10 најдобри sci-fi и fantasy книги за месец март

Месецот март беше одбележан со повеќе одлични книги, распространети низ најразлични жанрови. Во оваа прилика, издвојуваме десет книги кои успеаја да кренат најголема прашина во областа на научна фантастика, фантазија, или од двете по малку.

The Fever King, од Викторија Ли

Со оваа книга, Викторија Ли проповеда за една далечна иднина во која Соединетите Држави се на работ на апсолутен колапс, а магијата станува дел од луѓето и ги презема побрзо од каков било вирус. Ноам Алваро се буди во болница, само за да дознае дека целото негово семејство е убиено, а тој располага со моќта да управува со технологијата. Додека се учи како да ги користи ново откриените моќи, Алваро кова планови за ставање крај на суровите политики на владата.

Ancestral Night, од Елизабет Бер

Феноменалната мајсторка на пишаниот збор, особено во областа на вселенските опери, се враќа на големата врата и започнува нов серијал кој обработува далечна иднина и интимни животи на работници и самостојна вештачка интелигенција со име Сингер. Водејќи мизерни животи и крпејќи крај со крај, Халми и Коња ќе наидат на напуштен брод во чија внатрешност се крие вонземна направа која му дава на домаќинот исклучително импресивни способности. По серија од случки, направата успешно ќе се вдоми во Халми, но новите способности доаѓаат со цена и ќе го привлечат будното око на бројни фракции од галаксијата.

Infinite Detail, од Тим Моган

Во блиска иднина, приватноста е луксуз со кој никој не се одликува. Големите корпорации го контролираат светот со ригорозни надгледувања на сите агли во светот. Само едно место се пркоси на таквото нешто. Тоа место нуди можност за живот без интернет и без какви било допирни точки со надворешниот свет. Тим одлично ја прикажува таквата напната егзистенција, но и посветува подеднакво внимание на настаните поврзани со монументалниот сајбер напад и целосното уништување на интернетот и светската инфраструктура.

The Bird King, од Вилоу Вилсон

Чистокрвна фантазија која го обработува временскиот период на шпанската инквизиција и ги следи чекорите на конкубината Фатима и нејзиниот пријател Хасан. Хасан, меѓутоа, располага со невообичаена моќ со која може да црта мапи на непознати, нови светови. Откако Фатима ненамерно ќе ја открие оваа тајна, парот се наоѓа во вртоглава трка и барање сојузништво со ексцентрични индивидуалци.

The Women’s War, од Џена Глас

Една од најконтроверзните книги за месец март дефинитивно доаѓа во форма на The Woman’s War, првата од неколкуте планирани книги кои го прикажуваат општество во кое жените немаат никакви права и се користат од машката популација за продавање магични пијалаци и за сексуални потреби, барем, сè до моментот кога Рај-Бруна не започне востание кое никако не може да биде стивнато и ќе им овозможи на жените да користат насилна магија. Џена истражува проблематики кои пуштаат силни политички корени, вешто замаскирани во светот на научно фантазиски теми.

Today I am Carey, од Мартин Л. Шумејкер

Книгата е, всушност, проширена верзија на кратката приказна од 2015 година, која се викаше Today I am Paul. Today I am Carey раскажува приказна за андроид по име Кери и сите негови години поминати со семејството Овенс. Првенствено донесен да се грижи за старецот Милдред, Кери доживува свесност, а, со тоа, и способност за самостојно размислување. По смртта на Милдред, Кери останува да се грижи за останатите членови, и да го бележи поминот на времето, менувањето на семејството, и нивната неизбежна смрт. Иако Кери не може да старее, сепак и самиот доживува серија од емоции и проблематични состојби кои го менуваат до сржта.

Soulkeeper, од Дејвид Далглиш

Познатиот писател лансира нов серијал кој се фокусира на свет каде религијата проповеда за непостоењето на чудовиштата и ги става во рамките на ништо повеќе од детски мит. Девин Еверсон е чувар на души, а неговата мисија е да патува од село до село и да го шири овој збор, како и да им помага на болните. Таквата мисија станува прекината од враќањето на чудовиштата, истите монструми кои беа прогласени за невистинити. И додека хаос и деструкција се сее насекаде на светот, Девин доживува сериозна криза на идентитет и е принуден да го замени мирниот живот со целосно нова професија.

The Light Brigade, од Камерон Хрли

Камерон овој пат се истакнува со воена научно-фантастична сага во која младата Диц се приклучува на светлосната бригада и се префрлува зад непријателските линии само за да открие навидум безизлезна ситуација. The Light Brigade прераскажува динамична приказна на неискусен воин, а кулминира со војна која се заканува да го уништи човештвото еднаш – засекогаш!

Permafrost, од Алистер Рејнолдс

Оваа научно-фантастична приказна позајмува трик-два од патувањето низ времето и ве втурнува во наративно патување на крајот од 21 век. Група од очајни научници прават еден, последен експеримент кој би требало да стави крај на неизбежната климатска катастрофа. Нивниот план е да се вратат назад во времето и да направат една исклучително мала промена, промена која нема да ја промени историјата, но сепак е доволна за да се избегне катастрофално лошата судбина. Сè што им треба – учителка! Педесет години пред ова, жена се буди од операција на мозокот и слуша глас кој никако не може да го игнорира.

A Memory Called Empire, од Аркејди Мартин

За крај, навлезете во вселенска опера и во форма на новата амбасадорка Махит Змер која мора да преговара не само за нејзиниот опстанок, туку и за функционирањето на станицата на која е назначена. Користејќи го нејзиното експертско познавање на теикскаланскиот јазик и имплантот со сеќавања на претходната амбасадорка, Махит ќе биде вовлечена во политички заплети и во лудата желба на стариот цар кој, по која било цена, сака вечен живот.

Пријатно читање!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии