и поефтин, а доаѓа со AMD Ryzen процесор од трета генерација, 8 гигабајти RAM, 512 гигабајти SSD и екран со дијагонала од 14 инчи. Помалиот, Inspiron 7386, ја намалува дијагоналата на екранот на 13.3 инчи, но доаѓа со Intel процесор од осма генерација и 16GB RAM меморија.

За крај, тука се и моделите на Lenovo, а вреди да се издвојат по неколку модели од FLEX и Yoga сериите. Yoga моделите почнуваат од Yoga 910-13IKB, преку Yoga 730-13IKB, па се до Yoga C940-13IIL, кои доаѓаат со различни спецификации, и секако, различно ниво на квалитет при изработката, кое е подобро кај поскапите модели. Од FLEX серијата, го имате FLEX-14IWL кој е најефтин, но сепак солиден модел, како и малку поскапите FLEX 6-14IKB и FLEX 5, се до најскапиот FLEX-15IWL. Она што е интересно е што сите FLEX модели кои ги наведовме, со исклучок на FLEX-14IWL, доаѓаат со дедицирана графичка картичка.

Анхоч

За крај, тука се и Анхоч, кои имаат неколку модели на HP, како и еден модел од Lenovo со одличен однос на цена и перформанси. Кај Lenovo, се работи за Yoga C740, лаптоп со одлична изработка, десетта генерација Intel Core i7 процесор, 8 гигабајти RAM и 512GB SSD. Покрај ова, имате и USB-C порт преку кој може да го полните лаптопот, како и читач за отпечатоци и Lenovo Active Pen пенкало.

Изборот на HP модели е малку поголем, почнувајќи од Pavilion 14 X360 моделот кој доаѓа со скромни спецификации и солидна цена. По него, го имаме и Envy X360, како и 13.3 инчниот Spectre X360. За крај, тука е и 15.6 инчниот Spectre X360, кој доаѓа со висока цена, но и одлични перформанси, како и дискретна графичка картичка од Nvidia, Thunderbolt 3 порт и пенкало.

Неколку збора за крај

Ако сметате дека ваквите уреди се добра опција за вас, во локалните продавници има по нешто за секого. Сé што ви преостанува е да разгледате кој од лаптопите ви врши најмногу работа за вашите потреби, и кој најдобро ви се вклопува во одредениот буџет.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии