15 македонски гејмери се уверени во успех на најголемиот балкански собир досега

(Ова е гостинско интервју на Самоил Петрески, сопственик на единствената продавница за друштвени игри во Македонија, Гоблин, и двократен шампион во Magic: The Gathering)


Самоуверено и без трошка комплекс на инфериорност, 15 македонски гејмери во три различни игри ќе ја претставуваат нашата земја на најголемиот гејмерски настан кој досега се случил на Балканот – International Gaming Festival, од 7 до 10 јули во Нови Сад.

Сите тие се под капата на Team Mischievous, a ќе се натпреваруваат во – Dota 2, Counter Strike: Global Offensive(CS:GO) и Hearthstone. Со безрезервна финансиска и логистичка поддршка од Алан Кастиљо, првиот човек на студиото за анимации Lynx, тие ќе се обидат да ја претстават Македонија во најдобро можно светло на овој огромен фестивал, на кој во четирите дена ќе продефилираат десетици илјади гејмери, а меѓу нив и најдобрите на Балканот и од Европа.

По овој повод направивме интервју со капитените на трите екипи, Дарио Пиперкоски (Dota 2), Константин Пејоски (CS:GO) и Тиана Ивановска (Hearthstone).

На почетокот веднаш една мала провокација… Тоа гејмање се тешки глупости за мали деца, наместо да работите нешто сериозно или да излезете надвор да се дружите, дремете на компјутери, си ги расипувате очите, р’бетите и заглупувате!

Дарио: Ова е генералното мислење кое го имаат луѓето за тие што поголем дел од своето време го поминуваат играјќи на компјутер. Верувам сите сме ги слушнале истите зборови од нашите родители, но не можам да кажам дека целосно се согласувам со тоа. Секако дека сé што е претерано е штетно, но ако правилно си го менаџираме времето и распоредот на останатите активности, гејмингот може да стане само уште една супер алатка за дружење, забава, комуникација, па и начин на заработка! Моментално би рекол дека е-спортот сé повеќе се прифаќа како ‘вистински’ спорт и станува ‘вистинска’ професија каде што добрите гејмери земаат многу големи пари. Овде би го употребил клишето “Work smart, not hard”, мото кое добро ни кажува дека вистински гејмер не е оној кој поминува повеќе време на компјутер, туку оној кој умствено се труди да ја разбере играта и да се усоврши во неа. Доколку сакате гејмингот да ви е професија, би поминувале исто време пред компјутер колку и еден државен службеник. :)

Константин: Живееме во ера во која технологијата зазема поголем дел од нашиот живот. порано гејмингот беше само исполнување на слободното време или народски кажано „тепање време”, додека сега се повеќе станува активен како спорт во кој се влегува со натпреварувачки дух притоа имајќи забава и дружејќи се со многу голем број на луѓе од секој дел на светот.

Тиана: Oва е стандардна реакција на постарите членови на нашите семејства, хахаха. Многу добро разбирам зошто постарите реагираат вака, со оглед на лошата ситуација и слабата распространетост на гејмингот во Македонија. Многу мал дел од нив знаат дека всушност гејмингот е компетитивен и може да се заработува и живее од него. Koга компаниите би вложувале повеќе во него, сигурно дека ќе расте поддршката.

Стефан Русомаровски го совлада Андреј Спасовски во финалето на Old Gods Launch Party турнирот

Стефан Русомаровски го совлада Андреј Спасовски во финалето на Old Gods Launch Party турнирот

Кои играчи се во вашиот тим, колку долго се знаете/познавате и дали сте имале некои успеси или настапи на турнири/настани досега (заедно или одделно)?

Константин: Во тимот на CS:GO сме Константин „Heckler” Пејоски, Игор „Zelex” Николов, Зоран „Busilica” Стојановски, Павле „Style” Стојановски и Стефан „Firestarter” Стојкоски. Најдолго се познавам со Стефан кој веќе играме заедно повеќе од 3 години. Заеднички успеси ни се 3-4 место на Relic CS:GO Tournament во Струмица кој воедно игравме против Игор и Павле во полуфиналето на тој турнир, додека на истиот настан Зоран играше во финалето и со неговиот предходен тим завршија втори.

На онлајн турнири игравме сите заедно освен Зоран, и четири пати последнователно игравме во финалето на ESL ADRIA (неделен и месечен куп на electronic sport league ADRIA каде што настапуваат екипи само од Балканот), три пати го освоивме прво место и еднаш бевме поразени во финалето. Исто така FACEIT ADRIA каде што немавме среќа во финалето и бевме многу тесно поразени од вкупно 64 пријавени екипи го освоивме второто место, и во месечното финале FACEIT ADRIA каде што завршивме на трето место.

Дарио: Нашиот тим е составен од Дарио „DaRio“ Пиперкоски, Jane „NeverSayNoToPanda“ Терзиев, Харис „HariS“ Амедовски, Слободан „Bote“ Василевски и Александар „Buzzy“ Ричлиев. Сите се знаеме долго време, често пати сме биле на иста или спротивна страна на многу Dota 2 турнири, но во моменталниот состав играме нешто повеќе од две недели. Боте и Александар ги имаат освоено сите досегашни македонски Dota 2 турнири со нивниот тим Global Challengers, Јане има освоено неколку ESL купови со странски тимови, Харис го освои последниот македонски турнир со Global Challengers, а заедно со мене освоивме Elite Balkan League S2, и се пласиравме во joinDOTA Division 2 и starLadder Division PRO so тимот Mystique.

Тиана: Во тимот за Hearthstone сме јас, Андреј Спасовски, Стефан Русомаровски, Кристијан Станкоски и Александар Неделковски. Со Андреј се познавам најдолго (од првиот Hearthstone турнир во Македонија) затоа што се паднавме да играме еден против друг во полуфиналето. Стефан и Крис исто така ги знам од неколкуте турнири во кои имаат учествувано. Досега имам освоено три високи пласмани на првите три турнири и тоа 4., 5. и 2. последователно место, Андреј е двократен шампион, а Стефан победи на последниот турнир, на кој во финалето беше подобар токму од Андреј.

Андреј Спасовски и Тиана Ивановска го исвоија првите две места на турнирот во Hearthstone на Гејминг викендот во Телеком и се двајцата најдоминантни играчи на турнирите во Македонија

Андреј Спасовски и Тиана Ивановска го исвоија првите две места на турнирот во Hearthstone на Гејминг викендот во Телеком и се двајцата најдоминантни играчи на турнирите во Македонија

Зошто се собравте токму тие играчи и колку ви значи ова „здружување“ во тимот Мисчивиус и поддршка од Алан?

Дарио: Може да се каже дека во оваа петорка сме собрани едни од најпознатите македонски Dota 2 играчи, а и сметаме дека имаме доволно квалитет и потенцијал во нас за да конкурираме на светската сцена, се разбира со целосно посветување и многу вежбање. Поддршката од Алан секако дека многу ни значи. Ни даде дом кога никој не не сакаше – Бевме како кучиња скитници, а сега сме луѓе на мисија!

Константин: Хемијата која е создадена и допрва ќе се создава е тоа што ќе ни ја одржува нашата синергија во тимот, а меѓу најголемите „виновници” воедно и за самото постоење на тимот Mischievous е токму Алан, неговата поддршка е од неизмерно значење.

Капитенот на тимот во CS:GO, Константин Пејоски, на претставувањето во тимот Mischivious со менаџерот Алан Кастиљо

Капитенот на тимот во CS:GO, Константин Пејоски, на претставувањето во тимот Mischivious со менаџерот Алан Кастиљо

Вашите очекувања од Интернационалниот гејминг фестивал, важно е да се учествува или…?

Константин: Важно е да се учествува е фраза со која понекогаш нешто мора да започне, но не и да се заврши неславно. „Важно да се учествува” никогаш не било, ниту ќе биде размислување на некој од нас, јас како лидер на тимот нема никогаш да го дозволам тоа!

Тиана: Секако дека е важно да се учествува бидејќи ова ни е прва шанса да стапиме во контакт со играчи и настани надвор од Македонија. За мене, а несомнено и за моите колеги, ова е многу мотивирачки предизвик за кој посветуваме многу време и енергија во подготовки и се надевам дека ќе успееме да го покажеме своето знаење и искуство.

Дарио: Не сме играчи од типот „важно е да се учествува”, па очекувањата ни се барем Топ 3. Со оглед на тоа дека изгубивме во квалификациите за The International во четврт-финале од српскиот тим Elements Pro Gaming, наша желба е да им се одмаздиме со победа во финалето. :)

12977282_219563321745075_8418886122194216154_o

Какви подготовки имавте досега или ќе имате за да се подготвите подобро за во Нови Сад?

Тиана: Поради личните обврски највеќе се подготвувавме индивидуално, но комуницираме и заеднички се советуваме околу стратегиите што планираме да ги изведеме на турнирот. Како што се ближиме повеќе до датумот за почеток, така стануваме се посериозни, а наскоро ќе започнат и тимските подготовки.

Константин: Се подготвуваме секојдневно веќе три недели и така ќе продолжиме до заминувањето за Нови Сад.

Има ли квалитетни гејмери во Македонија (во вашата игра и општо) или и во е-спортот ќе бидеме како во сите други спортови – на маргините? Што е она што недостасува за во Македонија да им се овозможи на најквалитетните гејмери да напредуваат и да изградат кариера?

Дарио: Во Македонија дефинитивно има доволен број на квалитетни гејмери во повеќе области. За пример ќе го земам Мартин „Saksa“ Саздов, кој веќе има професионален договор со екипата Digital Chaos, а во својата досегашна Dota 2 кариера заедно со тимот освоија преку 250.000 долари. Проблемот во македонската е-спорт сцена е тоа што нема доволно организации кои што вложуваат во играчите од типот на обезбедување подобри услови за играње, а и според мене најбитното – овозможување плата на играчите со цел истите да бидат мотивирани повеќе, бидејќи нели е-спортот не е само хоби туку е и професија, а кај нас сè уште не се.

2 коментари на “15 македонски гејмери се уверени во успех на најголемиот балкански собир досега

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии