100 милиони евра во онлајн трансакции во првите три квартали од 2018 година

Во трите квартала од 2018 година направени се трансакции во вредност од 100 милиони евра со платежни картички за купување онлајн што претставува 28% пораст во однос на истиот период минатата година. Трансакциите по број забележуваат уште поголем тренд на пораст во првите три квартали од 39%.

Од направените онлајн купувања најголем дел (63%) биле потрошени за купувања од странски е-трговци или скоро 63,34 милиони евра наспроти 31,15 милиони евра остварени кон домашните е-трговци (33%). 3,8 милиони евра или 4% од вредноста на трансакциите остварени кон домашни е-трговци е направена од иматели на странски платежни картички. Направените онлајн купувања од имателите на македонски платежни картички кон домашните е-трговци забележува пораст од 51% во однос на истиот период минатата година, додека странците во Македонија потрошиле за 82% повеќе онлајн кај домашните е-трговци. Сепак треба да имаме и предвид дека во податоците од НБРМ за онлајн остварени трансакции се вбројуваат и трансакциите за плаќања на сметки за вода, струја, телефон кои се реализирани онлајн со платежни картички.

Правецот на онлајн купувања кон домашните продавачи се менува во позитивен правец за македонските е-продавници. Македонските граѓани трошат просечно на една онлајн трансакција 19.7 евра кога купуваат дома, додека 31,5 евра кога купуваат од странски е-трговци. Можеби зголемената онлајн понуда од домашните е-трговци ќе придонесе кон поголема заинтересираност за онлајн купување од домашните трговци.

“Зголемената и подобра понуда од е-трговците, подобрено искуство и поголеми можности за купувачите се клучни за зголемување на интересот на граѓаните за онлајн купување. Големите компании исто така треба да го стават во фокус овој канал за продажба првенствено заради придобивките кои ги овозможува е-трговијата, а со тоа и значајно ќе влијаат и придонесуваат кон раст на е-пазарот. Во главно она што ни фали е едукација и доверба, а таа ја градат најмногу домашните компании со нивните понуди, процеси, поддршка за купувачите и целокупно добро искуство кое ќе ги пресретне и надмине очекувањата на купувачите.” – вели Д-р Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии