16 стартапи ќе поделат 450.000 евра од Фондот за иновации

На првиот повик за кофинансирање на стартапи и спиноф компании на Фондот за иновации и технолошки развој, се пријавија 78 стартапи, од кои 16 ќе поделат 450.000 евра. Други 34 поминале во наредна фаза на евалуација.

Фондот стартуваше пред една година кога вети дека има 2,3 милиони евра за македонските стартапи. Парите доаѓаат од Владата на Македонија, позајмени од Светска банка, со цел да се потикне претприемаштвото и инвестирањето во иновативни компании. Иако често за стартапите се мисли дека се ИТ компании, сепак фондот ќе ги земе во предвид сите иновативни проекти кои ги исполнуваат условите. Грантовите се неповратни, што значи дека ако не успее компанијата, ќе се претрпи загубата, но ако успее тогаш ќе се враќаат 5 отсто од годишните приходи, се додека не се врати долгот, според Правилникот за инструментот за поддршка.

Во првата рунда беа оделени 600.000 евра за стартапите, но ќе бидат инвестирани 450.000 бидејќи некои од 16-те стартапи не ја побарале максималната сума од 30.000 евра. Од фондот ни одговорија дека се уште трае повикот на стартапи, и штом ќе биде затворен ќе бидат објавени и имињата на стартапите кои добиле грант. Тоа што знаеме е дека најмногу стартапи доаѓаат од ИТ индустријата. Следниот повик ќе биде објавен во септември.

(Oва е снимка од првата презентација на фондот на Startup Grind Skopje)