Хактивистите Anonymous продолжуваат со кампањата против Доналд Трамп. Групата се закани дека нападите против кандидатот за претседател на САД ќе кулминираат на 1 април, кога хакерите ветуваат дека ќе ги „урнат“ сајтовите на г. Трамп. Целта на нападите не е само да се срушат неговите вебсајтови, туку да се запре неговата кампања преку откривање на податоци кои би можеле да го засрамат. „Ова е повик за акција. Срушете му ги сајтовите, истражувајте и објавете го она што го крие од јавноста. Потребно е да ја деконструираме неговата кампања и да го саботираме неговиот бренд“, вели Anonymous.
Главната причина за ова е г. Трамп кој во своите говори шири омраза и нетолеранција. Дел од изјавите на Трамп во кој ги напаѓа Мексиканците, жените, муслиманите се присутни и во објавата на Anonymous. Цел на нападите ќе бидат TrumpChicago.com, donaldjtrump.com, trump.com, trumphotelcollection.com, donaldtrump2016online.com и citizensfortrump.com, вели Engaget.
На почетокот на месецот дел од членовите на Anonymous споделија телефонски разговори за кои тврдеа дека се на г. Трамп, иако до сега немаше никаква официјална потврда.